(ИНТЕРВЈУ) Петрески: Следна цел треба да биде целосен оброк во основните и средните училишта обезбеден од државата

by fokus

УНИЦЕФ и аналитичкиот центар „Фајненс тинк“ направија анализа насловена  „Ефектите од кризата со храна и енергија врз децата и семејствата“, која покажа дека секое трето дете во Македонија доживеало прехранбена сиромаштија во 2022 година. За анализата и за тоа како може да се надмине овој сериозен проблем разговаравме со професорот Марјан Петрески од „Фајненс тинк“ кој беше дел од тимот кој ја изработи анализата.

Кажете ни повеќе за „Фајненс тинк“ и Вашата истражувачка програма за сиромаштија, вработување и вештини?

ПЕТРЕСКИ: „Фајненс тинк“ е институт за економски истражувања и политики, сега функционира во својата 10 година. Во основата на работата е генерирање ново знаење, значи докази, наоди и резултати кои се однесуваат на економските политики и реформите, и од тоа знаење произлегуваат препораки со кои тие политики и реформи би биле поефективни, поефикасни и пооптимални. Оттука, втората компонента на работата е процесот на застапување, преку дијалог и консултации со носителите на политиките и засегнатите страни. Третата компонента е кревање на јавната свест за темите од интерес, преку преточување на тие сложени наоди и резултати во информација разбирлива за пошироката публика, која треба да придонесе за зголемување на разбирањето за општествено-економските текови и процеси.
Институтот работи во 7 истражувачки програми, од кои една е програмата „сиромаштија, вработување и вештини“, која ги третира прашањата на пазарот на трудот и социјалната политика. Основниот постулат на програмата е дека најсигурниот пат да се излезе од сиромаштија е да се инвестира во вештини и со таквите вештини да се бара и да се прифаќа работа, додека социјалната политика да служи за времена помош во услови на т.н. фрикциска невработеност, и за ранливите категории граѓани кои имаат пречки да учествуваат на пазарот на трудот. Може да биде интересно за вашите читатели тоа што во склоп на оваа програма „Фајненс тинк“ разви еден голем модел МК-МОД, кој се базира на симулациски методи за проценка на ефектите врз благосостојбата на граѓаните од тековни и предложени социјални и даночни политики. Моделот е во групата на ЕУРОМОД и е единствен од овој вид во земјата.

Што покажа вашата анализа за „Ефектите од кризата со храна и енергија врз децата и семејствата“?

ПЕТРЕСКИ: Нашите резултати покажаа дека кризата со храна и енергија изврши прилично силен притисок врз македонските домаќинства во текот на 2022 година, а благосостојбата на децата беше особено сериозно погодена. Проценивме дека кризата со храна и енергија од 2022 година фрлила во сиромаштија дополнителни околу 13 илјади луѓе, меѓу кои и околу 5 илјади деца. Главно, растечките цени на храната ја влошија благосостојбата на домаќинствата, додека влијанието на енергетската криза веројатно беше задржано од контролираната цена на електричната енергија и владината програма за субвенционирање на енергијата. Кризниот товар е особено тежок за домаќинствата со три и повеќе деца и за домаќинствата со пониско ниво на образование на возрасните членови. Имајќи предвид дека овие две категории се преклопуваат, се предвидува влошувањето на сиромаштијата со храна да претставува и ризик од глад за некои домаќинства. За 2023 година, предвидовме (во време на објава на студијата, февруари 2023) дека дополнителни 20 илјади лица од кои околу 5 илјади деца ќе паднад под прагот на сиромаштија. Ова влијание е посилно отколку во 2022 година, водено од побавниот раст на приходите во услови на сеуште растечки цени.

Како влијае
ја зголемените цени на семејствата со повеќе деца?

ПЕТРЕСКИ: Семејствата со повеќе деца беа особено погодени од кризата со храна и енергија, бидејќи тие и претходно беа особено изложени на сиромаштија. Всушност, прегледот врз стапките на сиромаштија што ги публикува Државниот завод за статистика покажува дека стапката на сиромаштија кај овие домаќинства се доближувала и до 50% и во некризни години, што значи дека секое второ вакво домаќинство живеело под прагот на сиромаштијата. Кризата само го зајакна тој ефект, и од децата кои ги споменав во претходниот одговор, голем дел се всушност со домаќинства со три и повеќе деца. Притоа, наодите покажаа дека таквите деца се и особено подложни на ризик од глад, којшто зајакна во текот на оваа криза со цените на храната и енергијата.

Кои се главните препораки за попрецизно насочена поддршка за намалување на товарот од кризата врз децата?

ПЕТРЕСКИ: Студијата даде голем контингент на препораки што носителите на политиките може да ги применат за да се намали негативното влијание врз домаќинствата, а притоа да се води сметка за капацитетот на државата сето тоа да може да го финансира. Клучната препорака беше дека е потребно целосно, иако фазно, напуштање на т.н. линеарни мерки, коишто им користат на сите домаќинства, меѓутоа се големо оптоварување на буџетот. Една линеарна мерка е на пример намалување на данокот на додадена вредност на електричната енергија од 18% на 5%, што ги намали сметките за струја на сите граѓани, меѓутоа значеше недоволно прибрани средства во буџетот. Препораката беше оваа и сличните мерки полека да се напуштат, и таму имаме делумно поместување, веќе од 1 јули 2023, ДДВ за струјата се врати на општата даночна стапка. Препораката останува за сегментите кадешто линеарните мерки се сеуште во сила. Наспроти тоа, препорачавме таргетираните мерки да се засилат, со тоа што опфатени би биле оние граѓани кои навистина не можат да го пребродат ударот од кризата и на кои им е потребна помош. Препорачавме и некои технички аспекти како на пример, индексација на видовите социјална помош двапати, наместо еднаш годишно, со цел прилагодувањето на животниот стандард на нивните приматели со движењето на цените да биде побрзо во услови на особено растечки цени. И така натаму; сите препораки може да се видат во студијата.

Што сметате дека е главната причина за појавата на кризата со храна и енергија?

ПЕТРЕСКИ: Главната причина за тековната криза се тектонските поместувања на пазарите, посебно во Европа, кои настанаа со нападот од Руската Федерација врз Украина. Се прекинаа трговските и финансиските врски помеѓу Русија и она што колоквијално го нарекуваме Западот, со што на пазарите на кои важна улога играла руската понуда, настанаа кусоци, кои ги притиснаа цените нагоре. Ова се случи во услови кога глобалната економија се уште заздравуваше по пандемијата, значи имавме се уште потешкотии во вредносните синџири, а во делот на енергијата имавме недоволно производство на струја од обновливи извори во Европа, и сето тоа веќе вршеше притисок врз цените. Во моментов состојбата е подобра, но неизвесностите сеуште постојат, бидејќи конфликтот во Украина се уште трае.

Кој е најефективниот начин да се спречи прехранбената сиромаштија, и од финансиски аспект?

ПЕТРЕСКИ: Видете, важно е да се нагласи дека во Македонија ние генерално немаме проблем на прехранбена сиромаштија, како што на пример имаат некои земји во Субсахарска Африка. Меѓутоа, имаме одредени сегменти од популацијата, кои за среќа се мали, и кои може да искусуваат инциденца на апсолутна сиромаштија, вклучително и да гладуваат. Според индикаторот за т.н. апсолутна сиромаштија, проценката е дека тие сегменти не се повеќе од 1-2% од популацијата. Ним може да им се помогне преку моменталниот систем на социјална заштита, којшто нуди неколку линии на помош, примарна е гарантираната минимална помош, којашто е пристојна и овозможува излегување од т.н. апсолутна сиромаштија. Според нашите проценки, апсолутната сиромаштија се искоренува на нула со постојниот систем на социјална заштита, меѓутоа во реалноста се јавуваат случаи поради неинформираност, недоволен капацитет да се аплицира за помошта, или постоење на критериуми за исклучување кои немаат реално значење, но може да се пречка за добивање на помошта.

Дали сметате дека треба да се обезбеди бесплатен оброк за учениците во средните и основните училишта?

ПЕТРЕСКИ: Секако дека тоа е насока во која е пожелно да се придвижиме како општество, примарно целејќи не толку кон сузбивање евентуална прехранбена сиромаштија (децата да бидат нахранети), туку кон повисоки нутритивни исходи како што е оптимална комбинација на оброк кој обезбедува здрава тежина кај децата и го поддржува развојот, имунитетот и когнитивните функции. Ние неодамна имавме во основното образование бесплатна ужина, следната цел би требало да биде целосен оброк во основните и средните училишта кој би бил покриен од државата. Тоа е и една од препораките во студијата. Секако, важно е да знаеме што сакаме да постигнеме и колку тоа не чини како држава и како општество. Но, во делот на правилната исхрана на децата, не треба да се има дилеми.

Ова интервју го направија група младински активисти во рамки на младинската програма за онлајн актвизизам имплементирана од Здружението за едукативен развој Еквалис во партнерство со Фокус, а поддржана од Националниот фонд за демократија, Европската младинска фондација и Советот на Европа.

Поврзани новости