Гаши за Фокус: Ќе го поразиме ДУИ и ќе формираме влада со победникот во македонскиот камп

by Фокус

Очекуваме сигурна победа во албанскиот блок, што не е само предизборна флоскула, туку убедување како резултат на поголем сплет на околности и фактори, започнувајќи од истражувањата на јавно мнение, соединување на две големи албански политички партии во една коалиција, па се до потребата на граѓаните за промена на политичкото претставување на Албанците во власта после цели 18 години, вели во разговор за Фокус Африм Гаши, лидер на Алтернатива и носител на пратеничката листа во втората изборна единица на коалицијата на Алтернатива со Алијанса за Албанците. 

ФОКУС Кои прашања ќе доминираат во текот на кампањата? Дали клучно ќе биде справувањето со здравствената и економската криза или ќе се обидете да наметнете и други прашања?

ГАШИ Прашањата за здравствената и економската криза се непремостливи прашања на оваа предизборна кампања кои бараат одговори и кои сами по себе се наметнуваат како приоритет и секако дека и за нас како коалиција Алијанса за Албанците и Алтернатива тие прашања претставуваат врвен приоритет. Но, ние секако дека ќе наметнеме и други прашања кои се од суштествена потреба на граѓаните поврзани со економскиот развој, образованието, правната држава и ред други работи претставени во нашата програма наречена „Држава за сите“.

ФОКУС Каков резултат очекувате на изборите и кои се главните фактори кои ќе определат кој ќе победи на изборите, но и кој ќе успее да формира влада? Дали формирањето на владата ќе го диктираат исклучиво изборните резултати или пак тоа може ќе зависи од политичките компромиси?

ГАШИ Ние, како коалиција, очекуваме сигурна победа. Тоа не е само предизборна флоскула, туку убедување како резултат на поголем сплет на околности и фактори, започнувајќи од истражувањата на јавно мнение, соединување на две големи албански политички партии во една коалиција, па се до потребата на граѓаните за промена на политичкото претставување на Албанците во власта после цели 18 години. Според мене, идната влада ќе биде составена од две коалиции: првата ќе биде победничката коалиција во македонскиот политички камп и втората ќе биде нашата коалиција „Алтернатива-Алијанса“. Убеден сум дека ваквиот состав на идната влада ќе биде изведен од изборниот резултат на изборите од 15 Јули. Бидејќи сите политички партии се веќе подготвени на компромиси, кои се во рамките на нормална политичка битка во државата, јасно е дека ниту една политичка партија, односно коалиција, не може самата да освои мнозинство на пратеници, потребни за формирање на влада. Затоа компромисот за формирање на влада е императив на секоја победничка коалиција на овие избори, но и секои идни парламентарни избори, сѐ додека политичкиот систем и изборниот модел е ваков како што е актуелниот.

ФОКУС Како гледате на барањето на ДУИ следната влада да ја води премиер-Албанец? Од ДУИ ве повикаа и вас да се приклучите на овој концепт, па каков е вашиот став во однос на тоа и какво е вашето мислење за Насер Зибери?

ГАШИ Изборниот маркетиншки трик наречен „Премиер-Албанец“ во овие избори не е непознат феномен во науката која се занимава со односи со јавноста. Партијата која си поигрува со овој феномен сака да ги прикрие сите свои неуспеси во овие 18 години и со намера да ја дефокусираат јавноста тие лансираа ваква „идеја“ се со цел да се одбранат од нападите на граѓаните од сите свои големи подлегнувања, политичка импотенција, корупција и криминал како и недоветни политики кои ги следеа за овие 18 години. Ако е тоа така, а бидете сигурни дека така е, тоа значи дека оваа идеја не може да се анализира од перспектива на сериозна политичка понуда, туку само под призма на маркетиншки трик во предизборието. Тие се преплашени од големиот пораз кој го гледаат дека им надоаѓа и сакаат некако да го ублажат поразот ширејќи магла на јасната слика во албанскиот камп, каде нашата коалиција „Алијанса-Алтернатива“ е во „пол-позиција“ и се наговестува голема победа во сите населени места каде што живеат Албанци во нашата држава. Следствено на тоа, и конкретното име изведено и номинирано за таа „позиција“ не можам да го коментирам воопшто.

ФОКУС Како досега функционира предизборната коалиција што ја формиравте со Алијансата за Албанците? Врз кои принципи беше формирана оваа коалиција и дали таа е производ на прагматична одлука за здружување на силите или пак има постратешка цел?

ГАШИ Од денот кога е постигнат договорот за коалиција помеѓу нашите две политички партии, можам одговорно да тврдам дека односите во коалицијата само се подобруваат и се зајакнуваат од ден на ден. Нашата коалиција е формирана најмногу затоа што беше барање на албанското гласачко тело, но и затоа што хармонизацијата на нашите изборни програми лесно се изврши, а тоа беше за нас аргумент плус дека коалицијата е поставена на силни нозе. Освен тоа, ние се договоривме дека нашата коалиција ќе потрае најмалку до следните парламентарни избори и се надеваме дека стратешката поставеност на двете партии во една ваква коалиција ќе произведе успешната соработка меѓу нас, а од друга страна ќе биде во корист на граѓаните на оваа држава.

ФОКУС Лидерот на СДСМ Зоран Заев јавно говори дека посакува ДУИ да замине во опозиција, што алудира дека неговата посакувана варијанта е постизборно да формира влада со коалицијата АА+Алијанса. Би имале ли проблем да бидете во иста влада со БЕСА, која настапува во предизборна коалиција со СДСМ?

ГАШИ За нас, како Алтернатива е битно заедно со Алијанса за Албанците да издвоиме победа во албанскиот политички камп. После сите удари и атаци кои ни ги зададоа од сите страни, многу брзо се соземавме и се вративме како феникс од пепелта, исчистени од сите инфилтрирани струи, па сега ние имаме многу јасен и кристализиран политички идентитет, а од друга страна од партија која беше отпишана сега е во изборна трка за големата победа. Нашата политичка битка ќе биде фокусирана на постигнување убедлива победа во албанскиот електорат, со тоа што ќе добиеме легитимитет за политичко претставување на Албанците во државата. Како ќе биде после избори, тоа ќе видиме потоа. Првенствено, ќе треба да видиме какви ќе бидат изборните резултати и кои се можните комбинаторики за составување на идната влада базирана на нашите програми и принципи, така што заедно со Алијанса за Албанците ќе решиме заедно што е најдобро за нас како коалиција, за Албанците, но и воопшто за граѓаните.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поврзани новости