ДОМ предлагаат бесплатен јавен превоз како мерка против загадувањето

by fokus

Од партијата ДОМ препорачуваат итни мерки за намалување на загаденоста во Скопје, како воведување пар-непар режим за возилата и бесплатен јавен превоз. Од таму велат дека Македонија се гуши во смог со астрономски вредности и дека секое намалување на загадувањето значи спасено здравје и живот на граѓаните.

„Да не се обесхрабруваме дека не можеме да го сведеме загадувањето на нула, туку да дејствуваме за намалување на штетите со итни мерки, а паралелно со нив да ги започнеме среднорочните и долгорочните мерки“, порачуваат од таму.

Предлагаат забрана за тешки товарни возила низ град, забрана за возила под Еуро 4 стандард, затворање на градилиштата, преполовување на производството на индустриските објекти што загадуваат, редовно собирање на отпадот, редовно миење на улиците, зголемени инспекциски контроли на општинските и државните инспектори за животна средина и ослободување од работа на бремените жени и лицата со респираторни и кардиоваскуларни болести.

Како среднорочни мерки за период од 1 до 3 месеци бараат носење на Законот за урбано зеленило кој е во собраниска процедура, пропишување листа на дозволени горива во домаќинствата и индустријата (со забрана за нееколошки пелети со лепила), теренска контрола за почитување на листата од страна на комунални и инспектори за животна средина, субвенции за печки на пелети, сончеви панели за топла вода, изолација на домовите, субвенции за вградување плински уреди во возила што загадуваат, субвенции за хибридни и електрични возила, зголемување на возниот парк во јавниот превоз со електрични автобуси и набавка на опрема за уништување на медицински и друг биолошки отпад во Дрисла (што е обврска на концесионерот).

Поврзани новости