Епидемиологот Радовановиќ: Мора да се одговори зошто дури 70 лекари починале од Ковид-19 во Србија?!

by fokus

Српскиот епидемиологот проф. Д-р Зоран Радовановиќ изјави денеска дека Кризниот штаб и Министерството за здравство мора да дадат одговор на прашањето зошто 70 лекари починале од последиците на коронавирусот од почетокот на пандемијата во Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

Радовановиќ изјави дека не е познат бројот на смртни случаи меѓу другите медицински работници, како и дека и тие податоците треба да бидат достапни на јавноста.

-Според достапните податоци, во Словенија ниту еден лекар не починал од коронавирус, додека во Хрватска е забележан само еден смртен случај. Толку високата стапка на смртност во Србија мора да се испита, изјави епидемиологот за агенцијата Бета

Радовановиќ оцени да има индикации дека лекарите не добиле соодветна заштитна опрема.

-Имаме, иако сеуште непроверени информации, дека лекарите во некои болници добиле заштитни одела кои штитат од прашина или дека тие иако биле за еднократна употреба морале да се користат повеќе пати. За жал, сè уште немаме докази, но овие тврдења треба да бидат проверени, кажа професорот.

Тој додаде дека лекарите, поради страв, не смеат јавно да ги потврдат овие сомневања, оценувајќи дека високата стапка на смртност на лекарите е многу загрижувачка и по тој повод чудно е однесувањето на одредени членови на Кризниот штаб.

-Кога еден од нив пролетоска беше запрашан како се инфицираат лекарите во ковид зоните, тој кажа дека тие се уморни на крајот од работното време, па затоа невнимателно ги соблекуваат заштитните одела. Тоа беше многу невкусна изјава, особено затоа што многумина ја немаа потребната заштита, кажа Радовановиќ.

Епидемиологот изјави дека здружението „Обединети против Ковид“ и Синдикатот на лекари и фармацевти во наредниот период ќе спроведат истрага за причините за високата смртност кај медицинскиот персонал во Србија.

Поврзани новости