АРХИВА Кој е тајниот советник за национална безбедност на Иванов?

by Fokus 22:10
22:10

Текстот е објавен на 17 април, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 967

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

- Advertisements -

Кога веќе беше јасно дека ќе победи во првиот круг на претседателските избори, Ѓорге Иванов се појави во изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, стациониран во Домот на АРМ. Покрај членовите на неговото најтесно семејство, неговото пригодно обраќање го следеа и неговите соработници од претседателскиот кабинет. Сите заедно му се радуваа на изборниот резултат со над 100.000 гласа разлика.

Па, меѓу присутните беа препознатливи ликови од неговото опкружување, кои вршат улога на формални и неформални советници. Сепак, неизвесно е дали присуствувал фамозниот советник за национална безбедност, кој цел петгодишен мандат се држеше во строга тајност, па никој не може да го препознае.

Останува нејасно кој е овој човек и зошто упорно се крие неговиот идентитет, кога претходно беше јавно познато дека оваа функција ја вршеа ексамбасадорот и експреговарач во спорот со Грција, Никола Димитров, како и универзитетскиот професор и кандидат за претседател, Стево Пендаровски?

 ПАРТИСКИ ИЛИ СТРУЧНИ СОВЕТНИЦИ

Во првите редови во вмровскиот изборен штаб, во неделата беше и генералниот секретар во кабинетот на претседателот, Борис Јосифовски. Пред да стапи во служба кај претседателот, прво како советник за внатрешна политика, а потоа и како прв оперативец по заминувањето на Дарко Ангелов за амбасадор во Унгарија, Јосифовски бил советник во Општина Гази Баба и бил ангажиран како советник во Министерството за култура. Тој е син на поранешниот член на Државната изборна комисија, на предлог на ДПМНЕ, и актуелен уставен судија, избран од парламентарното мнозинство, Илија Јосифовски.

Освен него, кој важи за главниот мост меѓу партијата и претседателот, тука беше и заменик генералниот секретар задолжен за организациски и протоколарни работи, Иле Масалковски. Тој дипломирал на Правниот факултет во Скопје, а магистрирал јавна администрација на Факултетот за администрација и менаџмент и информациски системи, каде што подоцна е избран за демонстратор и за помлад асистент. Бил доста активен во невладиниот сектор и во младинската меѓународна политика.

Инаку, Масалковски потекнува од Битола, од каде што доаѓа и еден од луѓето од најголема доверба на Иванов, Зоран Илиевски, а двајцата важат за лични решенија на претседателот. Илиевски од 2007 година му бил асистент на Иванов на скопскиот Правен факултет по предметите Политички теории и Политичка филозофија. Откако Иванов е избран за шеф на државата во 2009 година, Илиевски станува раководител на Институтот за политички науки, па во кабинетот на претседателот дејствува како надворешен соработник.

Понатаму, во најтесниот круг на првиот човек на државава се наоѓаат и чиновници со подолг стаж во претседателската вила. Еден од нив е заменик-секретарот задолжен за правни и финансиски работи, Љубен Арнаудовски, кој во минатото бил советник во неколку претседателски кабинети. Исто така, државниот советник за надворешна политика, Дарко Костадиновски, истата функција ја вршел од 2001 година, и во времето на Борис Трајковски и во времето на Бранко Црвенковски.

 ОД ВОДНО НА СЛУЖБА ВО ТЕТОВО

Дополнително, државен советник за меѓунационални односи на Иванов е Љуљета Ќуфлиу, која, како и нејзиниот претпоставен, професионалната кариера ја почнала како новинарка во Македонската радио-телевизија. Во нејзината официјална биографија се наведува дека „уметноста на дипломатијата ја стекнала работејќи со меѓународни дипломати – претставници на повеќе светски организации“. Иако се појавија информации дека е предлог на ДУИ, доброупатените соговорници го негираат тоа.

Типичен кадар на „интегративците“ бил веќе поранешниот советник за економски прашања, Ахмед Ќазими. Тој дошол на оваа позиција од владиниот Секретаријат за спроведување на Рамковниот договор, со кој секогаш раководеле кадри од албанската владејачка партија. Моментално прв човек е Муса Џафери.

Арно, ама, Ќазими повеќе не ја врши оваа функција бидејќи кон крајот на 2013 година бил избран на јавен оглас за раководител на Секторот за јавни дејности на Општина Тетово, под раководство на потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи.

Во оваа смисла, негодување изрази лично претседателот во рамките на дебатата со конкурентите на претседателските избори, одговарајќи на критиките дека не го почитувал принципот за соодветна застапеност од сите етнички заедници во неговиот кабинет. Наспроти тоа, во врска со прашањето на Пендаровски да го открие советникот за национална безбедност, Иванов одби да го стори тоа. Единствено истакна дека станува збор за стручно лице кое ги поседува потребните квалификации и ги поминало потребните обуки?!

Токму ваквата настојчивост да се кријат името и презимето на советникот за национална безбедност може да алудира на тоа дека лицето е контроверзно, но тоа го демантираат нашите соговорници од кабинетот на Иванов посочувајќи дека станува збор за сосема квалитетен кадар.

Втората претпоставка е дека природата на неговата работа бара тој да се чува во тајност. Во тој контекст, некои медиуми пред неколку дена пренесоа изјава од членот на Советот за меѓународни односи на првиот човек на државата, Димитар Мирчев, дека советникот за национална безбедност е вработен во Агенцијата за разузнавање.

Не реков така, туку дека јас не советувам во однос на ова прашање – дообјаснува Мирчев, на некој начин повлекувајќи ја претходната изјава.

Во секој случај, испративме прашања и до кабинетот на претседателот: кој е советникот по национална безбедност и какво е неговото претходно работно искуство. Ама, не добивме одговор. Нема одговор ниту за второто прашање. Тоа гласеше: Кој е или кој ќе биде новиот советник за економски прашање по трансферот на Ќазими во Општина Тетово?

 ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ПЛАТИ, ПОМАЛКУ ЗА ДОГОВОРНИ УСЛУГИ

Државните советници спаѓаат во категоријата на раководни државни службеници, кои, според уредбата за опис на звањата на државните советници, подготвуваат материјали и документи кои содржат предлози, совети и мислења за политики по прашања од некоја област. Доколку е точно дека лицето, кое е консултант на Иванов за прашања од полето на безбедноста, е вработено во Агенцијата за разузнавање, која, патем е под директна контрола на шефот на државата, тоа лице не може да биде избрано за државен советник. Туку, единствено може да биде ангажирано како надворешен советник или соработник.

Интересно е дека, според Буџетот за тековната 2014 година, средствата за основни плати и надоместоци за вработените во кабинетот на претседателот минимално се зголемени, додека за договорни услуги драстично се зголемени. Така, од вкупниот буџет за оваа институција, во висина од 72.717.000 денари, за плати и надоместоци за вкупно 47 вработени се издвојуваат вкупно 23.697.000 денари, што е нешто повеќе во споредба со минатата 2013 година. За разлика од тоа, сумата за договорни услуги, во висина од 6.280.000 денари, претставува за повеќе од половина помалку во споредба со изминатата 2013 година.

Кога веќе се знае дека Иванов нема формален советник за национална безбедност со статус „државен советник“, извори од претседателскиот кабинет посочуваат оти претседателот Иванов во изминатиот мандат се консултирал за прашања од безбедноста со Синиша Алексовски. Тој бил командант на полициската единица „Алфи“ до 2009 година, кога се одржаа претходните претседателски избори. Неговата оставка во една пригода ја коментираше министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, која рече дека „одлично си ја вршел работата и неговата единица била една од најефикасните во рамките на МВР“.

Според неофицијални информации на „Фокус“, луѓето што се грижат за севкупната безбедност на претседателот, од обезбедувањето, па сè до советувањето, не биле во најдобри односи со лицата што се задолжени за безбедноста на премиерот Никола Груевски. Особено меѓу одредени припадници од двете страни, наводно, имало нетрпеливост како резултат на негативното мислење за противничкиот табор. И покрај тоа, досега, барем од она што е познато, не избил посериозен конфликт или тој бил во контролирани рамки.

Која е крајната причина да се крие советникот за безбедност на првиот човек на државата е несфатливо, настрана што многумина соговорници од скопско Водно велат дека во тоа нема никаква драматика. Како и да е, кога се познати советниците за други прашања, зошто и човекот што ги обликува ставовите на претседателот во однос на безбедноста на државата, да не биде јавно познат? Причина повеќе е тоа што неговите услуги ги плаќаат сите граѓани!

РАМКА

По разрешувањето од Агенцијата за разузнавање

АЛЕКСАНДАР БОЦИНОВ СЕ ВРАТИЛ НАЗАД ВО МВР

Еден од луѓето со кого се советувал претседателот во почетокот на мандатот во 2009 година е Александар Боцинов, поранешен директор на Агенцијата за разузнавање. Неговото разрешување во 2012 година поттикна многу шпекулации околу мотивите на Иванов да го замени со Наќе Чулев, кој прво беше избран за в.д. директор, а една година подоцна и за директор на институцијата. Официјалното соопштение тогаш гласеше дека оваа одлука била на лично барање на Боцинов, но и до ден денес останаа енигма вистинските причини.

Тој претходно работел во военото разузнавање, но дојде на оваа функција од Управата за безбедност и контраразузнавање, на чело со Сашо Мијалков. Како што не информираа од Министерството за внатрешни работи, тој во меѓувреме се вратил во МВР. Но, не во државната, туку во јавната безбедност.

Поврзани новости