Џенифер Лопез: Цел живот го сакав Бен, сите мои пријатели го знаат тоа!

by Fokus

Холивудската актерка и пејачка Џенифер Лопез се најде на насловната страница на списанието Вог, и во интервју на повеќе страници раскажа за актуелната тема, бракот со актерот Бен Афлек, кој им се случи годинава, на изненадување на јавноста, откако пред дваесеттина години ја прекинаа љубовната врска.

Како еден од најинтересните актерски парови, кој ги полни страниците на светските медиуми, Лопез во интервјуто решила да стави крај на шпекулациите кои постојано се објавуваат во врска со нивната љубов, па искрено раскажала за односот со Бен, но и за почетоците на нивната љубов.

Во оние дваесеттина години, додека беа разделени, Џенифер доби две деца со музичарот Марк Антони, а пак Бен три деца со актерката Џенифер Гарнер. За Вог таа раскажува дека сепак, целиот живот барала љубов, низ четири брака и две свршувачки зад себе. И токму Бен бил човекот кого таа постојано го сакала, без оглед на случувањата во минатото.

-Кога бевме млади бевме многу вљубени. Бевме безгрижни, без деца, без обврски, само си го живеевме животот и бевме среќни. Не мислевме дека треба да се криеме, живеевме гласно, а се покажа дека тоа не било добро. Имаше многу нешта под површината, многу луѓе кои не сакаа да бидеме заедно, кои мислеа дека не сум вистинската личност за него- раскажува актерката.

Додава дека по лошите искуства, станала многу повнимателна во животот. Нејзините блиски пријатели знаеле дека никогаш не престанала да го сака Бен, и откако во 2021 година таа ја прекинала врската со Алекс Родригез, а пак Бен ја прекинал врската со Ана Де Армас, тој и испратил порака на Џенифер. Започнале пак да разговараат, но и да се гледаат.

-Никогаш не бегав од фактот дека помеѓу нас постои љубов, навистина права љубов. Сите мои блиски луѓе знаат дека тој секогаш беше посебна личност во мојот живот. Кога повторно се зближивме, моите чувства за него се уште беа вистински. Се изгубивме и пак се пронајдовме. Што е животот? Вртлог, тобоган, лудо возење? И на крај сите коцки ќе се наместат- вели Лопез.

Заедно со нејзините близнаци кои имаат 14 години, и децата на Афлек кои биле на возраст од 10 до 17 години, се труделе да се прилагодат на новата ситуација, на заедничкиот живот. Вели дека сега неговите деца ја имаат нејзе за сојузник, а пак нејзините деца го добиле Бен.

-Целиот мој живот беше љубов. Се што правев приватно и професионално беше чиста љубов. Ништо не би менувала – раскажа Лопез.

Вики Клинчарова

Поврзани новости