Бебето што почина од туберкулоза четири месеци воопшто не напредувало во килажата

by Fokus

Просечно бебе од девет месеци тежи 9 килограми, или помеѓу 7 долна граница или 11 горна граница, затоа се вклучил алармот на здравствените работници кои увиделе дека бебето кое почина од туберкулоза на Детска клиника, тежи само 3 килограми. Но од Министерството за труд и социјална работа велат дека по проверката во домот на семејството, утврдиле дека нема елементи на запоставување.

„Она што е утврдено од увидот на лице место е дека семејството живее во добри услови, хигиената е на завидно ниво, како семејство не се корисници ниту на едно право од социјална и детска заштита. Во разговорите со едниот родител, таткото, бидејќи мајката беше во болница со најмалото дете, е утврдено дека и тој и мајката се грижливи“, рече министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

Таа додаде дека само таткото во семејството работи, додека мајката се грижи за децата. Останатите деца, вели министерката, се во добра здравствена состојба. Во меѓувреме и на нив им беше дијагностицирана туберкулоза.

„Она што морам да го истакнам е дека другите три деца се во добра состојба, со развиени хигиенски навики, добри ученици во училиштето. Значи, не се работи за запоставување на децата од страна на семејството. Семејството е стигматизирано во моментов и децата и мора да работиме на тој сегмент за да можеме да ги заштитиме од секакви понатамошни стигми од околината“, нагласи министерката.

Но се поставува прашањето дали затаиле службите? Според информациите од Министерство за здравство, во петтиот месец, кога бебето било вакцинирано во здравствениот дом во Куманово, тежело 3 килограми. Имено на 20.10.2022 година при прегледот во Службата за имунизација во Куманово при прегледот е утврдено дека бебето тежело 3.300 грама. Бебето било родено во 35-та гестациска недела, со тежина од 1кг и 740 грама, значи се до тогаш напредувало добро и според очекуваниот календар.

Зошто бебето воопшто не ја кренало килажата, дали е проблемот во социјалните служби, ќе треба да испита народниот правобранител, од каде рекоа ќе отворат предмет за случајот. За потсетување мајката на бебето претходно била болна од туберкулоза, не е познато дали детето е тестирано за туберкулоза пред да ја прими вакцината.

 

Поврзани новости