Скандал во ГОБ „8 Септември“: Од бениген полип до пред смртна постела!

„Фокус“ располага со документи, преписки, фотографии, имиња и презимиња на сите што учествувале во оваа здравствена голгота, каде што 72-годишната пациентка од обична рутинска интервенција била донесена до животозагрозувачка состојба. Ова не е само приказна за медицински компликации, туку сведоштво за сериозна негрижа, занемарување на основните потреби на критично болен пациент и несоодветно однесување на медицински персонал, кое е загрижувачки. Пациентката во болницата преживува хорор, при што од само рутинска операција на бениген полип завршува со четири операции за само три недели, стома, тешки инфекции, некротично ткиво и борба за живот. Едвај ја спасиле, откако во последен момент нејзиното семејство ја префрла во приватна болница, каде што е извршена четвртата операција и во чиј извештај може да се прочита сè што преживеала пациентката и какви лекарски грешки се направени.

by irena 20:00
20:00

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Докторите се луѓе, поради што и во нивната работа се случуваат човечки грешки, според народната поговорка „Кој работи, тој греши“. Но, во Македонија, за разлика од другите држави, проблемот се јавува кога таа грешка се прикрива од страна на надлежните институции и никој не презема одговорност за изгубениот живот, за настанатата компликација при лекувањето, за настанатите грешки по операција…

Од друга страна, европските земји тераат друга политика. Тие бргу и експресно го решаваат проблемот, лекарите ја признаваат грешката на семејството, кое понатаму одлучува што ќе преземе, а институциите го решаваат случајот по брза постапка, без разлика дали треба да се плати само отштета или проблемот ќе се решава по судски пат.

Таков е случајот од пред пет години, во Њујорк, кога 40-годишна жена починала за време на операција на полип, откако при рутинска колоноскопија дошло до пукање на ѕидот на дебелото црево. Жената починала поради настанати компликации пo интервенцијата и задоцнето препознавање на настанатата повреда од страна на лекарите што ја извршиле.

Семејството на 40-годишната жена, не можејќи да се помири дека од една рутинска интервенција младата жена починала, правдата почнале да ја бараат по судските лавиринти, со што на крај ја добиле битката и добиле отштета од 10,75 милиони долари.

Сличен случај завршил со спогодба од 750.000 долари во Јужна Каролина за смрт на 67-годишен маж. Исто така, за време на колоноскопија, медицински преглед, во кој лекарот ја прегледува внатрешноста на дебелото црево со помош на цевка со мала камера на врвот, наречена колоноскоп, дошло до пукање на ѕидот на дебелото црево. По извршената интервенција дошло до внатрешно крвавење, со што на пациентот почнале да му откажуваат органите, а тоа во меѓувреме не било забележано од страна на лекарите.

Вакви случаи на лекарски грешки, како во сите земји, има и во нашата Македонија. Многу семејства се закриени во црнина. Дел од нив, и покрај болката, јавно ќе проговорат и правдата ќе ја бараат на суд. Сепак, ова е Македонија, а тука многумина го заборавиле значењето на зборот правда, па така повеќето од случаите ќе останат да собираат прашина низ архивите на судот, а семејствата ќе останат и без најблиските и без заслужената правда.

Некаде попатно, дел од лекарите ја заборавиле и Хипократовата заклетва, со која се обврзуваат дека здравјето и животот на пациентот секогаш ќе им биде на прво место.

ОД БЕНИГЕН ПОЛИП ДО ЖИВОТОЗАГРОЗУВАЧКА СОСТОЈБА

Заплетот на приказната почнува на Одделот за дигестивна хирургија во Градската болница „8 Септември“. Пациентка поминува пекол низ здравствените лавиринти на болницата, кој трае речиси еден месец, со што е донесена до пред смртна постела. Тука се вклучува црвениот аларм кај семејството, кои по целиот поминат хорор носат одлука да ја префрлат во приватна болница, каде што во последен момент ѝ е спасен животот.

Но, што сè поминала 72-годишната пациентка од Делчево, која само дошла на рутинска операција на полип.

„Фокус“ располага со документи, преписки, фотографии, имиња и презимиња на сите што учествувале во оваа здравствена голгота, каде што 72-годишната пациентка, од обична рутинска интервенција била донесена до животозагрозувачка состојба.

Ова не е само приказна за медицински компликации, туку сведоштво за сериозна негрижа, занемарување на основните потреби на критично болен пациент и несоодветно однесување на медицински персонал, кое е загрижувачки.

Целата здравствена голгота на пациентката од Делчево почнува на 1 септември годинава, која до тој момент била самостојна, подвижна и функционална, со одредени хронични заболувања, кои со терапија редовно ги контролирала. Таа била упатена на консултација кај дигестивен хирург во ГОБ „8 Септември“ поради полип на дебелото црево, кој, како што ги информирале, бил бениген.

„Ништо страшно, рекоа! Ни беше предложена операција веќе на 3 септември. Се прашувавме зошто толку итно. Но, си рековме, лекарите се стручни лица, сигурно знаат што прават. Првата операција е на 3 септември и траеше околу пет часа. За интервенција, која ја очекувавме како релативно ограничена, времетраењето нè изненади.

По операцијата ни беше соопштено дека, покрај полипот и дел од цревото, бил отстранет и тумор на матката, односно миом.

Повторно се прашувавме како и зошто дигестивен хирург извршил и ваква интервенција. Но, повторно им верувавме на стручните лица.

Очекувавме мајка ми да се врати дома за неколку дена “, раскажува за „Фокус“, 39-годишната И.А., ќерка на пациентката.

Но, наместо тоа, оттука почнува нејзината борба за живот. Во првите денови по операцијата, пациентката била пренесена на одделение, каде што здравствената состојба постепено почнала да ѝ се влошува.

„Повраќаше, беше сè поисцрпена, а од абдоминалните дренови почна да истекува темна, речиси црна содржина. Барав лекар. Барав медицинска сестра. Алармирав дека нешто сериозно не е во ред. Два дена барав помош, два дена не ја добивме. Ми одговараа дека тоа е нормално и дека нема причина за загриженост. Состојбата на мајка ми продолжуваше да се влошува.

Ја гледав како едвај дише. Инсистирав дека ѝ е потребна итна лекарска проценка. Еден од лекарите ми рече дека жената е добро и дека не треба да им се мешам во работата“, објаснува ќерката.

Таа, немајќи друг избор, го пронашла телефонскиот број на хирургот што ја оперирал и лично го контактирала. Инсистирала дека мајка ѝ е во сериозна состојба.

„По неколку дена алармирање, конечно беше направена повторна проценка и беше утврдено дека е неопходна итна операција. Веднаш ја однесоа во сала. Додека, според нив, жената била супер“, вели 39-годишната ќерка.

ТРИ ТЕШКИ ОПЕРАЦИИ ЗА САМО ДВЕ НЕДЕЛИ

Сепак, тука не завршува хоророт низ здравствените лавиринти, кој го поминала 72-годишната пациентка, која од обична рутинска операција дошла до животозагрозувачка состојба. Нејзината голгота продолжила и во следниот период.

Лекарите што ја извршиле интервенцијата тврделе дека дошло до сериозна компликација поврзана со дивертикул на цревото, поточно инфекција што предизвикува болка во левиот долен дел на стомакот, треска и промени во столицата. На 7 септември ѝ била извршена уште една, втора операција. Во период од само четири дена се направени две операции.

„Да не беше ти да алармираш, ќе си отидеше жената, ми велеа. Многу убаво, си мислам јас. Следуваше втора голема абдоминална операција, повторно во траење од приближно пет часа. Се прашувавме како од еден бениген полип стигнавме до втора итна операција и животозагрозувачка состојба. Мајка ми беше префрлена на интензивна нега“, раскажува ќерката.

Хоророт што го преживува пациентката продолжува и понатаму. Откако била оперирана и по вторпат, нејзиното семејство на интензивна нега, каде што била сместена, имале кратки посети од по десетина минути дневно, на кои биле забележани промени во содржината на дреновите.

„Повторно лично го контактирав хирургот за да изразам загриженост.

Следуваше трета операција. Овојпат ни беше објаснето дека дошло до попуштање на спојот на цревото, односно анастомозата. При оваа операција, на мајка ми ѝ беше поставена стома. Три големи абдоминални операции за помалку од две недели.

По неколку дена на интензивна нега, мајка ми беше вратена на четвртиот кат, на Одделението за дигестивна хирургија. Бев покрај неа, колку што ми беше дозволено. Еден ден, кратко по враќањето од интензивна нега, мајка ми почна силно да се тресе, да помодрува и очигледно да се влошува. Повторно барав помош.

Трчав по ходниците и викав дека нешто сериозно се случува и дека мајка ми може да умре ако никој не реагира. Конечно најдов лекар, во ходникот. Крвниот притисок на мајка ми беше околу 220/150, а пулсот приближно 155“, објаснува 39-годишната И.А.

Веднаш по реакцијата на нејзината ќерка било откриено дека никој од медицинскиот персонал не ѝ ја давал на пациентката редовната терапија за крвниот притисок или за шеќер. Таа била и дијабетичар.

„Наместо да се постави прашањето зошто терапијата не била администрирана и контролирана, персоналот ја прашуваше мајка ми зошто самата не си ги испила таблетите. И се скараа дури. Таблетите биле оставени во шкафчето. Мајка ми во тој момент беше практично неподвижна, со дренови, катетар, стома и сериозно нарушена здравствена состојба.

Како можело од таков пациент да се очекува самостојно да ја организира и зема својата терапија? Забележав дека шеќерот во крвта не ѝ се контролира и проверува. Купив сопствен апарат и почнав самата да го мерам. Во еден момент измерив вредност од 23 mmol/L. Јас, нејзината ќерка, без медицинско образование, бев принудена да преземам основно следење на нејзината здравствена состојба додека таа лежеше во болница. Во здравствена установа. Повторно се прашував: што ќе се случеше ако не бев таму?, продолжува да раскажува 39-годишната И.А. за агонијата што ја поминала нејзината мајка и која инсистирала да доплати дополнително за да може пациентката да биде префрлена во друга соба, заедно со член од семејството.

Таа признава дека се плашела да ја остави сама, иако била во болница. Сепак, тоа што дополнително ја исплашило е кога забележала дека во медициските документи на мајка ѝ се наоѓале измешани резултати и документи од друг пациент.

„Како е можно медицинската документација на два пациенти да биде измешана, особено кога се работи за крвни групи и трансфузија?

Какви ризици за пациентите создава ваквиот пропуст?

Неколку дена подоцна забележав дека абдоминалната рана на мајка ми почнува да се отвора и дека од неа истекува содржина. Повторно алармирав. Ми беше кажано дека тоа е нормално. Пак, нормално е ова, сите ми велеа!

Но, состојбата се влошуваше од ден на ден. Раната се отвораше сè повеќе, имаше исцедок, а мајка ми добиваше и покачена температура. Забележував промени на ткивото, кои ми изгледаа како некроза. Не сум лекар, но гледав дека нешто сериозно не е во ред. Повторно барав хирург. Повторно барав медицински сестри. Повторно молев некој да ја прегледа. Во меѓувреме, сведочев на однесување, кое тешко можам да го опишам.

ОТВОРЕНА АБДОМИНАЛНА РАНА – БОРБА ЗА ЖИВОТ

Седумдесет и двегодишната пациентка, веќе трета недела во болницата се борела за својот живот, живот, кој, според нејзината ќерка, висел на конец, и тоа сè поради лекарските грешки, негрижата и лошиот третман. Доаѓа до оперативан рана, која почнала да се распаѓа, црна и со оштетено ткиво.

„По моите повторени лични контакти со хирургот, тој конечно дојде да ја прегледа. Околу осум часот наутро ја отвори оперативната рана.

Раната изгледаше црна, со исцедок и видливо оштетено ткиво.

Хирургот си замина, а раната остана отворена. Следуваа часови чекање“.

Тие чекале цели пет часа за некој да дојде и да направи преврска. „Барав медицински сестри. Ми велеа да чекам. Мајка ми лежеше со отворена абдоминална рана, со болки и печење, а јас беспомошно се обидував да добијам основна медицинска грижа. Цели 5-6 часа. Чекањето траеше со часови, во еден случај приближно седум часа. Мајка ми беше во агонија. А, јас повторно се прашував како е можно вакво нешто да се случува во болница, на одделение каде што лежат пациенти по тешки хируршки интервенции.

На 24 септември, не можејќи да го издржат целиот терор што го поминале на одделот за Дигестивна хирургија во ГОБ „8 септември“, семејството одлучило дека единствен начин да ѝ го спасат животот е да ја извлечат, како што велат од тој пекол.

„Во еден момент сфатив дека повеќе не можам да чекам. Бев убедена дека, ако мајка ми остане таму, нема да преживее. А и никој друг, освен ние, фамилијата, не изгледаше многу загрижен за тоа дека пациентката умира. Ја оставив за кратко и лично отидов во приватната болница. 

Им кажав дека се плашам дека нема да издржи уште еден ден во претходната болница. Организиравме транспорт и мајка ми беше префрлена.

По приемот ни беа соопштени сериозни проблеми со инфекции, вклучувајќи ја оперативната рана и проблеми поврзани со централниот венски пристап и катетарот. Контаминира насекаде, животозагрижувачка состојба. Ни рекоа. Ни беше кажано дека е неопходна четврта операција“, ја раскажува агонијата И.А.

Во документите со кои располагаме од приватната болница се наведува дека постоеле сериозни проблеми со затворањето и состојбата на абдоминалниот ѕид. Од бениген полип до четири операции, стома, тешки инфекции, некротично ткиво и борба за живот.

„Четврта голема операција во период од три недели. При операцијата беше отстранувано некротично ткиво од абдоминалната рана, вклучително и папокот, и беше поставена VAC-терапија. Ни беше кажано дека лекувањето ќе биде исклучително скапо. Не знаеме дали ќе преживее, но ќе дадеме сè од себе, рекоа. Одговоривме дека ќе се снајдеме. Во тој момент единствено важно ни беше мајка ми да преживее. По приближно шест недели лекување, мајка ми конечно се стабилизираше и преживеа.

Но, цената беше огромна. Не само финансиската сметка, туку и физичката и психолошката цена. Жена, која пред операцијата беше самостојна и подвижна, по сето ова остана толку ослабена што не можеше самостојно да стои и да оди. Нејзиното закрепнување продолжува, а последиците по квалитетот на нејзиниот живот се огромни“, вели 39-годишната ќерка.

„Фокус“, на оваа тема испрати неколку прашања и на официјалниот имејл на Градската болница „8 Септември“, но до затворањето на неделникот од таму не добивме повратни одговори.

Рамка1:

 ПЕКОЛ ОД ЛЕКУВАЊЕ

Триесет и деветгодишната ќерка, која била сведок на сите траорни случувања на одделот за Дигестивна хиругија во ГОБ „8 Септември“, вели дека, и покрај тоа што нејзината мајка ја донеле до смртна постела, не може да разбере како од медицински персонал, нејзините барања за помош биле игнорирани.

„Колку пати медицинските сестри ми се развикаа додека мајка ми беше во агонија. Ова не е прашање само за можни хируршки грешки. За нив треба да се произнесат независни медицински експерти. Ова е прашање за основната грижа што секој пациент мора да ја добие во здравствена институција.

За следење на виталните параметри. За навремено давање терапија. За контролирање на шеќерот во крвта. За хигиена, преврски, реагирање на влошување на состојбата, достапност на медицински персонал и достоинствен однос кон болните. И за тоа како е можно семејство да биде доведено во ситуација да моли за најосновна медицинска помош“, објаснува потресената ќерка.

Таа вели дека има фотографии, медицинска документација, комуникации со лекари и лично сведоштво за конкретни настани. „Подготвена сум да ги доставам релевантните докази и да разговарам детално за секој од овие случаи.

Но, што се случува со пациентите чии семејства не се таму да алармираат, да бараат, да молат и да се борат за нив?

И колкумина немаат можност да платат приватна болница кога ќе ја изгубат довербата во јавната?“, прашува 39-годишната И.А.

 

 

 

 

Слични вести