ФОТО Мермерното езеро забрането за посетители, се копа нов рудник до него

by Fokus

Mермерното езеро во прилепското село Беловодица стана голема атракција за граѓаните. Откако прекина со работа рудникот во селото, а празнината од ископот природно се наполни со вода, илјадници граѓани го посетија езерото кое лежи на мермер.

Сепак, ако некој деновиве се обиде да отиде до планинското езеро, ќе биде вратен од чуварот и камионите поставени таму, бидејќи до него сега никнува нов рудник. Граѓани испратија фотографии до „Фокус“ од новата ситуација кај мермерното езеро. Раскажуваат дека се искачиле на планината, но од чуварот и неколку други граѓани им било забрането да се приближат до езерото со изговор дека сега тоа е „нивна сопственост“ и не смеат ниту да го фотографираат.

„Фокус“ испрати прашања до Министерството за економија, кое е задолжено за рудниците во Република Македонија, од каде добивме одговор дека концесијата ја има Друштвото за производство, промет и услуги „Лазароски Унимарбле“ од Прилеп. На 01.09.2013 година во Службен весник е објавена одлука потпишана од тогашниот вицепремиер Зоран Ставрески, концесијата на грчката фирма „Граните марбле хаѕопулос“ за ископување на мермер во прилепското село Беловодица да ја пренесе на „Лазароски Унимарбле“.

Две години подоцна, владата на Никола Груевски се премислила, па на 10.03.2015 година, во Службен весник се појавува одлука потпишана од екс вицепремиерот Владимир Пешевски за еднострано раскинување на договорот. Фирмата тужела за оваа одлука и еднаш го добила предметот, кој бил пратен во второстепениот суд, од каде пак го пратиле на повторно одлучување во Основниот суд во Прилеп.

На 15.12.2017 година, прилепскиот суд одлучува да ја потврди пресудата, со што Друштвото за производство, промет и услуги „Лазароски Унимарбле“ увоз-извоз ДОО Прилеп си ја враќа концесијата за ископување мермер веднаш до мермерното езеро.

Во октомври минатата година, вицепремиерот и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски потпишал одлука со која се одбива иницијативата на Друштвото за производство, промет и услуги „Лазароски Унимарбле“ за истражување на минерална суровина – травертин на локалитетот „Милеви Ниви“ во прилепското село Врпско.

Александар Тодески

 

Поврзани новости