(АРХИВА) Се оспорува и урбанистичкиот план за хотелот на Мијалкови: Противзаконската градба е закана за светското наследство!

Пријава, претставка и тужба до надлежните институции.

by vlatko 19:33
19:33

Текстот е објавен на 22 мај 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.546.

„Фокус“ досега во два наврати ја обработуваше темата за изградба на хотел покрај Охридско Езеро од страна „Дивелоп груп“, каде што содружник е семејна фирма на Сашо Мијалков. Прво, пишувавме на кој начин се спасувал овој објект, кој првично требаше да биде завршен до 2018 година, но почна да се гради дури лани. Па така, неодамна обелоденивме дека Општина Охрид и инвеститорот потпишале 2 анекс-договори, со кои фирмата платила казни и камати од половина милион евра, но добила продолжен рок за изградба на хотелот. Воедно, пишувавме и за позицијата на локалната самоуправа дека со законски измени се избегнала обврската за студија/елаборат за животна средина. Во продолжението, пак, ставивме акцент на наводите на невладините организации предводени од „Фронт 21-42“, според кои градежната дозвола е ништовна, бидејќи е издадена без претходно спроведена оцена на влијанието врз животната средина. Притоа, нотиравме дека се наведува локацијата на проектот како критериум, при што особено се истакнуваат објектите во близина на водни живеалишта, крајбрежни зони на водни екосистеми и подрачја под посебна заштита, а токму во такво подрачје е лоциран хотелот во Горица. Во третата сторија што ја објавуваме во целост детално ја обработивме пријавата на невладините до ДКСК, претставката до Владата и тужбата до Управниот суд, каде уште повеќе се проблематизира законитоста на одобрението, па дури се испорачуваат обвинувања за корупција. Покрај тоа, во овие документи со кои располагаме се оспорува и урбанистичкиот план, со тврдење дека тој не е во согласност со Планот и со Законот за управување со светското наследство во охридскиот регион, кои налагаат дека планот донесен во 2007 година морало да биде изменет до крајот на 2020 година. Но, ако новиот план бил законски, не можел да предвидува хотел, бидејќи планираната „група на хотели во Горица“ е посочена како „закана“ за светското наследство. Инаку, во текот на денешниот ден УНЕСКО побара Охридскиот регион да биде поместен на листата светски природни и културни богатства во опасност.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Во рамки на сторијата за изградба на хотел во непосредна близина на Охридско Езеро од страна на компанија поврзана со семејството на ексшефот на тајната полиција и осуден во предметот Империја, Сашо Мијалков, неодамна објавивме на кој начин се спасувал овој објект, кој првично требаше да биде завршен до 2018 година, но почна да се гради дури ланската 2024 година.

Како што обелоденивме пред околу еден месец, Општина Охрид и инвеститорот „Дивелоп Груп“ од Скопје потпишале 2 анекси кон основниот договор во 2013 и во 2020 година врз основа на измени на Законот за градежно земјиште, со кои фирмата платила договорни казни и камати од половина милион евра, но истовремено добила продолжен рок за изградба на хотелот, кој почнал да тече од моментот на уредување на градежното земјиште.

Воедно, тогаш пишувавме и за позицијата на локалната самоуправа дека со измени на Законот за градење и на Уредбата за дејностите и активностите за кои задолжително се изработува елаборат, а за чие одобрување е надлежен органот за вршење на стручни работи од областа на животната средина се избегнала обврската за изработка на студија/елаборат за животна средина за овој проект.

Во продолжението на овој серијал, публикувано минатата седница, пак, ставивме акцент на наводите на над 20 невладини организации, предводени од „Фронт 21-42“, кои уверуваат дека, и покрај сите правни интервенции, одобрението за градење на хотелот е ништовно, бидејќи е издадено без Решение за согласност за спроведување на проектот што Министерството за екологија го дава по спроведена постапка за оцена на влијанието врз животната средина (ОВЖС).

Всушност, како што наведовме, тоа го пропишува Законот за животна средина, додека со подзаконски акт се наведува локацијата на проектот како критериум, при што особено се истакнуваат објектите во близина на водни живеалишта, крајбрежни зони на водни екосистеми, подрачја под посебна заштита итн. А, токму во такво подрачје е лоциран спорниот хотел што се гради во парк-шумата Горица 3.

Станува збор за атрактивна парцела со површина од 15.878 квадратни метри, која „Дивелоп Груп“, каде што содружник е „Бест Веј Инвестмент“ на Јордан Мијалков, син на Сашо Мијалков, ја купи за околу еден милион евра во 2011 година, а веќе во следната 2012 година Општина Охрид издаде градежна дозвола. Иако првичниот рок за изградба истече во 2018 година, сепак, објектот почна да се гради дури лани…

ДАЛИ СЀ Е ЗАКОНСКИ ПОКРИЕНО?

Бездруго, повеќе од една деценија, на креативен начин се премостувале правни и урбанистички пречки, со цел овој објект да го види светлото на денот. Арно ама, дека сѐ е законски покриено и чисто не мисли невладиниот сектор, кој подолго време води битка за запирање на изградбата на хотелот и враќање на локацијата во првобитна состојба. Според нив, прекршени се низа законски прописи и има правна основа да сопрат сите активности.

Од групацијата на граѓански организации, за „Фокус“, велат дека праксата на менување закони за да се „озакони“ прекршување на законите и со цел да се остварат „нечии интереси“, е еден од елементите со кои „се одржува невладеењето на правото во нашата држава“. Сепак, додаваат тие, во случајот со хотелскиот комплекс на „Дивелоп груп“, законските измени не овозможиле одобрението за градење да биде законско. Зошто?

Прво, од таму наведуваат дека нема никаква можност да биде законско одобрение за градење хотел издадено без Решение за согласност за спроведување на проектот, кое Министерството за животна средина го дава по спроведена постапка за Оцена на влијанието врз животната средина, или, пак, без Решение за одобрување на елаборат за животна средина, кое го издава надлежна општината ако се работи за хотел до 100 легла или Министерството за екологија ако има над 100 легла.

Второ, здружените граѓански организации сметаат дека нема законски начин да се избегне обврската за поднесување на известување за намера за спроведување на проект, што компанијата-инвеститор не го сторила. Според нив, Законот за животна средина не остава никаков простор за толкување или избегнување на оваа обврска за секој инвеститор кој има намера да спроведува проект опфатен со членот 77.

Трето, тие истакнуваат дека нема законски начин да се донесе одлука за неспроведување постапка за оцена на влијанието врз животната средина за хотелскиот комплекс, бидејќи објектот, не само што е лоциран во близина на едно од најзначајните водни живеалишта и слатководни екосистеми на планетата, и езерото е со убедливо највисок индекс на биодиверзитет во светот, туку оваа локација е светско природно и културно наследство заштитено со посебен закон.

Четврто, наведуваат дека Општина Охрид кога го добила барањето за одобрение за градење од страна на „Дивелоп груп“ имала законска обврска да го извести Министерството за екологија дека и стигнал проект, кој е опфатен со член 77 од Законот за животна средина, а за кој нема Решение за согласност од Министерството, односно нема одобрена ОВЖС-студија. Не правејќи го тоа, невладините сметаат дека општината попречила повеќе законски и уставни права на јавноста.

ЗАКАНА ЗА СВЕТСКОТО НАСЛЕДСТВО

Понатаму, граѓанскиот сектор како петто посочува дека и измените во Законот за градење пред издавање на градежната дозвола, со кои се отстранува одредбата за студија/елаборат за животна средина во делот за документи потребни за издавање на градежна дозвола, не прават никаква разлика, бидејќи и сега и во времето на издавање на одобрението студијата или елаборатот за животна средина е дел од основниот проект, кој мора да се поднесе заедно со барањето за одобрение.

На крајот, како шесто, невладините оценуваат дека исклучително се загрижувачки изјавите на актуелниот охридски градоначалник Кирил Пецаков дека поради измените на Законот за градење и Уредбата поврзана со елаборат, одобрението за градење е законско и тоа можело да се издаде без елаборат, како и изјавата дека хотелскиот комплекс е во согласност со Планот за управување со светското и културното наследство поради тоа што градбата не е во 50 метри крајбрежен појас.

„Во Планот за управување и во Стратегискиот план за влијанието врз животната средина на овој план, групата на хотели во Горица се конкретно посочени како закана за исклучителните универзални вредности на светското наследство. Ниту хотелот, ниту урбанистичкиот план на кој се базира истиот не се во согласност со Планот за управување, поради што со истите флагрантно се прекршува и Законот за управување со светското наследство во Охридскиот регион“, велат од „Фронт 21/42“.

Инаку, оваа невладина организација предводи 24 формални и неформални граѓански здруженија и иницијативи, кои се обратија до повеќе надлежни институции, со цел стопирање на реализација на овој проект. Така, тие на 14.3.2025 година поднесоа пријава до Антикорупциската комисија поради „сомнеж за корупција во врска со изградба на хотелски комплекс во областа Горица од Дивелоп груп“.

Потоа, односно на 14.4.2025 година, поднесоа и претставка до Владата, поточно до премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи и други министри, пратеници, функционери, со барање за „итно спроведување на Уставот, законите и меѓународното право во врска со хотелскиот комплекс на Дивелоп груп во Горица 3 и УПВНМ за дел од хотелскиот комплекс“.

Само неколку дена подоцна, односно на 17.4.2025 година, доставија и тужба до Управниот суд против Општина Охрид со следниот основ: „Огласување на управен акт „Одобрение за градење УП 1 -10-154 од 06.04.2012 година“ за ништовен согласно член 24 став (2) алинеја 6 од ЗУС“. Со други зборови, бараат поништување на одобрението за градење, бидејќи, според нив, е издадено без да се почитуваат законските обврски.

ОДОБРЕНИЕ БЕЗ ОДОБРЕН ЕЛАБОРАТ

Имено, во овие документи со кои располага „Фокус“ се наведени и претходно споменатите аргументи на подносителите против изградба на објектот во Охрид, кои главно се однесуваат на незаконитост на градежната дозвола, бидејќи не е спроведена оцена за влијание врз животната средина, ниту, пак, е изработен елаборат. Меѓутоа, тие содржат и многу други елементи за незаконски пропусти, кои детално ќе ги изнесеме и елаборираме во оваа трета сторија за хотел поврзан со Мијалкови.

Меѓу другото, во нив уште повеќе се проблематизира одобрението за градење, па дури се испорачуваат обвинувања за криминално-коруптивна спрега, во која се вклучени административци и институции. Во таа насока, во пријавата до ДКСК подносителот наведува дека на 10.9.2024 година поднел иницијатива до Државниот инспекторат за животна средина за вонреден инспекциски надзор, за да се утврди дали градежните активности се одвиваат по претходно спроведена и одобрена постапка за оцена на влијанието врз животната средина.

Врз основа на комуникацијата со Инспекторатот во врска со спроведениот надзор, од таму заклучиле дека постои основано сомнение за корупција на државниот инспектор со иницијали И.Т. Притоа, невладините наведуваат повеќе факти во поткрепа на нивното тврдење, а еден од нив е тоа што инспекторот го игнорирал нивното барање да го спроведе законски дефинираниот инспекциски надзор дали градежните активности се одвиваат по ОВЖС (оценка за влијание врз животната средина) постапка.

„Инспекторот одлучил дека наместо Министерството за животна средина, инвеститорот имал право самиот да одбере дали ќе се спроведе ОВЖС постапка, или ќе се изработи елаборат за животна средина, кој ја исклучува јавноста. При надзорот, наводно, инвеститорот му доставил на инспекторот прво копија од Барање за согласност за елаборат (со дата 06.4.2012), а потоа и копија од Барање за препис на решение за одобрување на елаборатот, доставено до Министерството на 02.10.2024“, стои во пријавата до ДКСК.

Патем, подносителот посочува дека копија од Барањето за согласност за елаборат, како и самото решение со кое наводно Министерството за животна средина го одобрило елаборатот на „Дивелоп Груп“, ги побарале од Министерството. Меѓутоа, одговорот што го добиле гласел дека „за доставеното барање, согласно архивата на МЖСПП, нема издадено Решение по елаборат за животна средина“?!

„Паѓа во очи тоа што инспекторот не увидел дека Дивелоп Груп поднел Барање за согласност за елаборат за заштита на животна средина на истата дата кога му е издадено Одобрението за градба (06.04.2012), што недвосмислено покажува дека Одобрението е издадено без одобрен елаборат“, стои во пријавата на „Фронт 21/42“ до Антикорупциската комисија.

СОМНЕВАЊА ЗА ФАЛСИФИКАТ

Згора на тоа, невладините до ДКСК укажале дека од документите кои биле предмет на надзорот јасно е дека одобрението за градба во 2012 година било издадено без одобрен елаборат. Во оваа смисла, додаваат тие, постоење на елаборат во 2024 година нема никакво значење. Дополнително, според нив, 30 дена е период во кој лесно може да се изработи документ кој ќе се нарече елаборат за заштита на животна средина.

„Се сомневаме дека инспекторот му овозможил на инвеститорот да изработи фалсификуван документ, со кој понатаму привидно може да „докаже“ дека хотелскиот комплекс се гради во согласност со Законот за животна средина“, навеле невладините, кои уште до ДКСК пријавиле дека не им биле доставени бараните документи од ДИЗС – копија од Барање за препис на Решението за одобрување на елаборатот, кој инспекторот го добил и во еден од дописите раскажувал дел од неговата содржина.

Оттука, подносителот смета дека инспекторот за животна средина, доколку доследно ги спровел одредбите од Законот за животна, ќе утврдел дека „Дивелоп Груп“ никогаш не доставил известување за намера за изведување на проект до Министерството за екологија, и по утврдување на фактичката состојба ќе го забранел спроведувањето на проектот, ќе наредел враќање на природата во првобитната состојба и ќе изречел соодветна глоба.

„Според Уставот и Законот за управување со охридскиот регион, инспекторот имал должност да издаде наредба на општината и Дивелоп груп да се стопираат какви било градежни активности на предметната локација, сѐ додека државата не ги спроведе постапките за стратегиска оцена на влијанието врз животната средина и оцена на влијанието врз културното наследство, кои ги бара Комитетот за светско наследство во последната одлука за охридскиот регион“, велат невладините до ДКСК.

Освен делот со одобрението за градење, дваесетината граѓански организации предводени од „Фронт 21/42“ го оспоруваат и урбанистичкиот план, тврдејќи дека и тој е незаконски. Поточно, тие во пријавата наведуваат дека хотелскиот комплекс на „Дивелоп Груп“ е дел од урбанистички план донесен во 2007 година (УПВНМ за дел од туристички комплекс локалитет „Горица“), без обврзната стратегиска оцена на влијание врз животната средина (СОЖС).

„Според Законот за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион, Општина Охрид имаше обврска да го поништи и за таа област да изработи нов урбанистички план, усогласен со заштитните зони и мерките за заштита од Планот за управување со светското природно и културно наследство на охридскиот регион (2020-2029). Оваа законска обврска општината требаше да ја спроведе најдоцна до 7.12.2020 година“, стои во пријава до ДКСК.

НЕЗАКОНСКИ УРБАНИСТИЧКИ ПЛАН

Значи, потенцираат граѓанските организации, повеќе од 3 години пред да започнат градежните активности на Горица 3, Општина Охрид имала законска обврска да донесе сосема поинаков урбанистички план. Ако овој план бил законски, според нив, не можел да предвидува хотел, бидејќи планираната „група на хотели во Горица“ во Извештајот за стратегиска оцена на влијанието врз животната средина за Планот за управување со Охридскиот Регион е посочена како „закана“ за светското наследство.

„Општина Охрид имаше законска обврска да нареди прекин на спроведувањето на урбанистичкиот план на кој се базира изградбата на хотелот на Дивелоп Груп и по друга основа – спроведување на Стратегиски план за рехабилитација на светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион (2023-2030).

Итната активност 2.6.1. од овој план, која општината требаше да ја спроведе до 2.2024 година, предвидува Одлука за прекин на примената на сите акти и плански инструменти со кои се дозволува урбана трансформација на крајбрежјето на Охридското Езеро“, стои во пријавата на невладиниот сектор до антикорупционерите.

Според подносителот, изградбата на незаконскиот хотелски комплекс, базиран на незаконски урбанистички план, продолжи и оваа 2025 година, со што постапките на надлежните органи, покрај тоа што овозможија серија законски прекршувања и неколку кривични дела со кои се уништува дел од светското наследство, придонеле и за прекршување на меѓународното право за материјална корист на инвеститорот.

„Во јули 2024 година, Комитетот за светско наследство ја усвои одлуката со која од Македонија се бара да го стопира градењето во близина на Студенчишко Блато и Горица Север и на комплексот Горица. Во декември 2024 година, Бернската конвенција при Советот на Европа ја усвои последната одлука за отворениот случај 2017/2 за заканите врз кандидат Емералд подрачјата Охридско Езеро и НП Галичица од урбанизација и инфраструктурни проекти…

Постојниот комитет на конвенцијата изразува посебна загриженост за развојот на урбан комплекс во рамки на Рамсар подрачјето Студенчишко Блато и почетокот на изградба, во април 2024, на нов хотелски комплекс која се базира на стар урбанистички план од 2007 година и се спроведува без законски обврзната оценка за влијание врз животната средина “, стои во пријавата до ДКСК.

ФОКУС ВРЗ НЕКОЛКУ ИНСТИТУЦИИ

Исто така, граѓанските организации поднесоа претставка и до Владата, посочувајќи дека таа се однесува на „уништувањето на светското наследство со противзаконското градење на хотелскиот комплекс на Дивелоп Груп во Горица, кое се базира на противзаконски урбанистички план за областа, сето тоа дозволено и овозможено со флагрантно кршење на Уставот, законите и меѓународното право, токму од страна на одговорните институции“.

Тие ја структурирале преставката на тој начин што детектирале разни пропусти, лоцирајќи ја вината врз неколку институционални нивоа. Една од нив е Општина Охрид, која, според подносителот на претставката, издала противзаконско одобрение за градење за хотелскиот комплекс во Горица, врз основа на проект за кој не е спроведена оценка на влијанието врз животната средина. Воедно, во овој дел се наведува и аспектот дека локалната самоуправа не го изменила урбанистичкиот план донесен во 2007 година.

„Актуелниот градоначалник има законска и уставна обврска да усвои Одлука за прекин на примената на сите акти и плански инструменти со кои се дозволува урбана трансформација на крајбрежјето на Охридското Езеро. Оваа обврска ја налага Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион и меѓународното право, што значи и Уставот“, гласи еден од заклучоците на подносителот на претставката.

Понатаму, невладините во дописот до премиерот, министрите, пратениците се осврнуваат на пропустите на Државниот инспекторат за животна средина, чија основна должност, како што велат, е да го обезбеди спроведувањето на Законот за животна средина и на Законот за заштита на природата. Наместо да превенира, пишува во дописот, Инспекторатот овозможил понатамошна деградација на природното наследство, ставајќи го комерцијалниот интерес на инвеститорот над јавниот интерес.

„Дури и да е законски валидно, а во ниеден случај не е, спроведување на проектот без поднесено известување за намера и одлука на МЖСПП за неспроведување на ОВЖС, инспекторот наместо решение за одобрување на елаборатот за животна средина издадено од страна на МЖСПП, од инвеститорот го побарал на увид елаборатот и за тоа му дал 30 дена. Такво решение не постои, што упатува на значајна помош од ДИЖС за инвеститорот за прикривање на фактичката состојба и фалсификување на документ“, стои во претставката.

Последно, граѓанскиот сектор ја опфаќа и улогата на Управата за заштита на животната средина при Министерството за екологија, која се прогласила за ненадлежна при барањето да констатира дека Општина Охрид не ја спровела активноста од Планот за управување со Охридскиот Регион, која налага измена на постоечките урбанистички планови, вклучувајќи го и оној за дел од Туристички комплекс Горица, кој веќе се реализира на терен со градба дефинирана како „закана“.

МОЖНИ КОРУПТИВНИ ПОСТАПКИ

Во тој правец, „Фронт 21/42“ наведува дека претставените постапувања на надлежните институции и нивните прекршувања на законите, Уставот и меѓународното право доволно јасно покажуваат целосно отсуство на владеење на правото поради флагрантно прекршување на сите релевантни закони, Устав и меѓународни договори, од страна на сите надлежни институции, во сите постапки.

Затоа, во претставката бараат одлука за поништување на одобрението за градење, одлука за отстранување на постоечката градба и враќање на природата во првобитна состојба, одлука за поништување на урбанистичкиот план и изработка на нов, одлука која ќе и наложи на Општина Охрид да ја усвои Одлуката за прекин на примената на сите акти и плански инструменти со кои се дозволува урбана трансформација на крајбрежјето на Охридското Езеро, како и испитување на можни коруптивни постапки.

Во меѓувреме, истиот подносител достави тужба и до Управниот суд, со која се бара ништовност на одобрението за градење на хотелот на Горица, поради веќе споменатата причина, т.е. бидејќи посоченото одобрение е издадено врз основа на проект за кој не е спроведена оценка на влијанието врз животната средина и за кој не постои Решение за согласност за спроведување на проектот од страна на Министерството за животна средина. Дури, одобрението е издадено и без Решение за одобрување на елаборат за животна средина.

Еден од клучните елементи на кои реферираат невладините организации при аргументирање на нивниот став дека проектот за изградба на овој хотел во Охрид се реализира незаконски и треба да прекине, е тоа што Општина Охрид не смеела да издаде одобрение за градење без претходно да се спроведе постапка за оцена на влијанието врз животната средина. Впрочем, тој дел е регулиран со член 77 од Законот за животна средина, кој гласи:

„(1) Владата на Република Македонија, на предлог на органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, ги определува проектите за кои задолжително се спроведува постапка за оцена на влијанието врз животната средина и ги определува критериумите врз основа на кои се утврдува потребата за спроведување постапка за оцена на влијанието врз животната средина, за други, генерално определени проекти, кои би можеле да имаат значително влијание врз животната средина, како и ги определува критериумите врз основа на кои се утврдува потреба од спроведување постапка за оцена на влијанието врз животната средина при настанување на промени на постојни објекти.

(2) Потребата од спроведување на постапка за оцена на влијанието врз животната средина се утврдува и со испитување на секој одделен случај, врз основа на карактерот, обемот и локацијата согласно со критериумите од ставот (1) на овој член, а имајќи ги предвид најновите научни и технички сознанија и решенијата во прописите со кои се определуваат најниските граници на емисии во животната средина“.

ГЕНЕРАЛНО ОПРЕДЕЛЕНИ ПРОЕКТИ

Во тој контекст, треба да се има предвид дека овој дел од Законот е разработен со „Уредбата за определување на проектите и за критериумите врз основа на кои се утврдува потребата за спроведување на постапката за оцена на влијанијата врз животната средина“, која пропишува проекти за кои задолжително се спроведува оцена на влијанијата врз животната средина, како и „генерално определени проекти“ за кои „би можеле да имаат значително влијание врз животната средина, заради што се утврдува потреба за спроведување на ОВЖС“.

Во однос на хотелите, тие спаѓаат во втората група на „генерално определени проекти“, наведени во Точка 12 од Табела 2, каде што во категоријата „Туризам и рекреација“ стои и „викенд-населби и хотелски комплекси надвор од градските подрачја и градбите поврзани со нив“. Според Уредбата, Министерството за екологија ја утврдува потребата за студија за ОВЖС за „генерално определените проекти“ како хотелите вон населени подрачја, согласно „карактеристиките на проектот, локацијата и можните значителни влијанија врз животната средина“.

Подзаконскиот акт уште пропишува дека надлежниот орган, врз основа на локацијата, треба да води сметка и за „апсорпцискиот капацитет на животната средина“, а при негово определување мора ја има предвид чувствителноста на животната средина, особено ако објектот е во близина на водни живеалишта, крајбрежни зони на водните екосистеми, подрачја со зачувани екосистеми, природни резервати и паркови, како и подрачја под посебна заштита.

Со оглед дека хотелскиот комплекс во Горица 3 е опфатен со членот 77 од Законот за животна средина и припаѓа во групата проекти наведени во Прилог 2 од Уредбата, граѓанскиот сектор смета „Дивелоп Груп“ немал слободен избор дали за проектот ќе изработува ОВЖС-студија, туку таа одлука ја носи Министерството за екологија. Но, известување за намера спроведување на ОВЖС до Министерството никогаш не е поднесено. Ако тоа било направено, речиси невозможно би било да донесе решение за одобрување на студијата, во ситуација кога хотелот е лоциран во крајбрежна зона, плус во подрачје под посебна заштита.

Затоа, невладините организации бараат поништување на градежната дозвола, но истовремено бараат поништување и на урбанистичкиот план врз основа на кој е издадено одобрението и веќе се гради хотелот. Патем речено, тие изразуваат сомнежи и за корупција во целиот случај, така што споменуваат конкретен инспектор за животна средина и таргетираат неколку клучни јавни органи – Општина Охрид, Државниот инспекторат за животна средина и Управата за животна средина при Министерството за екологија.

Од друга страна, надлежните велат дека нема ништо незаконско, бидејќи објектот се гради врз основа на одамна донесен план и издадено одобрение, чиј рок бил продолжен со анекси овозможени од законски измени. Сепак, треба да се почека исходот од пријавата, претставката и тужбата на невладините организации, кои, доколку бидат во нивна полза, можно е да ја спречат реализацијата на проектот. „Фокус“ и понатаму ќе ја следи и обработува оваа тема!

Слични вести