Државата нема замена за енергијата од јаглен, ЕСМ е во загуба оти произведува скапо, а продава евтино, велат ревизорите

by irena 11:50
11:50

Термоелектраните, како најголеми производители на електрична енергија, но и најголеми загадувачи кои треба да се затворат до 2030 година, сè уште немаат соодветна замена, бидејќи ЕСМ нема изградено нови производствени капацитети, се вели во новиот извештај на Државниот завод за ревизија за зелената транзиција и промоција на обновливи извори на енергија.

Со спроведената ревизија е утврдено дека се спроведуваат реформи за декарбонизација и реформи на пазарот на електрична енергија, кои се стратешки планирани, создадена е инвестициска платформа за фер енергетска транзиција, но овие активности не се доволни доколку енергетските компании не обезбедат услови за нивно спроведување.

ЕСМ нема изградено големи енергетски капацитети подолг временски период и се соочува со неповолна финансиска состојба. Електраната Осломеј 3 со капацитет од 100 MW е изградена преку јавно-приватно партнерство, како и електраната Осломеј 1, која не е во функција.

„Електрична енергија на ЕСМ се продава на универзалниот снабдувач по цена пониска од производствената, предизвикувајќи загуби во работењето на компанијата и ја доведува во прашање реформската и зелената транзиција. Од друга страна, МЕПСО се соочува со барања за поврзување со преносната мрежа кои не може да ги одобри од техничка перспектива. Проектот за изградба на 400 kV далновод кон Албанија во рамките на Коридорот 8, како регионален проект на Енергетската заедница, започнат во 2015 година, е во застој“, пишува во делови од ревизијата.

Државата како договорна страна на Енергетската заедница, постави цел да постигне 38 отсто од обновливите извори на енергија во бруто финалната потрошувачка на енергија до 2030 година, но мора да ги затвори термоелектраните до 2030 година, кои се сè уште најголеми производители на електрична енергија, со учество од 38,4% од вкупното производство во 2024 година, а воедно и најголеми загадувачи што испуштаат CO2 во воздухот.

Продажба на 100% од производството на електрична енергија на ЕСМ на универзалниот снабдувач по цена пониска од производството, предизвикува загуби во работењето на компанијата, иако продажната цена што универзалниот снабдувач ја плаќа на повластените производители и на слободниот пазар е значително повисока од цената што се плаќа на ЕСМ, констатираат ревизорите.

Ревизорите наведуваат дека најдраматични се податоците за 2024 година: Производствената цена на електричната енергија изнесувала 113 евра за мегават-час, додека продажната цена кон ЕВН била само 59 евра.

Во 2023 година производствената цена била 91 евро, а продажната 55 евра, додека во 2022 година производствената цена била 70 евра, а продажната 54 евра.

Ревизијата заклучува дека ваквото работење го загрозува опстанокот на компанијата и ја доведува под знак прашање способноста на ЕСМ да инвестира во зелената транзиција и модернизација на енергетскиот сектор.

Како директна последица на акумулираните загуби: државата морала директно да ја поддржува компанијата од Буџетот; во 2023 година ЕСМ се задолжила со 100 милиони евра заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за да ја одржи ликвидноста.

„Работењето во услови на системска загуба го загрозува континуитетот на работењето на акционерското друштво и ја ограничува можноста за ефикасно спроведување на јавните инвестиции во енергетиката,“ стои во извештајот на ДЗР.

Извештајот нотира дека изградбата на реверзибилната хидроцентрала Чебрен и акумулацијата Орлов Камен се од клучно значење за земјата, поради обезбедување електрична енергија во периоди кога побарувачката е најголема и зголемување на учеството на обновливи извори во производството на ЕСМ од 25 на приближно 45 отсто, како и заради намалување на емисиите на јаглероден диоксид за 200.000 тони годишно.

Орце Костов

Слични вести