Ќе се доградува и модернизира пругата до Бугарија

by fokus

Пругата кон Република Бугарија ќе биде завршена најдоцна до 2025 година, истакна денеска на прес конференција министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, на која ги образложи деталите од Меморандумот за развој на железничката мрежа што беше потпишан од министерите за транспорт на Република Македонија и Бугарија.

„Меморандумот за развој на Железницата што го потпишавме со Република Бугарија претставува значаен чекор понапред во однос на заедничките инвестиции што ќе ги реализираме со Бугарија за довршување на Коридорот 8 кон Исток.

Тргнувајќи од важноста на функционалност на Коридорот 8 како дел од регионалната транспортна мрежа, потпишувањето на Меморандумот е предуслов заодржлив економски раст и развој во регионот.

Со меморандумот се обрзуваме во наредниот период да ја доизградиме и модернизираме пругата до границата со Бугарија, а исто така Владата на Република Бугарија се обврза да ја доизгради пругата до нашата граница, со што целосно ќе го заокружиме желзничкото поврзување“, рече Сугарески.

Вкупната должина што треба да се доизгради до границата со Република Бугарија е околу 89 километри. Изградбата претходно е поделена на три делници и ние како Влада ќе се движиме во рамките на таквите планови бидејќи постапките за сите три делници се веќе започнати.

„Во делот на изградбата на делницата Куманово – Бељаковце, знаете дека изградбата е во фаза на реализација. Средствата во висина од 46 милион евра се обезбедени од Европската банка за обнова и развој.

Пругата требаше да биде готова уште минатата година, но поради одредени проблеми со проектната документација и нерешените имотно правни односи, градбата е пролонгирана до 2018 година. За ова време ќе бидат надминати сите настанати проблеми се со цел пругата да биде изградена во рамките на договореното“, додаде Сугарески.

Во делот од Бељаковце до Крива Паланка во должина од 34 километри, во завршна фаза е постапката за изработка на техничката документација. Постапката за изведувач е започната и се очекува до средината на идната година да биде избрана градежна фирма што ќе го гради овој дел од пругата.

Според планираното, оваа делница ќе биде завршена до 2021 година. И за изградбата на оваа делница, средствата се веќе обезбедени од Европската банка за обнова и развој во висина од 145 милиони евра.

„Но многу значајно е тоа што на Самитот во Трст што се оддржа минатиот месец, ни беше доделен грант- неповратни средства во висина од 70 милиони евра од страна на ЕУ. Овие пари ќе бидат искористени токму за изградбата на оваа делница, со што за овој износ ќе го намалиме кредитното задолжување кон ЕБОР“, рече Сугарески.

За третата секција од Крива Паланка до границата со Бугарија во должина од 24 километри, во завршна фаза е изработката на проектната документација. Се проценува дека изградбата би чинела меѓу 350 и 400 милиони евра.

Поврзани новости