Атиџе е нашата ѕвезда што сјае и заслужува достоинствен живот, велат од МАТУСИТЕБ кои и доделија награда

by fokus

Атиџе Муратова, ѕвездата од документарецот ,,Медена земја’ ја доби наградата ,,Ѕвезда што сјае” која ја доделува МАТУСИТЕБ, Сојуз на турски невладини организации.
Истата и ја врачи Хасан Мемет Секизќок, Амбасадорот на Република Турција во земјава.

Од сојузот на турски невладини организации за ,,Фокус” појаснуваат дека манифестацијата за прв пат се одржала лани, и биле доделени награди во 12 категории, а ,,Ѕвезда што сјае” била највисокото признание. Велат дека Атиџе, преку која силно се слушнал гласот на Турците во Македонија дури и до Холивуд и низ целиот свет, а исто така и за Македонија, сосема заслужено ја добила наградата, која треба да биде мотив плус хероината од ,,Медена земја” да не биде заборавена од институциите и да и се помогне да си го среди животот.

-Наградите се наменети за Турци кои живеат во Македонија, а имале успех во разни области, како на пример писатели, лекари, спортисти… Посебно за оние кои на интернационално ниво оставиле некој белег со своите дела.
Оваа година Атиџе сосема заслужено ја доби највисоката награда, таа навистина е ѕвезда што сјае. Преку нејзината приказна се отсликува животот на голем број на луѓе кои живеат во слични услови, во рурални средини, и кои не смеат да останат невидливи за системот. Значи, не е само Атиџе, многу ги има, а таа е нивниот глас. Ние сме малцинство во Македонија, но сепак ова е нашата земја, овде живееме со генерации, овде плаќаме такси и даноци, се трудиме за подобро утро на сите.
Очекуваме дека наградата која и ја доделивме на Атиџе ќе биде мотив плус Македонија да и помогне, бидејќи ова е земјата која што таа ја претстави пред светот – во телефонски разговор за ,,Фокус” вели Лејла Шериф Емин од сојузот.

Додава дека очекуваат државата да и излезе во пресрет на Атиџе која е доста скромна и не бара многу, туку само најосновното за достоинствен живот, бидејќи таа најдостоинствено не претстави пред светот.

-Имавме доста разговори на темата, првенствено очекуваме државата да и помогне на Атиџе. Доколку тоа не се случи, ќе побараме начин преку здруженија во Турција и хумани граѓани од таму да и помогнат, но сметаме дека Македонија треба да и подаде рака на нашата хероина, бидејќи таа ја претстави Македонија, земјата во која ние како малцинство живееме и придонесуваме и ја сакаме. Веруваме дека ,,Ѕвезда што сјае” ќе биде доволен мотив и инспирација конкретно да се преземе нешто околу решавањето на состојбата на Муратова, која не заслужува да се собираат донации за неа, бидејќи е голем промотор на земјата. Да се гордееме со луѓето како неа, со чиста душа, и да и го олесниме животот – ни изјави Лејла.

Вики Клинчарова

Поврзани новости