За 47% е намален бројот на сообраќајки со тешки повреди во државата

by fokus

Мобилната единица за безбедност во сообраќајот при Министерството за внатрешни работи спроведе засилена акциска контрола во областа на сообраќајот на територијата на Велес, при што се санкционирани 91 возачи, меѓу кои 11 за возење без возачка дозвола, 14 за управување со нерегистрирано возило, а санкционирани се и седум возила што вршат јавен превоз, соопшти портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

-Евидентно е дека имаме подобрување на дисциплината на возачите на целата територија на државата, како резултат на овие засилени контроли, што пак се рефлектира и на значително намалениот број на сообраќајни незгоди и жртви, додаде Ангеловски.

Во споредба со ноември 2019 година, оваа година има за 21 отсто намален број на сообраќајни незгоди, намален е бројот на загинати лица за 36 отсто, за 75 отсто е намален бројот на загинати пешаци, а за 47 отсто е намален бројот на сообраќајни незгоди со тешки телесни повреди.

На територијата на Велес е евидентирано намалување на бројот на сообраќајни незгоди, особено оние со тешки телесни повреди, што се намалени за 62 отсто, додека бројот на загинати лица е намален за 67 отсто, а за 28 отсто е намален вкупниот број на сообраќајни незгоди.

Од МВР информираат дека засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови и апелираат до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот.

Поврзани новости