Дискотеките на отворено со лиценца да се задолжат звукот да го насочат само кон подиумот

by Fokus

Шанса за Центар во врска со доделувањето на лиценци за дискотеки во Градскиот парк предлага сите дискотеки на отворено со лиценца да се задолжат да поднесат и проект за поставување озвучување со кое звукот ќе биде единствено насочен кон подиумот.

-Светската пракса има многу вакви успешни решенија каде значајно се намалува ширењето на звукот кон околината, а квалитетот на звукот на подиумот се подобрува – наведуваат во соопштението од Шанса за Центар.

Истовремено, тиевпотенцираат дека дискотеките се граничат со Зоолошката градина и сериозно се загрижени, за загрозување на животот и на животните кои се дел од ЗОО Скопје.

-Животните со години ја трпат тортурата со прегласна музика во ноќните часови кога биолошки тие треба да спијат. Загадување со звукот е најголем проблем и го загрозува здравјето на луѓето и на животните подеднакво. Се чини дека никој не размислува за овој вид загадување на градот – потенцираат од Шанса за Центар.

Тие бараат одговори од Градот Скопје дали се размислува доделувањето на лиценцата освен што носи права за дискотеките да создаде и обврски.

-Очекуваме дека при формирање на цената за лиценците се мислело и на жителите на Скопје и на животните во Зоолошката градина. Дали има цена со која и се одзема мирот на граѓаните и на животните? – прашуваат од Шанса за Центар.

Тие сметаат дена ниту една парична сума не е доволно висока кога се уништува секојдневието на животните кои се сместени во Зоолошката, но и на граѓаните кои живеат во поширокото подрачје околу Градскиот парк и очекуваат дека со вакво задолжување на носителите на лиценца ќе им се олесни функционирањето во текот на периодот кога работат, а со тоа ќе се подобри и соживотот помеѓу институциите на Град Скопје, граѓаните и угостителите.

Инаку, Град Скопје бара да поскапат лиценците за работа на ноќните клубови и дискотеките во главниот град. Според одлуката која денеска е точка на дневен ред на седницата на Советот на Град Скопје се предлага лиценцата за кабаре да биде 5.000 евра, за ноќен бар 7.000 евра, а за дискоклуб и дискоклуб на отворен простор 10.000 евра. Досега лиценцата за кабаре беше од 2.500 до 5.000 евра, за ноќен бар од 5.000 до 7.000 евра, а за дискотеки од 7.000 до 10.000 евра.

-Од надоместокот од ставот 1 на овој член, 50% се уплатува на сметката на Градот Скопје, а 50% се уплатува на буџетот на Република Северна Македонија, во денарска противвредност според средниот курс на Народна Банка на Република Северна Македонија на денот на уплатата“, се вели во образложението на Град Скопје.

Оваа предлог одлука денеска не беше изгласана. По почнување на седницата беше побарано точката да биде тргната од дневен ред.

Лиценците за дискотеките ги издава Министерството за економија.

Поврзани новости