ЕК го чека на хартија предлогот на Макрон за Европска политичка заедница

by Фокус

Европската Комисија не го коментира предлогот на Емануел Макрон за Европска политичка заедница.

По предлогот на францускиот претседател Макрон во неговиот вчерашен говор од Стразбур дека за да се интегрира побрзо Украина потребна е Европска политичка заедница, затоа што до полноправно членство Киев ќе треба да чека уште долги години, Европската Комисија денеска порача дека не може да го коментира овој став додека не го види целосно формулиран.

„Слушнавме вчера, но тој самиот рече дека ќе го презентира предлогот со повеќе детали пред неговите колеги во Европскиот Совет, ќе чекаме да видиме што има на ум, но што се однесува до нас имаме европски процес на зачленување кој е во тек со одреден број земји и ништо не се менува што се однесува до овие процеси“, изјави Ерик Мамер, портпарол на ЕК.

Тој истакна дека апликацијата на Украина пристигнала до службите во Комисијата и целта е до крајот на јуни оваа институција да објави мислење за кандидатскиот статус на Киев во ЕУ.

Макрон го искористи говорот на Денот на Европа за да изнесе нов предлог за создавање нова организација што ќе ѝ овозможи на Украина и други земји кои не се во ЕУ поблиски односи со Унијата, споменувајќи ја тука и Велика Британија.

Германскиот канцелар Олаф Шолц, кому Макрон потоа на средба во Берлин му ја претстави идејата, порача дека ЕУ не треба да го прекинува пристапниот процес со земјите со кои веќе започна, а како пример ја наведе Северна Македонија, чиј лидер, како што рече, донесе многу храбри одлуки во последните години.

Поврзани новости