И Рајан Гослинг се претставувал како Илија Димовски

by lali

И холивудската ѕвезда Рајан Гослинг заработи кривична пријава од Илија Димовски за лажно претставување. Ова е втор ваков случај за многу кус период, пред неколку дена Димовски на вонреден прес обелодени дека еден од опозициските советници од Општина Неготино се претставувал со негово име и презиме.

Адвокатот на Рајан Гослинг не беше достапен за коментар, но медиумите преку барата шпекулираат дека Гослинг сакал да го искористи шармот и угледот на Димовски за да се сретне со американскиот претседател Барак Обама.

– Ако е и од Холивуд многу е. Јасно е дека Рајан ги злоупотребил моите блиски односи со Барак за себепромоција, кратко изјави пратеникот од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ на новата вонредна пресконференција која ја свика вчера 15 минути пред полноќ, а 15 минути по 23:30.

Откако Илија Димовски пушти брада голем дел од женската популација сексипилниот холивудски актер го споредуваше со пратеникот од Велес. Ова не е прв пат Американците да ги копираат нашите политичари, јавноста добро знае, како што пишуваа „Куририте“, дека Обама на неколку пати посегна по успешните политики на Никола Груевски.

„Коза ностра“ дознава дека за скандалот веќе е подготвено сценарио за филм кој ќе го носи насловот „Ѓаволот носи брада“, а се уште не е познато кој ќе ги глуми Илија Димовски и Рајан Гослинг и дали тоа ќе биде само еден актер бидејќи двајцата се едноставно идентични.

Поврзани новости