Медиумите се клучот

by Фокус 14:27
14:27

пишува Ида Протугер Вељковиќ

Груевски внимателно и прецизно испланира како медиумски ќе биде претставено неговото појавување пред Анкетната комисија. Не содржински секако, затоа што нему му е битна појавноста, а не суштината. За содржините, пак, во медиумите под негова контрола веќе е комотен затоа што тие се напишани уште пред тој да се расони, а обврските за нивниот “квалитет” се делегирани на пониски нивоа затоа што послушноста е сведена на 100 процентен учинок на нарачките. Но испланирано беше што тој точно ќе претстави од себе во вид на слика и тон. Опозицијата тоа му го овозможи и ефектот е дека тој уште еднаш го “избоксува” она што го науми, со дрскост и итарпејовски финти.

- Advertisements -

Ако одговорот на опозицијата е дека законот тоа го наложувал, само ќе направам споредба на ист хир покриен со закон. Коце Трајановски законски одобри сеча на цел парк со дрвја постари од него. Во секоја развиена земја ако некој побара таква дозвола, веројатно ќе се преиспита цел закон затоа што е ненормално, што би рекол Ставрески, да се исече парк наместо да се побара друга локација за предвидените градби.

СЛОБОДНИ АМА КОРУМПИРАНИ

Секако дека закони и институции ни се потребни, но откако Груевски ќе падне од власт. До тогаш, како граѓанин кој тежнее кон слобода и демократија ме интересираат само потезите кои ќе доведат до тоа Груевски да падне од власт, со анекс, да одговара за своите “(зло)дела“. Анкетна комисија која нема никаква извршна власт, за мене е само декор што е потребен да се покаже некаков привид од демократски амбиент, но сето тоа е само шминка затоа што е јасно дека законите, институциите и државата ќе се ослободат единствено откако ќе падне Груевски.

Неговото појавување пред Анкетната комисија беше вест број еден во медиумите. Преговорите паднаа некаде на средина. Кон крајот на вестите, пред настаните од светот, одеше извештај за Конференција за синдикалните предизвици во медиумите. Одеа прилично слушнати дискусии од колеги и додека британскиот амбасадор Гарет зборуваше за потребата од слободни медиуми, се запрашав дали оваа дебата ги адресира проблемите што се приоритет во овие вонредни околности? Сега и до изборите? Не дека не се согласувам со се што беше кажано, туку повторно  се прашувам: дали не е приоритет како да се симне пропагандата од медиумите која не овозможува слободни избори и која е главната сила на режимот кој, пак, е генератор на сите состојби?

Режимот го уништи медиумскиот пазар и затоа новинарскиот труд (за разлика од режимските платеници) е потценет. Она што остана од независните медиуми и новинари мака мачи и со информации (затоа партијата или државата што кај нас е исто, не им дозволува на официјалните институции да комуницираат со јавноста) и со финансии и преживуваат со грантови, во целосно непазарен и окупиран медиумски амбиент.

А медиумите што шират пропаганда богами не гледам дека не се слободни. Корумпирани се без сомнение, имаат вработени што се претставуваат за новинари, а извештаите немаат ниту еден елемент за да се наречат новинарски. Најголем дел од новинарите вработени во најмоќните медиуми, телевизиите, пропагираат слободно, за плати, хонорари и позиции кои се обезбедени не во пазарен амбиент, туку поради лојалност кон партијата која им ги обезбедила тие незаслужени привилегии.

Да сугерираш законски измени (макар најевропски) за новинарите во тие медиуми е како да бараш од судијката Светлана Костовска, која ја слушнавме како до небо му се заблагодарува на Мијалков што ја поставил за судија, да суди според правото и законите. Така што клучниот проблем сега и овде, до изборите, е да се обезбеди независен регулатор што ќе има моќ и да ги исклучи телевизиите од етер ако не се стават во минимум професионални рамки, да обезбедат плуралност и балансираност во информирањето и извештаите да ги темелат на факти. Натаму, да се обезбеди промена на тимот во Македонската радио-телевизија, а момчето што е на позиција, а мисли дека МРТВ требало да ги штити државните интереси да замине во историјата како пример како не треба.

ЗЛОСТОРНИК ПРЕТСТАВЕН КАКО СУПЕРМЕН

Телевизиите (анкетите на јавно мислење покажуваат дека над 90 отсто од граѓаните се информираат преку овој вид медиуми) се клучот  на успехот или адутот во боксерската ракавица на “вон а би Мохамед Али” со која најголем пораз се претставува како победа, најтешките криминали се релативизираат до бесмисленост, крадењето се претставува како доблест, лажењето како нужност, задолжувањето како визионерство. Затоа и телевизиите се тие што се најмногу субвенционирани со државни и партиски пари, за разлика од печатените медиуми под контрола на власта каде се уште има новинари кои работат под притисок и за плати што се потценети.

Се разбира, интелектуалците, студентите, поедуцираниот дел од населението не ги купува тие приказни, но да не се лажеме дека најголемиот дел од населението во земјава се продуховени луѓе кои имаат развиено критичко мислење. Не, тие сакаат турски серии и консумираат економско пропагандна програма наречена вести, во пауза меѓу сериите и за нив се уште медиумите претставуваат некаков авторитет.

Затоа, и после сите испукани бомби, апсурдно но вистинито, анкетите на јавното мислење покажуваат предност на владејачката партија во која клучните луѓе се фатени во тешки измами, нечовечко однесување, злоупотреба на државните ресурси за лични потреби и што уште не. Затоа што релативизирачката моќ на медиумите и претставувањето на еден злосторник како супермен гради перцепција кај најголем дел од граѓаните дека овој режим е нужност и нормалност. Груевски е опседнат со медиумите и со тоа како тој ќе биде претставен во нив. Како што видовме од бомбите, тој бескрупулозно лаже, договара провизии, ја пустоши и ја ограбува државата, уништува животи, понижува неистомисленици, но неговата појавност во медиумите е лик на светец кој е неправедно уценет, но додека “дише”, ќе оди низ Македонија и “ќе дава се на народот”.

Таа слика за него медиумите под негова контрола ќе ја шират исто така додека “дишат” затоа што ако тој замине, неповратно се губат и стекнатите пари и привилегии кои што во пазарен амбиент овие новинари и уредници никогаш не би ги имале.

Веќе е доцна и Груевски стекна голема предност со својата пропаганда и неговите прошетки низ земјава кои во една цивилизирана земја би биле сигнал дека државата не функционира штом се зависи од еден човек, но во Македонија има консументи за ваквите  “претстави”. Тој можеби ќе прави низа отстапки во преговорите за излез од кризата, но не верувам дека ќе попушти кај медиумите.

Јас сум од тие што не веруваат дека во сегашната слика со медиумите, нешто ќе се промени со неговата оставка, па дури и пријава од Специјалното обвинителство. Извештаите во пропагандната машинерија само ќе го заменат зборот “премиер” со зборот “лидерот на ВМРО-ДПМНЕ”, а ќе останат прошетките со микрофончето низ земјата, низ општините под власт на партијата. Ако пак заработи кривична пријава, ќе биде претставен како жртва.

Затоа, можеби веќе денес е последната можност кога опозицијата на преговорите каде на маса се и медиумите ќе избоксува услови за независен регулатор и итна смена на тимот во МРТВ. Груевски купува време кое заедно со пропагандата работи во негова полза. Ако изборите се одржат во предвидениот рок, скептик сум дека има време за медиумска детоксикација на граѓанството и нивно квалитетно информирање што би довело до слободна одлука на избори.

Поврзани новости