Една година од поплавите во кои загинаа 22 лица

by fokus

Скопје денеска одбележува една година од невремето што предизвика поплави во кои загинаа 22 лица. Попладнето на 6 август 2016, скопскиот регион беше погоден од обилни врнежи од дожд и силен ветер, кои освен што одзедоа човечки животи, предизвикаа и голема материјална штета и целосно разурнаа многу домови.

Загинатите во невремето беа во реоните на селата Сингелиќ, Стајковци, Смилковци и Арачиново. Во текот на 24 часа минатиот 6 август во Скопје наврнале 92,9 литри на метар квадратен, а во текот на првите два часа од почетокот на невремето имало над 800 громови.

Невремето и поројот од вода предизвика пад на дрвја, а домовите останаа без електрична енергија. Околу илјада граѓани беа евакуирани во текот на ноќта на 6 август.

Граѓаните од целата држава се солидаризираа и се приклучија на акцијата за собирање на најнеопходната помош за настраданите. Во јавноста се бараше одговорност за начинот на кој институциите се справија со невремето, но досега ниту еден од надлежните не понесе одговорност за кобната вечер.

Поврзани новости