Да ги спречиме учениците на Груевски да се вратат на власт, порача Ковачевски

by Фокус

Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски на денешната трибина во Скопје порача дека нема да има толеранција кон неефикасност, неспособност и нечесност.

-Тие што нашите обврски кон граѓаните ги заборавиле или не ги исполнуваат, одговорно ви велам дека ќе им се заблагодариме. Ниту имаме можност, ниту смееме, ниту ќе дозволам толеранција кон неефикасност, неспособност, нечесност. Јавно кажувам. Мора да има ред, знаење и работа. Мора да има дисциплина – рече Ковачевски.

Тој рече дека е разочаран од уште едниот пораз на правната држава и доказот за ниската доверба на граѓаните во правосудните органи и притоа порача дека судството мора да најде начин да биде поефикасно и да сработи многу подобро и побрзо во интерес на правдата и во интерес на граѓаните.

-Но, јас секогаш кажувам и вечерва ќе повторам, судството е независно, и јас никогаш нема да се мешам во ниту еден судски процес, судницата не е место за решавање политички проблеми. Ако некој се плаши од враќање на стариот режим, одговорот ќе биде на изборите. Затоа СДСМ ќе ги вложи сите напори да победи на следните избори и да ги спречи учениците на Груевски да се вратат на власт – рече Ковачевски.

Време и место за евтина политика, вели Ковачевски, не треба да има.

-Сосема сум свесен за последиците од децениските разочарувања, стоење во место, политичките препукувања, кризите од надвор и внатре. И јас сум човек и граѓанин, кој сака повеќе, подобро, побрзо. Сака да види средена и држава со оптимизам и внатрешна позитивна енергија – изјави Ковачевски.

Тој истакна дека ова е ново време кое, според него, треба да даде простор и поддршка на знаењето, на чесните и конструктивни граѓани.

-Ова е време да покажеме дека европската интеграција значи ред и поредок, економски стандард, безбедност и здрава животна средина. Да покажеме конкретно дека можеме и ние да бидеме држава, во која се признава и наградува доброто и чесното, а се казнува лошото и криминалното. Да покажеме дека сите сме исти пред Уставот и законите, на дела, не само со зборови – рече Ковачевски.

Поврзани новости