Димитар Ковачевски – фаворит за нов премиер и лидер на СДСМ

Заменик-министерот за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ е најсериозен кандидат да го наследи Зоран Заев и на премиерското и на лидерското место, дознава Фокус.

by Фокус

Поради инсистирање на неговата матична партија, поголем број од коалициските партнери и дел од меѓународната заедница, лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев привремено ги одложи оставките од двете позиции, во исчекувањето на епилогот дали во декември ќе почнеме преговори со Европската унија.

Според неофицијални информации, без оглед на исходот на надворешно-политички план, Заев е решен дефинитивно да се повлече од двете функции на почетокот на следната 2022 година, кога ќе се заокружат постапките за избор на нов премиер и особено за нов партиски лидер.

Како што велат владини извори, иако првично се разгледувала идејата новиот премиер и новиот лидер на СДСМ да бидат различни личности, сепак, донесена е одлука двете функции да се спојат во една личност, која ќе го преземе товарот и одговорноста во време на партиска криза, но и на криза во државата на економски, енергетски, здравствен план.

Добро упатени извори посочуваат дека после изминативе локални избори, на кои СДСМ доживеа убедлив пораз од ВМРО-ДПМНЕ, повеќе од 10 имиња се разгледувале и анализирале во комбинација за нов премиер и за нов партиски лидер, при што некои биле во игра само за едната, некои само за другата функција, а некои и за двете заедно.

Првично, велат нашите соговорници, министерката за одбрана и довчерашната заменик-претседателка на СДСМ, Радмила Шекеринска, се издвоила како најсериозен кандидат за премиер, но во ситуација ако Заев не ги одложеше оставките. Во таков случај, ќе отпочнеше процедура за избор за нов претседател на СДСМ, за што Шекеринска нема интерес и амбиции.

Во изминативе денови, во контекст за трката за нов лидер на социјалдемократите неофицијално се споменуваа многу имиња: Дане Талески, Петре Шилегов, Стефан Богоев, Бојан Маричиќ, Јован Деспотовски, Оливер Спасовски, Љупчо Николовски, Сања Лукаревска, Венко Филипче

Но, како што дознава Фокус, најсериозен кандидат за наследник на Заев и на двете позиции не е ниту еден нив, туку тоа е Димитар Ковачевски, кој моментално е заменик-министер за финансии и воедно член на Извршниот одбор на СДСМ.

За разлика од сите претходно споменати, Ковачевски е помалку експониран во јавноста и има помал партиски стаж, меѓутоа има богата биографија. Имено, тој е доктор на економски науки и вонреден професор на Факултетот за деловна економија и менаџмент на Американ Колеџ.

Во неговата официјална биографија стои дека магистрирал на економскиот факултет во Скопје, а докторските студии по економија ги завршува на Економскиот факултет на Универзитетот Црна Гора во 2008 година, каде се стекнува со титулата доктор на економски науки.

Покрај тоа, стручно усовршување поминува на Школата за Бизнис при Харвард Универзитетот, Европскиот претприeмнички колоквиум на Техничкиот Универзитет во Минхен, Ротердам Школото за Менаџмент при Еразмус Универзитетот во Холандија и ЕАДА Бизнис Школото во Барселона, Шпанија.

Притоа, Ковачевски работната кариера ја започнал во Македонски телеком, каде бил и директор на управување со маркетинг и продажба, на маркетинг комуникации и на резиденцијална продажба. Потоа, станува Извршен директор на Оне Вип Македонија, дел од Телеком Австрија Групацијата.

Воедно, бил дел е од низа меѓународни и домашни проекти, додека во 2020 година беше дел од Економскиот Советот на Владата за справување со економски последици предизвикани од пандемијата од вирусот Ковид-19. Во Владата што ја формираше Заев после минатогодишните парламентарни избори, тој стана заменик-министер за финансии.

Сега, тој се наметнува како најсериозен кандидат за нов премиер и лидер на СДСМ, за што се водат напредни консултации во рамки на СДСМ, во рамки на владината коалиција, пред се со ДУИ, но, според нашите сознанија, и со Алтернатива како потенцијален нов партнер во владата.

Освен што е близок соработник на Заев, со кого заедно студирале на скопскиот економски факултет, Ковачевски бил дел од ИО на СДСМ и во времето на Бранко Црвенковски. Неговиот татко, Слободан Ковачевски, пак, своевремено бил градоначалник на Куманово, како и македонски амбасадор во Црна Гора.

Кој е Димитар Ковачевски, најсериозниот кандидат за наследник на Заев?

Влатко Стојановски

Поврзани новости