Го стегнав срцето и го испратив да им помага на болните – вели сопругата на Др. Клопчевски, кој не знае кога ќе се врати од болницата во Дебар

by Fokus
Примариус доктор Драган Клопчевски (60), специјалист интернист, пред три дена замина на работа во болницата во Дебар, која во моментот е жариште на корона вирусот. Неговото семејство остана во Скопје, во надеж дека ситуацијата со опасниот вирус ќе заврши добро за сите и што е можно поскоро.

Кога повторно ќе го видат својот татко и сопруг не знаат, и велат дека целиот медицински тим кој работи за доброто на нацијата и во овие моменти безусловно е во служба на народот, треба да го понесе епитетот народни херои.

Сопругата на Др. Клопчевски, Валентина, по професија е професор. Работи како одделенски наставник во Скопје, а синовите решиле да тргнат по стапките на својот татко. Постариот, кој има 21 година е студент по медицина, а помалиот е ученик во средното медицинско училиште.

За ,,Фокус” таа раскажува дека изминативе три дена им се тешки, но се обидуваат да бидат позитивни и да не ја изгубат надежта дека сето ова со пандемијата ќе биде зад сите нас.

-Драган веќе 16 години работи и во болницата во Дебар. Секоја недела тој патуваше од Скопје за време на работната недела, за викенд си доаѓаше дома. Кога пред три дена го испратив до Дебар, поради посебниот протокол, стигнав со него само до Бошков Мост. Таму беше нашето место за разделба. Тој го помина мостот пеш, а јас останав да го испратам со поглед. Што да мисли човек во тие моменти? Како да се чувствува? Го стегнав срцето… Тоа е негова должност кон општеството, да биде тука за пациентите, во добро и во лошо… Тој е мојот сопруг и таткото на нашите деца, столбот на семејството, но ете, пред се е доктор кој мора да го даде својот придонес за доброто на човештвото – раскажува Валентина.

Вели дека колку и да не сака да размислува што би можело да се случи, сепак реалноста е дека стравот е голем. Бројот на заболени во Дебар секој ден расте, вирусот е нов и недоволно познат, не може да се знае што може да се случува и во кој правец ќе се одвиваат нештата.

-Не можеме да претпоставиме кој е носител на вирусот додека не се појават симптомите. Тоа е загрижувачката работа, не знаеме кој може да го пренесе. Мојот сопруг е во контакт со болни лица постојано, не смирува дека е заштитен, но грижата ми останува, тоа е сосема нормална појава. Се слушаме телефонски, Драган звучи смирено, мене и на синовите ни вели да не се грижиме. Не знам, можеби само сака да не смири и утеши во овие моменти, можеби звучи како да нема страв, бидејќи не сака и нас да не плаши дополнително… Не знаеме кога пак ќе се видиме, кога ќе ни се собере семејството, неизвесноста ни лебди… Но, мораме да бидеме силни, тој е нашиот херој, затоа и ние мора да останеме силни – вели сопругата на храбриот доктор.

Апелира до целата јавност да ги слуша препораките на Министерството за здравство и да не се излегува без потреба. Во време кога медицинскиот персонал е во првите редови против вирусот, порачува барем граѓаните од кои единствено се очекува да останат дома, изолирани, да не ги прекршуваат правилата, за доброто на сите.

-Јас и синовите сме постојано дома. Одам во маркет по намирници и тоа ми е единственото излегување. Седиме на балконот, чекаме се да помине, се надеваме на добро. Ги замолувам сите граѓани да имаат голема свест во овие моменти. Да мислат на колективното здравје, да мислат на оние кои семејствата ги оставија и со белите мантили заминаа да се борат за нечиј живот, изложувајќи го својот на ризик. Да не бидеме себични, времето поминато дома не е никаква казна или пак нешто кое треба да ни паѓа тешко. Тоа го налага ситуацијата, мора да се почитува и да се мисли на сите ранливи групи, на оние за кои вирусот може да биде смртоносен. Останете дома, дајте го својот придонес – раскажа за ,,Фокус” Клопчевска.

Во Дебар и Центар Жупа од 13-ти март е воведена кризна состојба поради коронавирусот. Според вчерашните информации од Министерството за здравство, во земјата имаше 23 лица позитивни на вирусот, а за две лица чии тестови направени во приватната болница ,,Жан Митрев” биле позитивни, резултатите се чекаа денес. На Инфективната клиника во Скопје до вчера се лекуваа 14 лица, а пак во болницата во Дебар девет лица.

Последна информација од МЗ е дека до 12 часот денес бројката на позитивни случаеви изнесува 26.

-Тестирани 10 пациенти и позитивни се тестовите на тројцата пациенти кои се тестирале во Клиниката „Жан Митрев“ – информираат од Министерството.


Вики Клинчарова

Поврзани новости