Како тајните служби си формираат партии?

by Фокус

Текстот е објавен на 18 декември 2009 во неделникот „Фокус“ во бројот 755

Пишувал
Бобан НОНКОВИЌ

ВМРО-ДПМНЕ била создадена на почетокот од 90-тите години на минатиот век од страна на поранешната југословенска разузнавачка служба УДБА, која веќе го контролирала СДСМ! Албанските партии во Македонија, дел се дело на албанската ШИК, а дел на контра-разузнавачката служба на СФРЈ – КОС, додека српските и останатите политички претставници на малцинствата кај нас, биле творба на македонските служби!

Сите овие нагаѓања до денес може да се забележат како кружат низ разговорите за „висока политика“, во секое ќоше, на секоја седенка, па дури и на неофицијалните политички средби во Македонија. Сепак, она што е вистина, тоа е фактот дека никој до сега не успеал да го докаже ова незгодно етикетирање на политичките партии со никаков официјален податок, службена белешка и сл., па лустрацијата да го „лапне“ првиот голем политички субјект.

Но, како заклучок од ваквите размислувања, може да се земе опседнатоста или, можеби „јавната тајна“, дека безбедносно-разузнавачките служби во државава, имаат сериозно влијание врз некои политички одлуки, т.е. „влез“ во некои политички субјекти. А, за првпат, ексклузивно за „Фокус“, Бранко Скендерски, поранешен армиски соработник задолжен за психолошко-пропагандни дејствија во ЈНА, го открива заговорот што се обиделе да го направат „безбедњаците“.

Врбувајќи го него, како експерт за бугарско-македонските односи, а со уцена да ги решат неговите приватни проблеми, лица од безбедносно-разузнавачките кругови на Македонија, пред две години се обиделе да го инструираат, заедно со уште четворица други „македонски Бугари“, да формираат политичка партија на Бугарите, која официјално ќе ги брани правата на малцинството од оваа земја-членка на Европската унија што живеат во Македонија. Зад превезот на „демократична борба за правата на Б’лгарите“, се разбира, целта била да се контролираат и диригираат потезите на ваквата партија.

Но, да одиме со ред…

Бранко Скендерски е познат по случајот „Слупчански бунар“, што пред четири години го објави „Фокус“, а беше поврзан со актуелниот началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, Мирослав Стојановски. Имено, овој поранешен соработник на Контра-обавештајната служба (КОС) на СФРЈ, тогаш го обвини генералот Стојановски дека неговата единица „Шкорпиони“, за време на војната во 2001 г. ги запоседнала, употребувала и уништила објектите на неговата компанија „Колос Комерц“ во месноста Слупчански бунар.

Но, иако на трипати успевал на првостепен суд да го добие случајот против Министерството за одбрана, за барање од 9,5 милиони денари отштета, докажано со снимени фото и видео-материјали за присуство на војниците на неговите објекти во тој период, сепак, на двапати Апелациониот и еднаш Врховниот суд го враќале предметот на повторно одлучување. Четвртиот пат, кон крајот на 2008 година, и покрај тоа што кумановскиот Основен суд повторно пресудува во негова корист, Апелација ја преиначува пресудата во корист на државата, а Врховниот суд потврдува на штета на Скендерски.

Увидувајќи дека не може да се бори со државата, Бранко Скендерски, магацините со стоката со која работи неговата фирма „Колос комерц“ (електроди, плочи за брусење метал, палена жица, шајки и др.), ги сели во хангари на земјоделското училиште во Куманово. Но, тука не завршуваат проблемите на овој поранешен „врскар“ на ЈНА со државните безбедносни органи, па паралелно со судскиот процес што го води против АРМ, според зборовите на Скендерски, тој потпаѓа под полициска тортура и обработка.

АКО НЕ ПРАВИШ БУГАРСКА ПАРТИЈА, ЌЕ ОСТАНЕШ НА УЛИЦА

– Бидејќи останав без простор, ја напуштив дејноста малопродажба на градежни материјали и почнав да продавам само електроди за заварување, подлошки за јајца и плочи за брусење на метал на големо. Но, не ме оставија на мир! Во новите објекти, како што се ближеше разврската на судскиот процес против АРМ, така почнаа притисоците од полицијата, со кражби на магацините! – директно обвинува газдата на „Колос комерц“.

Во 2007 година, според зборовите на Скендерски, се извршени шест кражби на неговите магацини, за период од 12-ти мај до 3-ти септември, при што за сите нив, Министерството за внатрешни работи – подрачна единица Куманово, било известено, а увид на лице место вршеле овластени инспектори, за што му е дадена и потврда, со цел да не плаќа ДДВ на украдената стока. Но, подоцна, од негови извори блиски до полицијата, тој дознава дека не е вршена никаква вистинска анализа на податоците, лабораториски проверки на отисоци и сл., туку само е направена проверка колку да се каже дека „луѓето во сино“ реагирале на неговата пријава.

-Полицајците постапиле по пријава, но без волја за откривање на крадците! За таа ситуација, со допис ја известив министерката Гордана Јанкуловска, бидејќи проверив дека во Јавното обвинителство нема никакви податоци за сторителите на кражбите од страна на полицијата, со оглед на тоа што до нив не биле доставени оперативни податоци за сторителите! Ова го велам, бидејќи тоа лесно можеше да се открие, нашите електроди носат специфичен број (шаржер), што само јас ги имам на испораките, а и се знаат пазарите во Македонија каде се продаваат такви работи. Сакав Јанкуловска да се ангажира, за да се најдат крадците. Во писмото до неа изразив сомневање дека се работи за учество на безбедносно-полициски структури во оваа работа. Тоа сомневање го темелев врз база на податокот што индиректно ми беше нудено обезбедување на магацинот од Агенција за обезбедување каде сопственици се инспектори на МВР од Куманово и Штип, продолжува Скендерски, оставајќи го шлагот на целата полициски одработена торта за крај.

– Главната работа што ми беше понудена е соработка со полициски структури на безбедносно-разузнавачки план, како поранешен соработник на воената единица за пропагандно-психолошко дејствување. Се разбира, понудата ја одбив! – поентира искусниот разузнавач.

Што му понудиле „безбедњаците“ од МВР на Скендерски е прашањето, на кое тој одговара „од прва“:

–  Бараа со мене соработка на безбедносен план на многу полиња. За една работа, што ми одговараше, со цел да добијам повратна информација за мојот случај од полицијата – одговорив и им дадов информации. Но, главната работа за која бев „врбуван“ е понудата, заедно со уште четворица други луѓе од Македонија, да формирам бугарска партија. Имињата на тие луѓе ги имам, но ниту ги знам лично, ниту досега сум контактирал со нив, а ќе ги откријам кога за тоа ќе дојде време, загатнува „пензионираниот“ разузнавач, а сега бизнисмен.

Сепак, зошто е избран токму тој да ја изврши оваа задача за МВР, Бранко Скендерски вели дека е поради тоа што во министерството го имаат неговото досие и знаат за што бил обучуван во Белград како армиски соработник задолжен за психолошко-пропагандни дејствија во ЈНА.

– Верувам дека имале информација како токму од мојата соработка со армиските структури, специјалност ми била обработката на Бугарија, т.е. нејзините историски факти и начинот на убедување преку македонско-бугарските односи. Тоа е една од причините зошто бев избран. Нема место во Бугарија каде не сум бил, познавам широк спектар на луѓе таму (политичари, бизнисмени, разузнавачи…), а и нон-стоп сум во движење низ балканските држави. Близок сум со високи политички структури кај нашиот источен сосед, а во МВР знаат и дека сум добар пријател со сите од поранешната Балканска банка, на чело со Иван Павлов. Јас бев и еден од најголемите акционери во банката и уште оттогаш, ДБК и МВР ме обработувале и барале податоци за движењето на Иван Павлов. Како и да е, јас одбив да соработувам со полицијата во оваа акција и убеден сум дека тоа е основната причина за да се случат кражбите и тенденцијата да ме уништат финансиски! – бескрупулозен во откривањето на вистината е Скендерски.

СУДСКИ ЗАГОВОР ЗА ОДБИВАЊЕ НА ТУЖБАТА КОН АРМ

Сепак, тој инсистира и на прикажување на целата акција за грабеж на неговите магацини од безбедносните структури, со што само ќе им ги отвори очите на останатите бизнисмени во Македонија, што ненадејно остануваат без својот бизнис и имоти за што придонеле „невидливи сторители“.

– Најпрво ми беше разбиен магацинот, но не пријавив во полиција, бидејќи ништо и не беше украдено, што по сѐ што се случи, го толкувам како првична опомена. Во првата пљачка ми беше украдена небитна, неконкурентна стока, за која ми е направена штета од 145 илјади денари. Тогаш дознав дека човек од безбедносните структури, близок на врвот на МВР, дал информација што да се украде, бил наредбодател и организатор на кражбата, а истиот тој бил близок и со мене! Вториот пат, откако јас не паднав на овие провокации, пријавив кражба, при што на увид дојдоа повеќе луѓе од МВР: алфи, инспектори, сниматели…, и јас, имајќи искуство со нив, им кажав дека крадците биле неуки, непрофесионални, со оглед на тоа што не ја украле скапата стока, која намерно им ја покажав. Се разбира, веќе погодувате, третиот пат, токму таа стока беше украдена, иако добро ја затскрив! Тоа е основниот аргумент по кој извлеков дефинитивен заклучок дека луѓе од МВР стојат зад кражбите. Вториот аргумент е фактот што ниту еден мој вработен, ниту ноќните чувари и вработени во земјоделското училиште, раселените лица од Матејче што живеат таму – не се сослушани, ги открива наодите од сопствената истрага Бранко Скендерски, за она што, според него, не сакале да го направат од МВР.

Па, така, со сите овие наводи и целата приказна, Скендерски испратил допис до министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, од која одговор не добил, иако писмото му било примено од МВР и заведено во архивата под бр: 07/55449 од 4-ти септември 2007 година. Во меѓувреме, тој постојано се распрашувал во МВР и во Јавното обвинителство дали имаат податок за кражбите што му се случуваат, но оттаму одговорот бил негативен. На 24.03.2008 г., тој повторно испратил допис до министерката, овој пат пуштен по пошта, но нема повратна информација. За таа цел, на 15.06.2009 година, лично, со допис до архивата на МВР, заведен под број: 07/55449/2-07, ограбениот бизнисмен укажал дека третпат по ред и се обраќа на Јанкуловска, и за првпат укажува дека има сознанија како полициски луѓе, при извидување на увидите од лице место, само глумеле работа, а ништо не направиле од типот на лабораториски анализи и сл. Но, повторно нема ништо, и од тој датум, па до денес, Гордана Јанкуловска и врвот на МВР не одговараат.

– Верувам дека нема ни да има, со што заклучувам дека полицијата е замешана во моето уништување како фирма и како личност. Тие знаат дека сум претрпел огромна штета во воениот конфликт, дека имам земено кредити, заради што продадов четирисобен стан во Куманово, за да го отплатам кредитот во Уни банка. А, ако продолжат да ме уништуваат, ќе немам ништо и ќе ја оштетат и Уни банка, каде останав должен уште осум милиони денари. Сега, сѐ што поседувам, куќа во Берово и магацините, се под хипотека на банката и во Куманово живеам со синот под кирија. Според моите информации, вршен е голем притисок на судијката Лирија Ќоку од Апелациониот суд, која, не случајно беше избрана, оти по пресудата за мојот предмет – заврши во пензија.

Плус, иако последното рочиште беше одржано на 18-ти декември 2008 г., пресудата ја добив во април 2009 година! Не уважија ниту еден аргумент и сведок што ги приложив: тенкист што бил во моите објекти за време на војната, комплетен филм и слики дека армијата користела материјал од моите објекти, старешини што кажуваат дека имало материјал во објектот и сл. На крајот, пресудата беше смешна, од што се извлекува заклучок дека терористите дошле да им направат бункери, спални, трпезарии на АРМ, па се повлекле и им ги отстапиле направените фортификации на нашите војници!?

Односно, судот му даде верба само на она што го тврдеше Министерството за одбрана. По пресудата на Апелација, поднесов ревизија до Врховниот суд, која е одбиена, а, според моите информации, претседателот Јово Вангеловски се мачел како да состави совет за да ми ја одбијат жалбата. Првиот совет му дал до знаење дека пресудата треба да се донесе во моја корист, по што е формиран втор, па трет совет, каде имам информации дека двајца судии не сакале ниту записникот да го потпишат, за на крај судиите: Сафет Алиу, Зират Лимани, Стефка Ристевска, Благој Доновски и Мирјана Радевска, без никакво образложение да ја одбијат мојата жалба за ревизија како неоснована. Пресудата е политички донесена, според моите сознанија, под притисок на министерот за правда Михајло Маневски и претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски.

Таа е донесена на 24.06.2009 г., а мене по голем број барања до Архивот на Врховниот суд, врачена ми е дури на 12-ти октомври годинава. Ова доцнење има двократно значење: прво, што не можеле да обезбедат политичка согласност како да ја донесат, оти расположението било да се преиначи пресудата во моја корист. Второ, намерно одолговлекување, за да биде покус рокот за жалба до меѓународниот суд на правдата во Стразбур, со оглед на тоа што од донесувањето на пресудата, во Стразбур се поднесува најдоцна за шест месеци, а на 24-ти декември ми завршуваше рокот. Тоа се факти што зборуваат за нивното политичко и свесно носење на таква пресуда, неуморен е во изнесувањето на фактите оштетениот Бранко Скендерски.

ОСНОВАЧ НА ВМРО-ДПМНЕ, А СТРАДА ОД МИНИСТРИТЕ НА СВОЈАТА ПАРТИЈА

Зошто гледа политичка позадина во неговата пресуда, иако фактите што ги има повеќе укажуваат на разузнавачко-безбедносни мотиви, Скендерски вели дека има причина и за такво сомневање.

– Јас сум член на ВМРО-ДПМНЕ од неговото формирање во 1990 година, виден активист и финансиер, но, никогаш ништо не сум побарал, ниту сум добил од мојата партија што сега е на власт. Не сум бил близок со никој од властите, ниту сум сакал да бидам. Напротив, повеќето ме знаат како тврд и тешко кршлив човек, кој не сака да плати под маса за да му завршат работа.

Како таков, никој не ми побарал ништо, за разлика од други луѓе што ги познавам кои си завршиле работа со „подмачкување“. А, каде гледам политичко влијание? Само ќе потсетам на моето отворено обраќање во весникот „Време“, како одговор на тоа што Михајло Маневски, кога станува министер за правда во 2006 година, изјави дека милиони евра се плаќале за отштети, а државата не реагирала.

Јас му реков дека тој е министер за правда и треба правдата да го води, а не во јавноста да се прикажува како Јавен правобранител и притоа посочив дека нема пресуда за тужба за барање отштета од државата, што во време на Маневски некој воопшто ја добил. За овој проблем, може да зборуваат многуте судии над кои се вршело притисок да носат такви пресуди!, порачува за крај поранешниот армиски соработник за пропагандни работи на КОС, со надеж дека во Македонија, конечно, ќе се отворат приказните за полициски закани, кражби, подметнувања, врбувања на обичните граѓани за полициски цели и сл.

А, што се однесува до функционирањето на старо-новите политички партии во Македонија, останува да го почекаме формирањето на одамна најавуваниот политички субјект на Бугарите во државава, кој уште не роден, веќе си ја доби својата обработка.

Поврзани новости