Друмска меана со згаснати светла

by Фокус 13:13
13:13

Пишува х. Сулејман еф. Реџепи

Муслиманската улема им одговара на клеветите и на радикализмот со Светиот Куран, убедена дека Божјата волја пренесена до нас преку Зборот Божји  нема алтернатива. Бидејќи исламот му е објавен на човештвото за сите времиња и важи за сите луѓе, вистинскиот муслиман и денес ги бара и ги наоѓа одговорите за можните дилеми во упатствата на Алах џ.ш.

Во Куранот ние ги бараме и границите на слободата на говорот, свесни дека тие граници во денешно време многу лесно и многу често се преминуваат. Искрената  критика го одржува општеството, го чини и здраво и силно, го поттикнува на промени и процеси што водат кон просперитет. Тие што шират раздор и омраза меѓу луѓето немаат место меѓу муслиманите. Така нѐ учи исламот и тоа, се подразбира, важи за сите општества и за сите луѓе, во кое било време да живеат.

- Advertising -

Но, и западните општества со традиционално развиена демократија, јасно ги одредиле границите на слободата на говорот. Впрочем, демократијата ја чуваат законите, па според тие закони сосема е оправдано ограничувањето на слободата на говорот, кога станува збор за клевети, за говор на омраза или за изнесување екстремистички ставови.

Нешто нѐ турка кон порталите

Постои едно правило на кое отсекогаш се потпирале чесните луѓе што држат до себе и до својот морал: „Не е нечесно да не се сложуваш со некого и да го критикуваш, нечесно е тоа што го мислиш за него да го кажуваш зад грб, од темница. Дури и ако навредуваш некого, гледај го во очи. Тогаш, и критиката и навредата може да имаат смисла“.

За жал, денес многу малку или воопшто не може да се говори за моралност во меѓучовечките односи бидејќи, некои велат, моралот бил – менлива категорија. Тоа што вчера било морално, денес веќе не е, а што ќе значи утре, многу е тешко да се каже.

И како да се постави човек во таква атмосфера кон говорот на омраза, кон клеветите, кон радикалните и екстремистичките повраќаници. Денес, кога веќе никој не ги чита старите добри весници во кои под секој текст и информација стои името на авторот, и против нашата волја нешто нѐ турка во светот на порталите, блоговите и веб-сајтовите. А таму се случува хаос.

Вчудовиден сум од количеството омраза што провејува низ порталите. Тие почнаа да наликуваат на зачадените друмски меани во кои некој ги згаснал светлата, па гостите што не се гледаат меѓусебно, си кажуваат сѐ и сешто еден на друг, се навредуваат и се плукаат. Бидејќи станува збор за виртуелна меана, немаат можност да потегнат пиштоли и бомби, инаку и тоа би го сториле.

Што е најсмешно (да не беше трагично), на гостите во меаната сѐ и сешто им служи како иницијална каписла за почнување кавга. Изборот на некоја убавица, споменик, канализација, прогнозата за времето, не дај Боже некој фудбалски натпревар на „нашите и вашите“, буквално сѐ и сешто завршува со дуели на национална, расна и на верска основа. Па, следат старо-новите идеи за протерувања, за гасни комори, за уривање и палење верски објекти. Чиниш си се нашол среде трета светска војна, а не во обична виртуелна меана.

Во меѓувреме, уредниците на порталите, било да се регистрирани или нерегистрирани, ги бројат кликовите, битно им е да им е посетена страницата. Ама, логично, ако им е битна посетеноста што носи реклами, би требало да им е битна и одговорноста. Според Европскиот суд за човекови права, „уредниците се одговорни за секој збор кажан во нивниот портал, било да е тој збор потпишан или непотпишан…“. Само по законите на џунглата тие би можеле да се амнестираат од говорот на омраза што го толерираат и го иницираат, ама во џунглата нема интернет.

            Дали е темницата простор за јавна расправа  

             Убеден сум дека не постои слобода на говор без одговорност, и токму затоа мислам дека отворањето на портите за влез на неидентификувани лица во немодерираниот простор на медиумите, претставува удар врз слободата на говорот. Башка што таквиот простор, оставен на милост и немилост на импровизацијата, претставува вистинска бавча за разни организации, мисионери и политички партии. Да не говорам за можностите што таа бавча им ја пружа на тајните служби (било кои) за да го профилираат мнението на посетителите на порталите. Ако веќе станува збор за тајни идентитети, зар не е нормално наоколу да се врткаат и тајните служби?

Но, бидејќи одредени портали и „коментарите на читателите“ внесуваат немир и создаваат атмосфера на линч, шират омраза, повикуваат на насилство, сериозните аналитичари сметаат дека тој и таков простор дефинитивно не може да се смета како простор за јавна расправа. Во нив се истураат фрустрации на анонимуси што се јавуваат со по неколку имиња, без оглед на националната, верската или политичката ориентација на порталот, без оглед на темата. Идејата дека „коментарите на читателите се трибина на слободниот и слободоумниот израз“, одамна е отфрлена.

Отфрлена е, пред сѐ, поради тоа што станува јасно дека не е возможен ниту дијалог, ниту полемика со некој што ти се обраќа од темница, со некој што ниту му го знаеш ликот, ниту името, а камоли мотивите и менторите.

Што да се каже и што да им кажеш на затскриените „борци за слобода на говорот“, што да се мисли за тие што повикуваат на убиства и ликвидации и тие повици ги правдаат со „правото на слободен израз и говор“?

Дали сѐ уште некој мисли дека е нормално да се изрекуваат казни за брзо возење, за пушење во ресторан, за правење ајвар во парк, а истовремено да не е казниво клеветењето и ширењето невистини,  повикувањето на меѓуетнички и меѓуверски конфликти од луѓе што се пласираат себеси на јавен простор со тајни имиња? И исламот, и христијанството, и западната демократија почиваат на јасно зацртани принципи и правила бидејќи без нив би настанал хаос и анархија. Па, зошто тогаш некои се обидуваат забраната на говорот на омраза да го вметнат во толку омразената ставка „забрана на слобода на изразување“.

Ќе ги осветли ли некој темните друмски меани?

Поврзани новости