Руски воени авиони навлегле во воздушниот простор на Естонија, биле пресретнати од НАТО

by vlatko 21:13
21:13

Три руски воени авиони „МиГ-31“ денеска го нарушиле воздушниот простор на Естонија и се задржале 12 минути, соопшти естонската влада.

Инцидентот, како што пишува Ројтерс, се случува нешто повеќе од една недела откако повеќе руски беспилотни летала влегоа во полскиот воздушен простор, поттикнувајќи авионите на НАТО да соборат некои од нив, а западните претставници да кажат дека Русија ја тестира подготвеноста и решителноста на алијансата.

Министерството за надворешни работи на Естонија го осуди денешниот упад како „дрзок“.

-Русија веќе го прекрши естонскиот воздушен простор четири пати оваа година, што е неприфатливо само по себе, но денешното прекршување, за време на кое три борбени авиони влегоа во нашиот воздушен простор, е невидено дрско – рече министерот за надворешни работи Маргус Цахкна.

Портпаролката на НАТО, Алисон Харт, изјави дека воената алијанса „веднаш реагирала и ги пресретнала руските авиони“, нарекувајќи го „уште еден пример за неодговорно руско однесување и способноста на НАТО да одговори“.

Естонскиот премиер Кристен Михал подоцна изјави дека владата „одлучила да побара консултации по член 4 на НАТО“.

Естонската армија потврди дека руските борбени авиони биле пресретнати од италијански „Ф-35“ стационирани во Емари во Естонија, како дел од мисијата за воздушна полиција над Балтичкото Море.

Потврда за одговорот на НАТО има и од генералниот секретар Марк Руте. Тој по телефонски разговор со естонскиот премиер рече дека одговорот на НАТО беше „брз и решителен“.

Слични вести