Кој е Димитар Ковачевски, најсериозниот кандидат за наследник на Заев?

Доктор по економски науки, колега на Заев од факултет, соработник на Црвенковски во СДСМ, син на поранешен градоначалник и амбасадор - ова накусо е профилот на фаворитот за нов премиер и лидер на СДСМ.

by Фокус 12:29
12:29

Заменик-министерот за финансии и член на Извршниот одбор на СДСМ, Димитар Ковачевски, како што објави Фокус, изненадувачки стана најголем фаворит да го наследи Зоран Заев и на премиерската функција и на лидерската позиција во СДСМ.

За разлика од другите потенцијални кандидати чии имиња излегоа во јавноста, Ковачевски е помалку познат и експониран во јавноста, меѓутоа, како што велат високи партиски извори, има повеќе причини зошто станал фаворит за двете функции.

Според нив, за негова предност се смета фактот што има богата биографија, која открива дека се образувал на престижни универзитети надвор од државата, вклучително и на Харвард, а има и солидно работно искуство во реалниот сектор како директор во два телекомуникациски оператори.

Притоа, нашите соговорници посочуваат интересен момент – Ковачевски студирал на Економскиот факултет при УКИМ, каде исто така дипломиран и Заев, а двајцата се иста генерација, од што јасно произлегува дека нивното познанство датира одамна.

Покрај тоа, во неговата официјална биографија се наведува дека откако магистрирал во Скопје, тој завршил докторски студии по економија на Економскиот факултет на Универзитетот Црна Гора во 2008 година, каде се стекнува со титулата доктор на економски науки.

Притоа, стручно усовршување поминува на Школата за Бизнис при Харвард Универзитетот, Европскиот претприeмнички колоквиум на Техничкиот Универзитет во Минхен, Ротердам Школото за Менаџмент при Еразмус Универзитетот во Холандија и ЕАДА Бизнис Школото во Барселона, Шпанија.

Инаку, Ковачевски работната кариера ја започнал во Македонски телеком, каде бил и директор на управување со маркетинг и продажба, на маркетинг комуникации и на резиденцијална продажба, по што станува извршен директор на Оне Вип Македонија, дел од Телеком Австрија Групацијата.

Што се однесува до неговиот партиски стаж во СДСМ, тој беше дел од партиското раководство (член на ИО) и во времето кога партиски лидер беше Бранко Црвенковски, поради што неговото евентуално преземање на функциите би имало и одредена обединувачка компонента.

Воедно, треба да се истакне дека неговиот татко – Слободан Ковачевски, своевремено бил градоначалник на Куманово, како и македонски амбсадор во Црна Гора.

Димитар Ковачевски – фаворит за нов премиер и лидер на СДСМ

В.С.

 

Поврзани новости