Одредено е колку пари ќе одат за патна, а колку за железничка инфраструктура

by Fokus

Осум милијарди денари повеќе се предвидени во 2022 година за капитални проекти. Капиталните расходи се планирани на ниво од околу 37,8 милијарди денари. Во патната инфраструктура ќе бидат вложени шест милијарди денари, а во железничката 2,2 милијарди денари, рече денеска министерот за финансии Фатмир Бесими, образложувајќи го Предлог-буџетот пред матичната собраниска комисија.

Бесими повтори дека според сите карактеристики, предложениот Буџет за 2022 година е развоен, а капиталните расходи се на историски највисоко ниво од 14 проценти во вкупните расходи.

– Главна карактеристика на Предлог-буџетот за 2022 година е дека дефицитот ќе се користи единствено за поддршка на позначителниот дел капитални инвестиции. Развојната компонента на Буџетот се гледа преку зголемените средства за капитални расходи за околу 27 отсто во однос на 2021 година поточно во 2022 година се предвидени 8 милијарди денари повеќе за капитални проекти. Капиталните расходи следната година се планираат на ниво од околу 37,8 милијарди денари. Ќе бидат наменети за интензивирање на реализацијата на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања во патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството, истакна Бесими.

Поврзани новости