(ИНТЕРВЈУ) Мисовски: Оптимист сум за уставни измени, но неизвесно е!

„Дали се работи за одреден интерес на некој што го финансирал и порано и сега што го финансира, дали се работи за негов личен интерес... Јас гледам дека кај дел од пратениците има расположение и затоа сум оптимист за решение. Евидентни се проблемите во ВМРО, тие се пренесуваат внатре во пратеничката група. Има пребројување кој е за Груевски, а кој е за Мицкоски“.

by Фокус

Потпретседателот на Собранието и лидер на НСДП Горан Мисовски, во интервју за најновиот број на неделникот „Фокус“, вели дека се уште има шанси да се изгласаат уставните измени пред изборите, но неизвесно е дали тоа ќе се случи. Тој се сомнева околу мотивите на Христијан Мицкоски зошто се противи на процесот.

Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ

ФОКУС: Има ли сѐ уште шанси да се усвојат уставните измени, зашто дојде ноември, кој беше посочен од Ахмети како временска рамка кога тоа ќе се случи?
МИСОВСКИ: Реални шанси секогаш има, само треба добра волја и она што е многу важно – чувство да си ја сакаш државата. Очигледно, Христијан Мицкоски тоа не сака да го направи и мислам дека повеќе има волја кај пратениците на ВМРО-ДПМНЕ отколку кај Мицкоски. Не знам од кои причини ги држи во заложништво, нели потпишуваа и нотарски изјави, но очигледно дека тој не си ја сака државата, сака да назадуваме како нација наместо да се договориме за нешто суштински важно, односно да се движиме кон ЕУ.

Така што јас сум оптимист, не велам дека не може да се случи, но неизвесно е.

ФОКУС: Мицкоски вели обратно, дека вие правите национално предавство, па каде е тука вистината? Или се работи за различна перцепција?
МИСОВСКИ: Прво, хистеријата што ја шири дека ние работиме по бугарски диктат е погрешна. Жалам што со таква реторика ги лаже своите членови. Нема бугарски диктат, туку имавме француски предлог што потоа стана предлог на сите членки на ЕУ. Еве да не го промениме Уставот, некоја следна влада ќе го има истиот услов.

Јас присуствував на неколку средби со високи претставници на САД и ЕУ, вклучително и на средбата со Борел, каде што јасно ни посочи дека, без разлика што следната година има избори во ЕУ, тој предлог не може никој да го репреговара. Дури и да пробаш да го отвориш тоа прашање, ќе бидат потребни 2-3 години.

Да си го гледаме нашиот државен интерес, зашто ако, не дај Боже, не ги стигнеме роковите, следната година нема да нѐ чека Албанија. Ќе ја издвојат во тој процес и ќе останеме со Босна и Косово. Јас мислам дека ние сме членка на НАТО и безбедноста никој не може да ни ја доведе во прашање, но дефинитивно ќе отвориме некоја Пандорина кутија, која може да ни биде голем национален проблем.

ФОКУС: Слично говори и Таравари, според кого, ќе се отворат теми за ново државно уредување и политички систем. На тоа ли мислите и Вие?
МИСОВСКИ: Сѐ е можно!

Ако го земеш примерот со промената на уставното име според договорот со Грција… Во 2008 година, кога ни беше посочено дека, и покрај неуспехот во Букурешт, сепак треба да продолжиме со разговорите, Груевски одлучи да оди на предвремени избори. Следниот предлог беше полош од претходниот. Затоа се плашам дека некој следен предлог ќе биде полош, иако сите челници во ЕУ велат дека ова е предлогот, дека треба да си го испочитуваме.

ФОКУС: Верувате ли дека Бугарија нема да поставува нови блокади ако ете да речеме некако поминат уставните измени?
МИСОВСКИ: Убеден сум дека нема да има следни услови, дека Бугарија нема интерес да го спори нашиот интеграциски процес, а многу посилни беа пораките од Борел и Фон дер Лајен, дека тие како ЕУ стојат на тоа што треба како домашна задача да си го завршиме. На крајот од денот, ако се движиме кон ЕУ и ги водиме преговорите, еве скринингот добро тече, значи ние сме многу поблиску до успешно завршување на процесот отколку претходниот период.

Ако сме одлучиле да се движиме кон ЕУ, а анкетите покажуваат дека повеќе од 75 проценти од граѓаните бараат да водиме таква политика, и ако високите европски челници говорат вака, треба да им веруваме. Тоа Мицкоски го знае добро, а зошто одлучи со ригиден став да работи против интересите на граѓаните, отвора многу сомнежи.

ФОКУС: Какви сомнежи?
МИСОВСКИ: Дали се работи за одреден интерес на некој што го финансирал и порано и сега што го финансира, дали се работи за негов личен интерес… Јас гледам дека кај дел од пратениците има расположение и затоа сум оптимист за решение. Евидентни се проблемите во ВМРО, тие се пренесуваат внатре во пратеничката група. Има пребројување кој е за Груевски, а кој е за Мицкоски.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости