Холандија со проект за поддршка на СЈО, Јанева верува дека Македонија може да биде успешен пример

by fokus

Денес свечено беше отворен и презентиран проектот „Заедно за одговорност: Поддршка на Специјалното јавно обвинителство на Македонија во зајакнувањето на неговите оперативни капацитети и капацитетите за меѓународна правна соработка“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Кралството Холандија преку програмата „Матра“.

Во своето обраќање по повод почнување на проектот, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева рече дека иако целта на овој проект е поддршка на Специјалното јавно обвинителство во неговиот мандат за истраги и гонење преку развивање на неговите оперативни капацитети за ефективно водење на истраги и гонење и зајакнување на неговите капацитети за меѓународна правна соработка, сепак истиот има исклучително значење на генерален план од аспект на обезбедување на владеење на правото во Република Македонија.

-Во оваа насока би сакала да потенцирам дека и покрај специфичната надлежност која ја има Специјалното јавно обвинителство, сепак, основната цел која ја делиме со сите јавни обвинителства е борбата против организираниот криминал и корупцијата. Оттука, уверена сум дека овој проект ќе претставува уште еден поттик за останатите колеги –јавни обвинители за искористување на сите расположливи механизми во поддршка на нивната работа, охрабрување за меѓуинституционална соработка, но и давање свој максимален придонес во обезбедување на одговорност и отчетност на институциите во Република Македонија.
На крајот, цврсто сум убедена дека сите заедно како партнери, преку реализација на
активностите кои ќе ги превземеме во овој проект, ќе успееме да покажеме дека
Република Македонија има капацитет да претставува успешен пример за земја во која
владењето на правото функционира, но и дека правосудните институции располагаат со потребните капацитети за справување со организираниот криминал и корупцијката во интерес на граѓаните на Република Македонија, рече Јанева.

Проектот, кој е во траење од три години, е поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија, а партнери на Специјалното јавно обвинителство во овој проект се Центарот за меѓународна правна соработка CILC oд Кралството Холандија и Јавно обвинителската служба на Кралството Холандија.

Поврзани новости