Борисов ја повика опозицијата за формирање експертска влада

by Fokus

Бугарскиот премиер Бојко Борисов, чија централно-десничарска партија ГЕРБ, според излезните анкети,  победува на вчерашните парламентарни избори, ги повика неговите противници да ги здружат силите, навестувајќи ја идејата за формирање влада. „Јас ви нудам мир. Дозволете ни да назначиме експерти и до декември можеме да ја надминеме пандемијата и да одиме напред“, вели Борисов во видеото на Фејсбук. „Тоа е мојата понуда до сите вас. Дозволете ни да ги избереме најдобрите луѓе да ја завршат работата. Обединети сме силни“, рече тој.

На изборите се гледаше како референдум за Борисов, кој доминира во бугарската политика повеќе од една деценија. Во последните месеци земјата бележи антивладини протести и во моментот доживува наплив на инфекции со коронавирус. Според излезните анкети, се предвидува партијата ГЕРБ да освои околу 25 проценти од гласовите, што е помалку од 33,5 проценти во 2017 година. Анкетата на „Алфа рисрч“ ја стави опозициската Социјалистичка партија на второто место со 17,6 проценти од гласовите. Движењето „Има таков народ“, на чие чело е телевизискиот шоумен Слави Трифонов, според проекцијата, е на трето место со 15,2 проценти. Две други партии – Турското движење за права и слободи (ДПС) и националистичкото Бугарско национално движење (ВМРО) – исто така се предвидува да освојат места во парламентот со 240 места.

Централната изборна комисија (ЦИК) досега објави само нецелосни резултати. Во раните утрински часови на 5 април, Комисијата соопшти дека со само 16 проценти преброени гласови, партијата ГЕРБ имала 24 проценти, „Има таков народ“ имала 18 проценти, а Социјалистичката партија имала 15 проценти. Конечните официјални резултати се очекува да бидат објавени за неколку дена. Доколку се потврдат проекциите, на Борисов ќе му биде доделен мандат за формирање на неговиот четврти кабинет.

 

Поврзани новости