Додека Фетаи го читаше обвинението за насилството во Центар, дел од обвинетите се смееја

by fokus

Со читање на обвинителниот предлог денеска во Кривичниот суд започна главната расправа за случајот „насилството во Центар“ на СЈО, во кој обвинети се и екс премиерот Никола Груевски и поранешниот министер, Миле Јанакиески.

Додека обвинителката Фатиме Фетаи, го образложуваше обвинението, дел од обвинетите се смееја и коментираа, по што во неколку наврати беа опоменати од судијата.

Иако уште пред повеќе од една година започна првото рочиште за овој случај, сепак, тој тапка во место. Поради промена на судечкиот судија судењето се врати од почеток.

Адвокатите на обвинетите и забележаа на обвинителката Фетаи дека во нејзиното образложени воопшто не ги спомнала доказите, па затоа побараа судијата Душко Јосифовски, да го отфрли обвинителниот предлог.

Одбраната побара и СЈО да го прецизира обвинителниот предлог бидејќи на претходните рочишта за еден од обвинетите постапката се издвои, а двајца признаа вина по што беа осудени. Судот го одби ваквото барање, истакнувајќи дека со забелешките на Фетаи обвинителниот предлог е јасен.

Фетаи реплицираше и потсети дека овој случај се води по скратена постапка напоменувајќи дека за доказите ќе се изјасни дури во доказна постапка.

По паузата денешното судење ќе продолжи.

В.В.

Поврзани новости