Текстот е објавен на 14 октомври, 2026 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1619
Пишува: Ирена МУЛАЧКА
„Синдикатите во одбраната и Армијата се организации што ги застапуваат и штитат работничките, економските, социјалните и професионалните права и интереси во Министерството за одбрана. Нивната цел е да обезбедат подобри услови за работа, правична заработувачка и почитување на правата на вработените. Накратко, синдикатот е гласот на вработените“.
Вака како дефиниција многу убаво звучи, само уште да се почитува. На хартија е едно, но во пракса сосема друго. Македонија како земја има бројни синдикати, па, според официјалните податоци, во Министерството за економија и труд се запишани околу 90 синдикални организации, кои се залагаат за работничките права.
Но, што правиме со оние „синдикати“ што работат контраправата на работниците, но затоа со тапија се поддржувачи на актуелната власт, блиски до министрите и градоначалниците… Тие, исто така, на хартија функционираат како синдикални организации, но само на хартија. Преку нив се врши и притисок за зачленување преку суптилни закани за откази или ветувања за привилегии, а честопати служат и како „параван“ кога се носи некоја одлука, да се прикаже во јавноста дека е донесена во „соработка и согласност со работниците“.
Уште се познати и под името „Жолт синдикат“, кој, наместо да ги штити правата на работниците, примарната цел е да ги заштити интересите на газдата, менаџментот или власта.
Поимот настанал во Франција, во 1899 година. Кога работниците во една фабрика за челик организирале штрајк, сопственикот формирал свој, лојален синдикат за да го скрши штрајкот. Членовите на овој лажен синдикат се состанувале во зграда со жолти стакла, а подоцна почнале да носат и жолти ленти за да се разликуваат од вистинските штрајкувачи што носеле црвени симболи. Оттогаш, во политичкиот и економскиот речник, „жолт синдикат“ стана синоним за предавство на работничките права.
Ваквата шема функционира секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, но корените се изродија кога со државата управуваше поранешниот премиер Никола Груевски.
ВМРО нема да биде ВМРО ако на секој протест нема контрапротест, ако на секој синдикат нема контрасиндикат. За десетгодишното владеење на Груевски, таа шема беше добро разработена, проширена и надградена. Ако само некој работник се осмелеше да крене глава против власта, веднаш се појавуваше „синдикат“, кој по автоматизам е задоволен од власта и од нејзината работа.
Ваквата шема се чини е добро разработена и во Министерството за одбрана, со кое во моментов управува министерот Владо Мисајловски. Но, што точно се случува таму?
ПРЕКУ ДЕН РАКОВОДИТЕЛ, ВЕЧЕР СИНДИКАЛЕЦ
Во Министерството за одбрана постојат седум синдикати, од кои еден е репрезентативен и познат како Независен синдикат на одбраната со кој управува полковник Маријо Јуришиќ. Постојат уште неколку синдикални организации со различни претседатели, но тоа што е чудно е што во текот на 2026 година е формиран сосема нов синдикат, познат под името „Синдикат на вработените во одбраната и Армијата“, на чие чело е Милан Андоновски.
Според документите со кои располага „Фокус“, одлука за основање на овој синдикат е донесена на седница одржана на 5 февруари 2026 година, поточно пред речиси девет месеци, а како основачи се наведени шестмина, од кои сите се на раководни функции во Министерството за одбрана и Армијата.

Поделен е на две синдикални организации, од кои едниот е „Синдикат на вработени во Армијата“, познат како воен, со кој управува Зоран Цветковски, командант на ренџерски баталјон, додека другата синдикална организација е позната по името „Синдикат на вработените во Министерството за одбрана“, познат како цивилен, на чие чело е Крсте Малинковски, кој е раководител на Директорат за меѓународна соработка во МО. Но, сепак, главната палка е во рацете на Милан Андоновски.
Документите од Централниот регистар, исто така, покажуваат дека новиот синдикат официјално е регистриран пред неколку месеци, поточно на 27 март 2026 година, со адреса во скопската населба Гази Баба, а како претседател фигурира токму Милан Андоновски.
Ако се разгледа фејсбук-профилот на актуелниот министер за одбрана, може да се види дека тој објавил фотографии од веќе остварена средба со синдикатите на крајот на јуни, со цел како што пишува Мисајловски да се почне процесот на дијалог за изработка на нов Колективен договор. Токму на таа средба, главна улога има новиот синдикат, со кој веќе официјално почнуваат преговорите.
Но, време е да ја отвориме Пандорината кутија и да објасниме кои се луѓето и членовите што фигурираат во „Синдикатот на вработените во одбраната и Армијата?
Како прв човек и претседател на овој синдикат е веќе споменатиот Андоновски, кој само ако се отвори официјалната страница на Министерството за одбрана може да се забележи дека управува со Директоратот за правни работи. Тој е еден од раководните лица во Одбрана, а истовремено управува и се „бори“ за правата на работниците. Андоновски, исто така, во моментов е и претседател на Управниот одбор на ЈП „Улица и патишта“.
Сепак, тој не ја крие неговата блискост со владејачката гарнитура, а тоа го покажуваат и неговите фејсбук-профили, на кои едниот е поофицијален со фотографии од одбрана, додека другиот профил е преплавен со митинзи на ВМРО-ДПМНЕ, изјави на министри, собраниски говори на вмровски пратеници, и тоа сè во времето на Груевски.
Но, тоа не е сè. Андоновски, во тој период бил функционер од редовите на оваа партија, поточно додека со Општина Гази Баба управувал тогашниот градоначалник Тони Трајковски, тој бил претседател на Советот на оваа скопска општина. Неговото име се споменува и во предметот на тогашното Специјално јавно обвинителство, за „Насилствата во Центар“, каде што тогаш обвинетите се товареа за поттикнување на насилството што се случи при протестите во Општина Центар, во јуни 2013 година.
Според нашите информации, тој е во кумски врски и со сегашниот прв човек на Гази Баба, Боби Стефковски, а е близок пријател и десна рака и на министерот Мисајловски.
„Фокус“ испрати неколку прашања и до претседателот на овој синдикат, Андоновски:
- Вие во Министерството за одбрана сте на раководна функција во Директоратот за правни работи, а од друга страна сте претседател на Синдикатот на вработени во Армијата и одбраната. Нели е тоа конфликт на интереси?
- Како може од една страна да ја застапувате страната на Министерството, а од друга страна вие и другите членови и основачи на Синдикатот да ги застапувате правата на вработените?
Сепак, до затворањето на весникот од него не добивме повратни одговори.
ПОДОБНИ СИНДИКАТИ
Претседателот на „Синдикатот на вработените во одбраната и Армијата“ не е единствениот што е на функција во Министерството. Иако, останатите основачи и членови ѝ се непознати на јавноста, сепак нивните позиции се клучни за случувањата, кои ги засегаат вработените, како и нивната битка за работничките права.
Како втор човек по Андоновски, а воедно и основач е Дејан Чиплаковски, кој пред две години, поточно на 11 септември, 2024 година станува бригаден генерал.
Освен него, на листата на основачи може да се најде и Миле Стојковски, кој според официјалната веб-страница на Министерството за одбрана е раководител на Директоратот за комуникации. A, во новоформираниот синдикат фигурираат и имињата на Ивица Вељановски и Николче Мушаревски, од кој првиот е во Секторот за комуникации и информации, додека, пак, Мушаревски е правник во одбрана и го застапува Министерството на суд со овластување од државен правобранител.
„Основни цели на Синдикат на вработените во одбраната и Армијата се остварување, унапредување и заштита на економски, социјални, работнички, професионални, образовни, културни и други поединечни и колективни права и интереси на неговите членови, водење социјален дијалог, колективно преговарање и склучување колективни договори на ниво на гранка и на ниво на работодавец“, се наведува во официјалната одлука за основање на Синдикатот, со која располага „Фокус“.
Со првата синдикална организација управува Зоран Цветковски, кој е командант на ренџерски баталјон, а тука можат да се најдат и имињата на Бојан Богојевски и Марјан Богоевски и двајцата офицери во Ренџерски баталјон. Исто така, тука е и подофицерот во истиот баталјон Никола Никодиновски, како и подофицерот Љубе Трајковски.
Според Уставот и законите на Република Македонија, правото на слободно синдикално здружување е основно право на секој вработен, но постојат законски ограничувања и прашања за судир на интереси кога станува збор за раководни лица.
Законот за работни односи предвидува дека раководните лица, кои дејствуваат во име на институцијата, не смеат да имаат контрола над основањето и дејствувањето на синдикатите, ниту, пак, да го финансираат синдикатот со цел да вршат контрола над него.
Додека, пак, Законот за спречување корупција и судир на интереси вели:
„Кога едно раководно лице што одлучува за унапредување, дисциплински постапки и распределба на буџет, истовремено се јавува и како основач на синдикат, тоа се наоѓа во двојна улога: преговара и во име на работниците, и во име на Министерството“.
На тоа реагираат и од Независниот синдикат на професионални војници од каде што тврдат дека во Министерството за одбрана е формиран нов синдикат, кој е под директно влијание на раководството на институцијата.
„Новоформираниот „Синдикат на вработените во одбраната и Армијата е основан од лица на раководни функции во министерството за одбрана меѓу кои се раководители на сектори, бригаден генерал, командант на единица…
Тоа е наменски синдикат близок до министерот Владо Мисајловски, а синдикализмот и правата на работниците се сведоа на преговори со подобни синдикати и игнорирање на неподобните синдикати“, велат од Независниот синдикат.
„Фокус“ испрати неколку прашања и на официјалниот имејл на новоформираниот синдикат, за тоа дали постои конфликт на интереси, и за обвинувањата на нивна адреса, но до затворањето на весникот од таму не добивме повратни одговори.
Рамка1:
Министерство за одбрана:
СИТЕ РАБОТНИЦИ ИМААТ ПРАВО ДА ОСНОВААТ СИНДИКАТ
„Фокус“, на оваа тема побара одговор и од Министерството за одбрана, од каде што ги добивме следните одговори:
„Согласно Законот, сите работници имаат право, по свој слободен избор, да основаат синдикат и да бидат членови во синдикат, а на работодавачот, односно во случајов на Министерството за одбрана, му се забранува да врши надзор или влијание врз основањето и дејствувањето на синдикатот. Министерството во целост ја почитува оваа одредба. Во одбраната и Армијата функционираат шест синдикални здруженија“, се наведува во одговорот од МО.