Димитров за истрагата против Јанева и Боки 13: Системот, со сите маани, почнува да се бори со криминалот

by fokus

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, ја прокоментира истражната постапка која вчера беше отворена против менаџерот на 1ТВ, Бојан Јовановски, како и одлуката на Обвинителството да и го одземе телефонот на специјалната јавна обвинителка, во оставка, Катица Јанева.

Според Димитров оваа истрага покажува дека системо почнува да се бори со криминалот во државата. Тој се осврнува и на бранот незадоволство кај јавноста од Специјалното јавно обвинителство, кое едно време беше искра надеж за борба против криминалот.

„Никој не рече дека ќе биде лесно. Можеме да тонеме во разочарување и очај и да ја храниме самопоразувачката енергија дека од нас не бидува ништо. Со мазохизам и неразбирлива радост да ги дочекуваме лошите вести. Чашата секогаш да биде полупразна: “Ти кажав, не бива од нас држава”. Бидејќи, веста денес може да биде и ваква: системот, со сите маани, почнува да се бори со криминалот, без разлика од каде доаѓа.
Дека ќе не биде и покрај се и заради се. И заедно со сите кои не веруваат дека ќе не биде. Дека борбата против криминалот никогаш нема да заврши. И ќе трае, оти е борба всушност на доброто против злото. На некој начин, таа борба, што мене како и многу други ме вовлече во и кон политиката, е на самиот почеток. Дека ќе треба интегритет, пот, солзи и многу работа за да ги тргаме наталожените раскомотени криминални мрежи. Дека сеирџиство и банално ликување не помагаат, ниту дефетизам и ширење немоќ, бидејќи најлесно е да се откажеме сите. Помага само да засукаме ракави и сите да работиме до последно. Бидејќи знаете што е државата? Сите ние, сите граѓани до последен. И кога фрламе по државата, фрламе и по себеси. Ќе не биде народе, тогаш кога секој во своето, ќе турка до последниот атом. Јас не дигам раце додека не не биде. Не сме ние ништо понеспособен народ од било кој друг. Мегданот тоа да го покажеме и докажеме е токму тука, токму сега.
Ќе не биде и точка!“, напиша Димитров.

Поврзани новости