Обвинувања за начинот на функционирање на најголемата организација: Дали Сојузот на пензионери го води незаконски избрана претседателка?!

by irena 15:00
15:00

 Документација доставена до „Фокус“ ја оспорува легитимноста на изборот на Станка Трајкова за претседателка во Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија, во пресрет на изборите за нов претседател на почетокот од 2027 година.

 

 

Пишува: Орце КОСТОВ

Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија (СЗПМ), кој ги обединува пензионерските здруженија во земјава, со години е место на внатрешни несогласувања, јавни обвинувања и спорови околу начинот на кој се управува организацијата.

Зад формалната улога на Сојузот да ги застапува интересите на пензионерите, често се отвораат прашања за неговата политичка независност, транспарентноста во работењето, контролата врз финансиските средства и реалното учество на членовите во носењето одлуки.

Пред 10 години се водеше јавен спор меѓу раководството на СЗПМ, предводено од Драги Аргировски, и Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија (ПОПГМ).

Критиките се однесуваа на меморандумот за соработка со ВМРО-ДПМНЕ, политичкото влијание врз пензионерското организирање и прашања за имотот и средствата на одделни здруженија. СЗПМ ги отфрли обвинувањата како неосновани и тогаш најави правни постапки против дел од критичарите.

На 28 март 2023 година, група пензионери протестираше пред седиштето на СЗПМ, изразувајќи незадоволство од изборните постапки и барајќи одговори за располагањето со членарината и солидарниот фонд за посмртна помош.

Прашањата за изборот на раководството и сомнежите за ненаменско трошење уште тогаш беа предмет на јавна полемика. Претседателката Станка Трајкова се обиде да ги одбрани легитимноста на организациските постапки и улогата на Сојузот во социјално-хуманитарната помош.

Кон крајот на април, медиумите известуваа за тензии на седницата на собранието на СЗПМ, за обвинувања за фалсификувани одлуки и сомнежи за нерегуларности. Тензиите биле толку големи, што морало да се отстранат дел од присутните од салата со помош на обезбедување.

Во записникот од седницата на Извршниот одбор од 3 април, објавен на веб-страницата на СЗПМ, раководството го критикува членот Ристо Нетков поради неговите активности за смена на претседателката Станка Трајкова и раководството. Сојузот тврди дека изборите треба да се одвиваат според Статутот и без притисоци.

Најновите конфликти не се изолиран настан, туку продолжение на подолга историја на несогласувања меѓу раководството и дел од пензионерските активисти.

Додека критичарите зборуваат за затворен систем на одлучување, нетранспарентност и сомнежи за нерегуларности, раководството на СЗПМ ги отфрла обвинувањата и се повикува на усвоени извештаи и независни ревизорски контроли.

ПРЕДИЗБОРНИ ПРИТИСОЦИ

Раководните позиции во пензионерските здруженија, вклучително и Сојузот на здруженија на пензионери, засегаат околу 330.000 пензионери, кои издвојуваат пари за членарина и за солидарен фонд за посмртнина, „врзување“, кое често беше критикувано и во јавноста.

Членарината изнесува 30 денари месечно, што значи дека секој месец од пензионерите приближно се собираат по околу 160.000 евра, а за една година тоа се речиси 2 милиони евра.

При исплатата на пензијата, ПИОМ врши задршка за две различни ставки наменети за пензионерските организации: 150 денари за солидарен фонд, кои одат во заедничка каса за исплата на посмртна помош за семејството во случај на смрт на пензионерот и 30 денари членарина месечно.

Од нив, 27,5 денари се префрлаат на локалното матично здружение на пензионери, а 2,5 денари одат за Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија (СЗПМ).

Иако средствата се запираат по автоматизам за сите нови пензионери, членството во СЗПМ и учеството во солидарниот фонд е на доброволна основа. Сепак, многу пензионери реагираат дека парите им се одбиваат автоматски без нивна претходна писмена согласност или потпишана изјава во моментот кога ќе почнат да примаат пензија.

Според Статутот на СЗПМ, пензионерите можат да ги користат услугите на здружението (одмори, бањи, хуманитарна помош) и семејството да има право на посмртна помош, само доколку редовно се плаќаат овие задршки.

Во март следната година истекува мандатот на претседателката на Сојузот на пензионери, Трајкова. Сојузот, на седница на собранието веќе донесе препораки за одржување на изборите за мандатниот период 2027-2031, со нагласок дека не треба да има политички притисок врз претседателите и делегатите, а атмосферата кај пензионерите се вжештува.

„Ве известуваме дека на претседателите на Здруженијата на пензионери се вршат притисоци за давање потписи за одржување вонредна седница на Собранието на СЗПМ, иако тоа е спротивно на Статутот на Сојузот, бидејќи за одржување вонредна седница потребна е одлука за согласност на Собранието на здружението на пензионери со докази за причините за одржување таква седница. За добивање на потписите се истакнуваат лаги (потпишале сите здруженија, се согласиле делегатите) и други манипулации, лажни ветувања, кои може само да им наштетат на Здруженијата на пензионери и на Сојузот.

Истовремено, Ве информираме дека треба да се почитува препопораката на Собранието на Сојузот, во годината на одржување на претстојните избори да не се одржуваат вонредни седници во Здруженијата на пензионери и во Сојузот, туку да се вршат подготовки за редовни избори“, напишал Добре Иванов, претседател на Собранието на СЗПМ до членовите пензионери.

НЕЗАКОНСКИ ПРЕТСЕДАТЕЛ

Членови на „Здружението на пензионери Ѓорче Петров“ од Општина Ѓорче Петров, во која дејствуваат над 8.400 пензионери во седум ограноци, дојдоа во редакцијата на „Фокус“ со документациија врз основа на која тврдат дека претседателката на Здружението на пензионери во Ѓорче Петров, Станка Трајкова, е нелегитимен претседател бидејќи не живее во општината и затоа не можела да биде предложена од ова здружение.

Тие го актуализираат прашањето затоа што, како што тврдат, со измените на статутот од 2024 година, Трајкова може да биде избрана и по третпат за претседателка на Сојузот.

„Митко Стојаноски ја предложи Трајкова за делегат во Собранието на СЗПМ. Тоа ѝ овозможи потоа да биде избрана и за претседател на Сојузот, со што се продолжи незаконскиот избор. Трајкова беше предложена на изборите со напомена дека живее на адреса во Ѓорче Петров, но таа живеела во Кисела Вода. Лична карта не приложи. Не може некој од Ѓорче Петров да предложи некого од Кисела Вода. Тоа е спротивно на нашиот статут“, вели Драгица Славеска за „Фокус“.

Пензионерите Слободан Георгиевски и Драгица Славеска обвинуваат за спрега со локалниот претседател Митко Стојановски, кој ги отстранил од функциите откако укажале на неправилностите.

„Изборите за делегат во СЗПМ на г-ѓа Станка Трајкова и на Митко Стојаноски за претседател на Извршниот одбор при ЗП Ѓорче Петров Скопје, член на Собранието на СЗПМ и член на Извршниот одбор на СЗПМ се нелегитимни поради следното: на одржување на Конститутивна седница на Собранието при Здружението на пензионери Ѓорче Петров Скопје на ден 28.2.2023 година, Станка Трајкова била предложена на изборите од разгранокот Даме Груев при ЗП од претседателот на Извршниот одбор, г-дин Митко Стојаноски, со напомена дека живее на адреса во Ѓорче Петров, а напротив, таа живеела со адреса на живеење во Општина Кисела Вода.

На Комисијата за спроведување на редовните избори на ЗП Ѓ. Петров не ѝ била дадена на увид личната карта на г-ѓа Станка Трајкова за да утврдат дали е со адресата на живеење во Ѓорче Петров, кое е услов да биде избрана за делегат од Здружението на пензионери во Сојузот на здруженија, како што е предвидено во чл.46 и 47 од Статутот на ЗП Ѓорче Петров донесен во 2022 година“, велат пензионерите и посочија докази како Статутот на ЗП Ѓорче Петров Скопје донесен во 2022 година.

Тврдат дека изборот на предложениот делегат Станка Трајкова во органите на СЗПМ е спротивно на одредбите на чл.47 од Статутот на ЗП Ѓ. Петров Скопје и чл.13 ст.3 од Статут на СЗПМ.

„Разгранокот има собир што го сочинуваат сите негови членови што живеат на подрачјето на кое е основан разгранокот. Собирот предлага кандидати за членови во органите на Сојузот на здруженија на пензионери на Град Скопје и Сојузот на Здруженија на пензионери на Македонија“, се вели во член 47 од Статутот на Здружението на пензионери Ѓорче Петров Скопје.

ЗЛОУПОТРЕБА НА СЛУЖБЕНА ПОЛОЖБА

Во член 13 ст. 4 од Статутот на Здружението Ѓорче Петров Скопје стои: „Избраните членови во органите и телата можат да извршуваат само една функција, во органите и телата на Здружението, во Сојузот на здружение на пензионери на Град Скопје и во Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, со цел да се избегне комулација на функции“, додека во член 14 ст. 1 од Статутот на СЗПМ пишува: „Избраните претставници во органите на Сојузот извршуваат само една функција“.

Ова се спорните членови за кои пензионерите тврдат дека не се почитувани при изборот на Трајкова за неколку функции.

„Спротивно на овој член, таа е избрана на следните функции: делегат на Собранието на СЗПМ, претседател на Сојузот, член на Управниот одбор на ПИОМ, (Чл.156 ст. 2 алинеја 5 „еден претставник од Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија) комисија за меѓународна соработка и издавачки совет и др.

Врз основа на овие факти, таа ја злоупотребувала својата службена положба (иако не е легано избрана), со тоа што членовите: на ЗП Ѓорче Петров Скопје како самостојно правно лице и на СЗПМ ги ставила во заблуда дека врши само една функција и истите ги оштетила“, потенцираа пензионерите од Ѓорче Петров.

Претседателката на Сојузот на пензионери на Македонија (СЗПМ), Станка Трајкова прима месечен надомест на парични средства во висина од 16.000 денари (наведено во член 3 на Одлуката), како член на Управен одбор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување Македонија – 10.000 денари, како и дневници по 1.500 денари (чл. 4 од Одлуката) по разни основи (присуство на седници на разни основи).

Тие тврдат дека и првиот човек на ЗП Ѓорче Петров, Митко Стојановски има направено штета на ЗП Ѓорче Петров Скопје.

„Митко Стојановски е избран за претседател на Извршниот одбор на ЗП Ѓорче Петров, делегат во Собранието на СЗПМ и член на Извршниот одбор на СЗПМ. Тоа значи дека тој врши повеќе функции во Сојузот што е во спротивно на чл.13.ст.3 од Статутот на ЗП Ѓорче Петров и 14 ст.1 од Статутот на СЗПМ.

Неговата злоупотреба на својата функција оди до тоа што за: „некој е мајка, а за некој маќеа” за изборот на Станка Трајкова за делегат не го применува чл. 46 и 47 од Статутот.  Додека за членката на ЗП Ѓорче Петров Снежана Милевска, која има стан за живеење во разгранокот Мирче Ацев при ЗП и во разгранокот Ѓорче Петров при ЗП го применува, со тоа што не дозволил да биде кандидат од разгранокот Мирче Ацев за кандидат за делегат во Надзорниот одбор на ЗП, СО НАПОМЕНА дека по лична карта таа живее во разгранокот Ѓорче Петров“, тврдат Славеска и Георгиевски.

Според нив, треба да се побара кривична одговорност од Станка Трајкова и претседателот на Извршниот одбор, Митко Стојановски, кој активно учествувал во нејзиниот избор.

„На тој начин се овозможило незаконски именуваната да прима месечен надомест на парични средства во висина од 16.000,00 денари, како и дневници по разни основи. Тоа значи дека незаконски ги примала сите наведени парични средства повеќе од три години, со што ја злоупотребила својата функција во СЗПМ, која е од јавен интерес“, тврдат Славеска и Георгиевски.

Во неколку наврати, од страна на членовите од Здружението на пензионери Ѓорче Петров е побарано доставување лична карта со која што би била утврдена адресата на живеење на првопријавената Станка Трајкова, но именуваната секој пат избегнувала да ја покаже под оправдување дека ѝ е во процес на изработка.

Славеска посочи и дека во 2024 година, група пензионери поднеле пријава до Јавното обвинителство за „незаконскиот избор“, но дека им било одговорено дека треба да се води граѓанска постапка.

„Фокус“ испрати прашања до Сојузот на Здруженија на пензионерите на Македонија со цел да добие одговор од Трајкова на обвинувањата дека вршела други функции во СЗПМ, дека нејзиниот избор е незаконски и дали ќе се кандидира за втор мандат на следните избори. Писмен одговор не добивме до затворањето на неделникот, а ниту усмен по контактирањето на канцеларијата на СЗПМ. Ако стигнат, одговорите ќе ги објавиме во онлајн-изданието на „Фокус“.

КОЈА Е СТАНКА ТРАЈКОВА?

Станка Трајкова е претседателка на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија (СЗПМ) и претседателка на Извршниот одбор. Таа е дипломирана правничка со работно искуство во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

Таа влезе во историјата како првата жена претседателка на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија (СЗПМ) во неговото 73-годишно постоење.

Својот работен век го поминала во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), каде извршувала повеќе одговорни функции, сѐ до позицијата помошник на генералниот директор на Фондот.

Пред да стане претседателка, ја извршувала функцијата секретар на Извршниот одбор на СЗПМ.

За првпат е избрана за претседателка на СЗПМ на 29 март 2019 година, наследувајќи го долгогодишниот претседател Драги Аргировски. На 4 април 2023 година, Трајкова беше едногласно реизбрана со акламација за нов четиригодишен мандат.

Во периодот на масовните пензионерски протести за линеарно зголемување на пензиите, Трајкова се соочи со критики бидејќи СЗПМ не им даде официјална поддршка на уличните протести, заземајќи став дека барањата треба да се решаваат преку институционален дијалог со владата.

Текстот е објавен на 22 октомври 2026 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.620

 

Слични вести