Борел најавува нова ера во односите меѓу ЕУ и САД

by fokus

Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел денеска во своето обраќање пред Европскиот парламент најави почеток на „новата ера“ во односите меѓу Унијата и САД.

За време на дебатата за резултатите од претседателските избори во САД, Борел му честиташе на Џо Бајден на „историската победа“, а на американскиот народ за „најголемата излезност во историјата“ и „свеста за важноста на овие избори“.

– Не е тајна дека имавме компликувани односи во последните четири години. Се радувам на враќање на искрен дијалог и, каде е тоа можно, на имплементација на заеднички стратегии и ресурси за нивно спроведување, рече Борел.

Шефот на дипломатијата на ЕУ ја поздрави најавената посветеност на идниот претседател на САД „за враќање на единството и демократските принципи“ и соработка со сојузниците врз основа на „вистинско партнерство“.

Тој истакна дека врските меѓу САД и ЕУ мора да се развиваат врз основа на партнерски односи, што ќе бара понатамошно зајакнување на европската стратешка автономија.

– Тоа значи дека работиме на нашите сопствени можности да реагираме и да се браниме, но истовремено да соработуваме со САД на повеќе полиња, истакна Борел.

Поврзани новости