Текстот е објавен на 27 август 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.560.
УНЕСКО одлучи да не го запише охридскиот регион на листата на загрозени светски наследства и патем им остави рок на властите до следната година да исполнат низа обврски во насока на заштита на природните и културните вредности на Охрид. Притоа, УНЕСКО побара земјава итно да ги стопира сите градежни активности во околината на Студенчишко Блато и во „комплексот Горица 3“. Иако од Општина Охрид велат дека не се мисли на конкретен објект, туку на цел потег од дискотеката „Парк“ до паркиног кај „Горица 3“, факт е дека токму на локацијата „Горица 3“ се гради хотелски комплекс од страна на „Дивелоп груп“, поврзана со семејството на ексшефот на тајната полиција, Сашо Мијалков.
Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Охрид за влакно избегна да биде впишан на листата на загрозени светски наследства, откако УНЕСКО неодамна одлучи да ѝ даде простор и рок на Македонија до следната 2026 година да исполни низа конкретни обврски во насока на заштита на природните и културните вредности на охридскиот регион.
Инаку, Комитетот за светско наследство, на сесијата во Париз минатиот месец, по третпат расправаше за статусот на охридскиот регион, во услови кога околу 40 граѓански организации од земјава и од соседна Албанија побараа да влезе на списокот на светски наследства во опасност, со цел да се отвори врата за строго дефиниран процес за санација под постојан надзор на УНЕСКО.
„Имајќи го предвид степенот на досегашната деструкција, итната потреба за реставрација на природните и културните вредности на подрачјето, екстремно загрижени поради сите сè уште нереализирани (усвоени/одобрени) планови и проекти и реалната опасност за неповратното губење на интегритетот и автентичноста, бараме Комитетот да го заштити и зачува охридскиот регион за сите идни генерации“, апелираа дузина невладини организации.
Ако Комитетот донесеше таква одлука, тогаш властите во Скопје и во Тирана ќе добиеја обврска да направат посебен план од корективни мерки за Охрид да биде вратен во „посакуваната состојба на зачуваност“. Арно ама, иако постоеше нацрт-одлука, која јасно предлагаше впишување на регионот како загрозен поради сериозната деградација на природните и културните вредности, сепак, тоа на крајот не се случи.
Имено, Комитетот одлучи да го усвои амандманот поднесен од македонските претставници, со кој беше побарано да се одложи впишувањето на Охрид на оваа своевидна „црна листа“ на светски наследства во опасност, со што властите добија нови услови, кои подразбираат до февруари 2026 година да достават извештај за преземените мерки за заштита.
– Комитетот донесе одлука со која на Македонија и на Албанија им се даде дополнително една година за спроведување корективни мерки – рече министерот за култура, Зоран Љутков, додавајќи дека ова е мотив да се продолжи со конкретни мерки, кои ќе овозможат итна имплементација на предвидените корективни мерки базирани на препораките од реактивните мисии од 2020 и 2024 година, како и на Стратегискиот план за рехабилитација.
ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ И ПРИЈАВИ ДО НАДЛЕЖНИТЕ
Во исчекување дали државата и институциите ќе одговорат на предизвиците од кои ќе зависи статусот на охридскиот регион, треба да се истакне дека УНЕСКО, меѓу другото, побара земјава итно да ја зајакне заштитата на Студенчишко блато, како и да ги стопира сите тековни и планирани градежни активности во неговата околина и во „комплексот Горица 3“.
Кога се говори за „комплекс Горица 3“, вреди да се каже дека на оваа локација, на парцела со површина од 15.878 квадратни метри, се гради хотелски комплекс од страна на „Дивелоп груп“, каде што доминантен сопственик е бизнисменот Александар Ивановски (Алек Теранова), а како малцински содружник се јавува друштвото „Бест Веј Инвестмент“ на Јордан Мијалков, син на поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, осуден во предметот „Империја“ и дел од „црна листа“ на САД.
Досега, „Фокус“ објави неколку стории во кои обработивме разни аспекти и изнесовме низа аргументи околу цел процес за реализација на овој контроверзен проект, кој предвидува изградба на атрактивен хотел во парк-шумата „Горица“, во непосредна близина на Охридско Езеро. Прво, пишувавме на кој начин се спасувал овој објект, кој првично требаше да биде завршен до 2018 година, но почна да се гради дури ланската 2024 година.
Па така, обелоденивме дека Општина Охрид и инвеститорот „Дивелоп Груп“ потпишале 2 анекс-договори во 2013 и во 2020 година врз основа на измени на Законот за градежно земјиште, со кои фирмата платила казни и камати од половина милион евра, но добила продолжен рок за изградба на хотелот. Воедно, пишувавме и за позицијата на локалната самоуправа дека со законски измени (Закон за градење и Уредба) се избегнала обврската за студија/елаборат за животна средина.
Потоа, во вториот дел од приказната ставивме акцент на наводите на невладините организации предводени од „Фронт 21-42“, според кои градежната дозвола за хотелот е ништовна, бидејќи е издадена без Решение за согласност за спроведување на проектот што Министерството за екологија го дава по спроведена постапка за Оцена на влијанието врз животната средина. Притоа, нотиравме дека се наведува локацијата на проектот како критериум, при што особено се истакнуваат објектите во близина на водни живеалишта, крајбрежни зони и подрачја под посебна заштита. Токму во такво подрачје е спорниот објект.
Во третиот дел од серијалот, пак, детално ја обработивме пријавата на невладините до Антикорупциската комисија, претставката до Владата и тужбата до Управниот суд, каде дури се испорачуваат и обвинувања за корупција. Покрај тоа, во овие документи се оспорува и урбанистичкиот план, со тврдење дека не е во согласност со Планот и со Законот за управување со светското наследство во охридскиот регион, кои налагаат дека планот донесен во 2007 година морало да биде изменет до крајот на 2020 година. Сепак, тоа не се случило…
ОБВИНУВАЊА ЗА НЕЗАКОНСКО И КОРУПТИВНО ПОСТАПУВАЊЕ
Паралелно со тоа, побаравме одговори од институциите во врска со дописите на невладините организации за хотелот во Охрид што го гради компанија поврзана со Мијалкови, кои во меѓувреме ги добивме па ја пренесуваме нивната содржина. Еден од тие органи е Државната комисија за спречување на корупција, каде невладините адресираа пријава поради „сомнеж за корупција во врска со изградба на хотелски комплекс во областа Горица од Дивелоп Груп“.
Покрај останатото, невладините тврдат дека незаконски се и одобрението за градење (не е спроведена оцена за влијание врз животната средина, ниту е изработен елаборат) и планот врз основа на кој е издадено одобрението и веќе се гради објектот, додека истовремено испорачуваат обвинувања и за незаконско постапување и корупција на Државниот инспекторат за животна средина, па и конкретно го посочуваат инспекторот Игор Трајкоски.
Во пријавата со која располагаме се наведува дека при вонредниот инспекциски надзор Трајкоски не увидел дека „Дивелоп Груп“ поднел барање за согласност за елаборат за животна средина на ист ден кога му е издадено одобрението, што значи дека одобрението го добил без елаборат. Патем, подносителот го обвинува инспекторот дека му овозможил на инвеститорот да изработи фалсификуван документ, наместо да ја забрани реализацијата на проектот и да изрече глоба согласно Законот за животна средина.
Освен тоа, подносителот наведува дека и урбанистичкиот план врз основа на кој се гради објектот е незаконски, бидејќи е донесен без спроведена стратегиска оцена за влијание врз животната средина, а Општина Охрид, согласно Законот за управување со светското природно и културно наследство, имал обврска до 2020 година да го поништи планот и да донесе нов согласно Планот за управување, што не се случило.
Оттука, побаравме одговор дали антикорупционерите ја разгледале оваа пријава од „Фронт 21-42“ во име на повеќе граѓански организации, како и дали е донесена одлука? Од таму нè известија дека постапката по предметот е во тек. Односно, како што велат, се прибираат податоци и информации во насока на „утврдување на фактичката состојба за предметниот случај“.
Исто така, се обративме и до Јавното обвинителство со прашање дали, по поднесена пријава или по допрен глас, отворило постапка за овој случај? Но, од таму упатија на пријавата до ДКСК, нагласувајќи дека ако тие утврдат основ за кривична одговорност вообичаено доставуваат до Обвинителството. Дополнително, ја посочија и тужбата со која невладините бараат поништување на одобрението за градење, поради која во тек е постапка пред Управниот суд.
ВО ФАЗА НА ИЗГРАДБА НЕ СЕ ИЗВРШУВА ДЕЈНОСТ
Со оглед дека во овие дописи до надлежните органи, граѓанскиот сектор испорачува сериозни обвинувања за незаконско постапување и за корупција од страна на повеќе инстанци, вклучително и од Инспекторатот за животна средина и инспекторот Игор Трајковски, од причина што, според подносителот, Трајкоски му овозможил на инвеститорот да изработи фалсификуван документ наместо да ја забрани реализацијата на проектот, побаравме став и од Инспекторатот.
Конкретно, прашавме како ги коментираат тврдењата дека постапиле несоодветно и непрофесионално и како го коментираат обвинувањето дека инспекторот Трајкоски му прогледал низ прсти на „Дивелоп Груп“, со тоа што не преземал мерки за запирање на градбата, иако утврдил дека одобрението за градење е издадено без елаборат за животна средина? Згора на тоа, прашавме колку инспекциски надзори се спроведени на оваа локација, што е утврдено и какви мерки се преземени?
„Во член 198 од Законот за животната средина, опишан е делокруг на надзор на државниот инспектор, каде што во став 1 стои дека државниот инспектор има право (точка 7) да утврди дали е изработен елаборат за заштита на животната средина, утврден со Прописот од членот 24 ставови (4) и (6) на овој закон, како и дали истиот е доставен на одобрување до надлежниот орган, и да изврши увид дали се исполнуваат условите пропишани во елаборатот (член 24).
Во Уредбата за изменување на Уредбата за дејностите и активностите за кои задолжително се изработува елаборат, а за чие одобрување е надлежен органот за вршење на стручни работи од областа на животната средина, опишани се дејностите за кои се изработува Елаборат за заштита на животната средина.
Во Глава XIII се објекти за сместување и сервисни дејности со храна, хотели и слични објекти за сместување (хотелски населби, апартмански хотели и мотели) со предвидени повеќе од 100 легла, надвор од урбанизирани подрачја и сите оние кои се лоцирани во заштитени подрачја на природата. Според ова, хотелот е во фаза на градба и се уште нема започнато да ја обавува дејноста.
Во инспекциската постапка, субјектот на надзор достави Барање за согласност за елаборат за заштита на животната средина за изградба на хотелски комплекс за дел од туристичката локација Горица КО Охрид 4 за градење и парцела бр. КП 1. Од 06.04.2012 со УП 11-3686/1 и елаборат за заштита на животната средина. Според овластувањата, државниот инспектор утврдил дали субјектот има елаборат за заштита на животната средина и дали го има доставено до надлежен орган на одобрување. Во однос на одобрението за градење, ДИЖС нема надлежност“, гласи одговорот од Инспекторатот.
ВО РИЗИК Е СТАТУСОТ СВЕТСКО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО
Во пакет со пријавата до Антикорупциската комисија и тужбата до Управниот суд, невладината „Фронт 21/42“, во име на над 20 невладини организации, поднесе и претставка до Владата, премиерот Христијан Мицкоски и други функционери, со барање за „итно спроведување на Уставот, законите и меѓународното право во врска со хотелскиот комплекс на Дивелоп Груп во Горица 3 и УПВНМ за дел од хотелскиот комплекс“.
Во претставката, подносителот наведува дека таа се однесува на „уништувањето на светското наследство со противзаконското градење на хотелскиот комплекс на „Дивелоп Груп“ во Горица, кое се базира на противзаконски урбанистички план за областа, сето тоа дозволено и овозможено со флагрантно кршење на Уставот, законите и меѓународното право, токму од страна на одговорните институции“. Во таа смисла, подносителот споменува 3 институции – Општина Охрид, Државниот инспекторат за животна средина и Управата за заштита на животна средина при Министерството за животна средина.
Во одговор на нашето прашање дали е разгледана оваа претставка, и ако е така – каков е одговорот кон подносителот, од Владата ни го доставија следново известување:
„Во врска со Вашето прашање, Ви посочуваме дека во рамки на Владата е пристигната претставка која е распределена на понатамошно разгледување и согласно законски предвидениот рок за одговор на претставки, Владата ќе постапи и ќе го испрати одговорот до подносителот на Барањето. Дополнително, Барањето е испратено до повеќе институции во чија надлежност се овие прашања“.
Додека граѓанскиот сектор води битка за стопирање на изградбата на хотелот во „Горица 3“ и за враќање на локацијата во првобитна состојба, државата и надлежните водат битка за зачувување на актуелниот статус на Охрид и Охридскиот регион, со цел да не се најде на листата на загрозени светски наследства или културни наследства под закана. Каков ќе биде епилогот и од едната и од другата борба, кои се меѓусебно поврзани, ќе биде познато во догледна иднина.
Како што е познато, Охридскиот регион е прогласен за светско наследство во далечната 1979 година, но во 2019 година статусот беше проширен и на албанскиот дел од езерото поради природните вредности на Охридското Езеро, едно од најстарите и најдлабоките езера во Европа, како и поради богатото културно наследство на градот Охрид, кој важи за една од најстарите населби во Европа.
Колку за информација, УНЕСКО го става Охрид на ист ранг со Мачу Пикчу во Перу, Пирамидите во Египет, Нијагарските водопади во Канада, Плитвички Езера во Хрватска итн., со цел да ги заштити уникатните места по својата природна убавина, историско значење или културна важност. Ваквиот статус ја зголемува видливоста на овие локации и води до раст на туризмот и низа економски придобивки, но тоа го поткопаа масовна урбанизација и градежната офанзива. Едно камче од тој мозаик е и хотелот во „Горица 3“, чија изградба не престанува.
НА ШТО МИСЛИ УНЕСКО КОГА ВЕЛИ „КОМПЛЕКС ГОРИЦА 3“ ВО ДЕЛОТ ЗА ЗАБРАНА ЗА ГРАДЕЊЕ?
Со одлуката 47COM 7B.54 која се однесува на природното културно наследство на Охридскиот регион, Комитетот за светско наследство на УНЕСКО усвои извештај во кој посочува со „длабока загриженост на контиунираното деградирање на атрибутите што ја пренесуваат исклучителната универзална дејност“, поради што се повикуваат државите да ги спроведат препораките од мисијата, како и од претходните мисии од 2017 и 2020 година.
Понатаму, се изразува „жалење за недостатокот на напредок во изготвувањето на Стратегиската оцена за влијанието на животната средина“ и притоа се бара итно да се сонесе СОВЖС со која „севкупно ќе се оценат кумулативните влијанија од сите инфрастурктурни и развојни планови, како и други поголеми проекти“.
Кокретно, УНЕСКО од Македонија бара да бидат отстранети измените во Деталниот урбанистички план и одобрението на локални развојни планови надвор од населени места, се додека не се спроведе процена на влијанието врз наследството на стратегиско ниво.
Потоа, се бара генералните урбанистички планови за Охрид и Струга и просторните плански инструменти за неизградените области да бидат елаборирани како итна работа и целосно во однос на атрибутите на исклучителна универзална вредност.
Исто така, се бара спроведување на системска проценка врз основа на јасни критериуми на негативните влијанија на бесправно изградени објекти, студија на изводливост за планирање на крајбрежниот појас на Охридското езеро, физибилити студија за алтернативна траса на железничкиот Коридот 8…
На крајот, УНЕСКО ја повикува земјава да ја подобри состојбата за зачувување на Студенчишко блато и уште еднаш го повторува барањето „итно да запрат градежните активности во близина на блатото и комплексот Горица 3 се до изготвување на Стратешка еколошка проценка и специфични проценки на влијание за сите проекти“.
Иако во извештајот на УНЕСКО се споменува „комлекс Горица 3“, а токму на Горица 3 се гради хотелскиот комплект на „Дивелоп Груп“, сепак, од Општина Охрид не сметаат дека таа формулација се однесува на овој хотел.
Како што велат од локалната самоуправа, се мисли на цел потег од дискотеката „Парк“ до паркиног кај „Горица 3“ во однос на урбанизирање и депонирање на земја и слично, односно на сите парцели што се наоѓаат паралелно со булеварот во должина.
Од друга страна, пак, за невладините организации на чело со „Фронт 21/42“ нема дилеми дека УНЕСКО мисли на хотелот што го гради „Дивелоп Груп“, кој, според нив, се гради на незаконска подлога и затоа треба да се урне.