АРХИВА Дневник: Љубе заврши во апс кога почна да зборува за фирмите во Панама и Лугано

by Fokus 00:05
00:05

Текстот е објавен на 21 март, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 963

Не ми е јасно зошто сите „перат раце“ од швајцарската фирма „Ексико“? Ничија ли е!? Или, како што би отпеал Славе Димитров: „Чија си, на кого радост ти му носиш“… Оти фирмата е влезена во едно чудо компании во Македонија.

Не се сеќавам дали премиерот бил на „роуд шоу“ во Швајцарија. Односно, енигма е што толку ги намами непознатите газди да се распослат низ Македонија. Ако ништо друго, зошто владата не се пофали со „Ексико“ како еден од најголемите инвеститори во земјава. Чудно, ама ни во партискиот отчет не ја споменуваат!

- Advertising -

 Пишувала: Јадранка КОСТОВА

 ДО ЗОЛВАТА Е!?

Четврток 13/3/2014

Шекеринскa, покрај братучеди имала и золва, која требало да ја згрижи!“, поентираше Влатко Ѓорчев со посебна драматуршка дикција, со треперлив глас, кога најави „фрапантни докази“ за Радмила додека раководела со Секретаријатот за европски прашања.

Не знам како да ја укапирам прес-шемата на вмровците? Во тој дух, онака шашардисана од фрапантните докази, излегува дека најфрапантно е што Груевски има само братучеди, а нема золва!?

КОРУПЦИСКИ ТУРИЗАМ

Петок 14/3/ 2014

Како почна опозицијата ударнички 24/7 да открива скандали на власта, пардон, согласно преродбеничкиот курс – да клевети, се присетив на еден инвентивен проект. Пред неколку години, кога Чешка, според индексот на корупција, беше рамо до рамо со Намибија и со Саудиска Арабија, една туристичка агенција се сети на оригинален начин да профитира од црната статистика. Името на агенцијата доволно кажуваше – „Корапт Тур“.

По урнекот на туристичките тури кои нудат обиколка на археолошки ископини, оваа агенција нудеше обиколка на местата кои се симбол на корупцијата во главниот град Прага. Така туристите можеа да ги видат палатите на богаташите вмешани во сомнителни бизниси, одредени објекти кои чинеле многу пари, зграда во која биле регистрирани дури 589 фантомски фирми, како и универзитет на кој за поголема сума пари се дипломира за една година!

Оттаму, Шилегов би можел комотно да биде и туристички водич, кој на гостите ќе им го презентира нашето корупциско богатство! Ги носи пред зградата на Димче Мирчев каде што просечните семејства имаат станови. Турата продолжува пред најскапиот споменик со фонтана, продолжувајќи накај театарот со најмногу анекси.

Во чешката корупт-тур варијанта се оддаваше внимание и на одредени објекти кои се покажале целосно непотребни, а како таков се третирал еден тунел, чија цена во текот на изградбата постојано се зголемувала. Во нашиов случај, туристите треба да ги видат трите жални врби… Ма, и лаѓите од бетон. Веројатно некој наш Шоиќ „одувек“ мечтаел да биде „капетан лаѓе“!

За палатите на богаташите – имаме и ние коњ за трка. И за „тендерушите“ од власта. И за маговите од офшор-бизнис провениенција. Имаме и факултети каде што експресно се дипломира, па и докторира. Во маршрутата, секако, ќе се најде и автопатот во изградба Демир Капија – Смоквица. Турата треба да заврши во студентскиот дом „Гоце Делчев“, колку за споредба на „сјајот и бедата“ на преродбата!

Е сега, немам идеја колку треба да се наплаќа за овој туристички поход, ама сдсмовци ќе можат да заработат барем за плаќање клеветнички отштети!

ВИСТИНАТА Е СМЕШНА!

Сабота 15/3/ 2014

Тактиката на власта „нападот е најдобра одбрана“ добива и смешни димензии. Се сетив така на мотото на познатиот француски сатиричен неделник „Канар еншене“: „ништо не може да биде така смешно како вистината“! А од овој весник стравуваат политичарите и бизнисмените.

За тоа како одбраната на власта може да добие комични димензии, добра илустрација е токму искуството на „Канар еншене“, ама од 1973 година, кога редакцијата случајно успева на дело да фати како петмина агенти преправени во водоинсталатери им инсталираат „бубачка“ за власта да открие кои им се изворите на информации.

Откако пукнал скандалот, Владата ќе соопшти: „Станува збор за голема фарса, која ја смислил неделникот за да си направи реклама“!

Откако весникот ќе објави детали за „водоинсталатерите“, следува нова верзија на Владата, дека се смислила ЦИА, а операцијата ја спровеле домашни агенти без знаење на претпоставените!

Но, Вашингтон одлучно ќе демантира, па владата ќе излезе со ново, конечно објаснување: „Вистина е дека операцијата „Палма“ е осмислена и спроведена во рамките на МВР, ама сѐ е во согласност со законот затоа што редакцијата е комунистичко-шпионско гнездо, кое работи за интересите на СССР“!

Ете, ова ја засмејуваше Франција пред 4 децении. Ние денес имаме можност катадневно да следиме вакви комедии!

ЧИЈА СИ!?

Недела 16/3/2014

Не ми е јасно зошто сите „перат раце“ од швајцарската фирма „Ексико“? Ничија ли е!? Или, како што би отпеал Славе Димитров: „Чија си, на кого радост ти му носиш“… Оти фирмата е влезена во едно чудо компании во Македонија.

Не се сеќавам дали премиерот бил на „роуд шоу“ во Швајцарија. Односно, енигма е што толку ги намами непознатите газди да се распослат низ Македонија. Ако ништо друго, зошто владата не се пофали со „Ексико“ како еден од најголемите инвеститори во земјава! Па, на скромните Швајцарци да им приредат топол пречек, како на Субрата Рој барем.

И токму поради значителниот придонес на „Ексико“ во нашата бизнис-клима, редно е ВМРО-ДПМНЕ да истражи чија е! Убедена сум дека тоа не е невозможна мисија за нив!

ДОБРИ ЗА ВО ОПОЗИЦИЈА

Понеделник 17/3/2014

Вмровците ми изгледаат како да се изгубени во времето. Море храбро вадат џокери, демек, во 2003 година што кадровска политика водела Радмила, па што правел Шилегов во 2004 година. Кај ли беа тогаш!? Ама и сега како да не се од тука! Се жалат како Шилегов не одговорил на нивните прашања, иако дотичниот даде јавно отчет за имотот. Веројатно преродбениците гледаат и читаат само „портокалови“ медиуми, а таму такво нешто нема „проѓа“.

До крај на изборната кампања се надевам ќе стигнат до 2006 година. Ако затреба, секогаш се тука и деведесеттите години на минатиот век.

А сега сме 2014, нели! Којзнае, човек може да подлегне на пропагандата, да дојде во збунка фаза. Кога ги слушам, мислам уште е СДСМ на власт. Дека не сме поминале цела една деценија!

Но, со ваков агресивен пристап, сепак, покажуваат дека ќе бидат добра опозиција. Во иднина, кога СДСМ ќе се врат на Илинденска, да тераат само со вакво темпо. Ама, се разбира, за актуелни настани!

ПАРИ ОД ПРИЈАТЕЛ

Вторник 18/3/ 2014

Сенешто деновиве ми изгледа како „дежа ву“. Се сеќавам како му се здадоа на Љубе Бошкоски кога во 2011 година, предизборно удри фронтално по „Фамилијата на власт“. Најавуваше документи од егзотични дестинации, па Монако, на 3 јуни зборуваше за Панама и Емилијо Бинда, Лугано… И како што го опсипаа со тужби за клевета, така истовремено го беа ставиле и под посебни истражни мерки цели два месеца. Го снимаа, му пуштија агент провокатор… И филмски го уапсија на 6 јуни, откако катастрофално ги изгуби изборите.

Значи, да не кобам, ама луѓето не можат да избегаат од табиетот.  Нека внимаваат фронтмените на опозициската антикорупциска битка – никако да не земаат дури ни денарче од пријател. Зошто непријателот ги демне од секој агол! Панама беше кобна барем за Братот!

ЛОРД-МАЈСТОРИ          

Среда 19/3/ 2014

Со оглед на тоа што изминативе 7 дена беа во знакот на корупциските приказни, се сетив на една од 18 век, ама е „евергрин“. Интересно е дека личен придонес за корупцијата во Англија дал и големиот филозоф и правник Френсис Бекон. Откако дотуркал до највисоката правничка позиција – лорд на канцеларот, бил фатен дека дури 28 пати примил мито. Се бранел луцидно: „обично примам мито од двете страни, така што валканите пари не можат да влијаат врз моите одлуки“!

Сепак, парламентот не го прифатил овој „аргумент“, така што Бекон завршил во затвор. Арно ама, кој си е мајстор на својот занает – нема гајле. По неколку дена бил пуштен од затвор. Успеал да го подмити судијата.

Е па, и ние си имаме „лорд-мајстори“ на овој занает! Ем од сите земаат, ем правда не ги стига!

 

 

 

Поврзани новости