Фирма поврзана со зетот на Минчо го спасува „Бетон“ од стечај, хотелот до седиштето на ВМРО се легализира по судски пат!

„Фокус“ неодамна пишуваше за стечајот на „Бетон АД Скопје“, кој беше отворен во 2023 година откако некогашниот градежен гигант што го поседуваше бизнисменот Минчо Јорданов преку офшор-компанија почна да се соочува со финансиски проблеми. Според податоците што тогаш ги изнесовме, оваа постапка оди во правец да заврши со реорганизација наместо со ликвидација, бидејќи бил прифатен планот за спас поднесен од „Фего инженеринг“, во чија сопственичка структура е зетот на Јорданов – Горан Мауровски. Во меѓувреме, според информациите до кои дојдовме, се води постапка за легализација на хотелот што скопски „Бетон“ почна да го гради до седиштето на ВМРО-ДПМНЕ....

by vlatko 20:43
20:43

Текстот е објавен на 23 април 2026 година во неделникот Фокус со број 1.594.

Вработени во поврзаните скопски друштва „Факом“ и „Бетон“ деновиве протестираа пред Основниот граѓански суд, каде побараа разрешување на нивниот работен статус и исплата на неисплатените плати и придонеси, додека воедно изразија и револт поради бавно одвивање на стечајната постапка. Имено, неделникот „Фокус“ неодамна пишуваше за стечајот на „Бетон АД Скопје“, кој беше отворен во 2023 година откако некогашниот градежен гигант што го поседуваше бизнисменот Минчо Јорданов преку офшор-компанија почна да се соочува со финансиски проблеми. Според податоците што тогаш ги изнесовме, оваа постапка нема да заврши со ликвидација на друштвото, туку со неговата реорганизација, бидејќи бил прифатен планот поднесен од „Фего инженеринг“, во чија сопственичка структура е зетот на Јорданов – Горан Мауровски. Во меѓувреме, според информациите до кои дојдовме, се води постапка за легализација на хотелот што скопски „Бетон“ почна да го гради до седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, како дел од договорот со партијата за изградба на нов централен штаб, што беше опфатено со предметот „Талир 2“. Арно ама, во случајов не се работи за класична легализација на дивоградба согласно законот за утврдување правен статус на бесправно изградените објекти до 2011 година, туку за легализација преку т.н. вонпроцесна постапка пред скопскиот граѓански суд, од каде што нè информираа дека „се очекува изработка на геодетски елеборат за легализација на предметниот објект“.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Градежната компанија „Бетон Скопје“, која ја поседуваше бизнисменот Минчо Јорданов преку офшор-фирма од Британските Девствени Острови, многу години важеше за гигант на домашниот пазар. Всушност, така беше сè додека компанијата не престана да добива јавно спонзорирани зделки, додека главните тешкотии се јавија кога речиси сите договори со државни органи беа раскинати, а имотот на друштвото – замрзнат.

Во таква ситуација, акционерското друштво падна во стечај. По неколкугодишна стечајна постапка, се чини дека конечниот епилог нема да биде ликвидација на некогашниот градежен гигант, бидејќи прифатен е план за реорганизација, што значи дека друштвото треба да продолжи деловно да функционира на пазарот. Она што е интересно, скопски „Бетон“ ќе го воскреснува фирма поврзана со Јорданов и неговото семејство.

Инаку, поради финансиските предизвици, „Бетон“ остави недовршени неколку објекти, како што е новиот објект на Народна банка, споменикот „Мајка Тереза“, црквата „Свети Константин и Елена“… Тука може да се вброи и хотелот до централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ. Како што е познато, оваа градежна компанија своевремено го изгради новиот партиски штаб на ВМРО-ДПМНЕ и во рамки на иста парцела започна изградба на хотел, кој никогаш не беше завршен и до ден денес е во фаза на карабина.

Со оглед дека овој вреден и неоптоварен недвижен имот, кој се наоѓа атрактивна локација во строгиот центар на Скопје, не беше впишан во имотен лист во моментот кога „Бетон“ почна да се соочува со проблеми и падна во стечај, одлучивме да провериме што се случува со него и каква ќе биде неговата судбина? Според информациите до кои дојдовме, тој е во процес на легализација преку т.н. вонпроцесна судска постапка. За што станува збор?

ПЛАН ЗА РЕОРГАНИЗАЦИЈА

Претходно, да потсетиме како поранешниот гигант „Бетон Скопје“ западна во криза, откако имаше долгогодишен плоден период во смисла на работа на државни и јавни проекти, ако се знае дека, според анализата насловена како „Скопје 2014 под лупа“, само за работа на објекти од мегаломанскиот проект „Скопје 2014“ склучила договори вредни над 200 милиони евра. Имено, клучен период за крахот на друштвото се смета 2022 година.

Тогаш, како што наведоа и од самата компанија, се соочиле со пад во работењето, откако во претходната 2021 година, менаџментот подготвил план за санација на загубите. Меѓутоа, по одлуките на Собранието на акционери за продажба на дел од недвижниот имот со цел реализација на планот за реорганизација, Јавното обвинителство донесе решение за замрзнување на имотот на компанијата.

Во такви околности, во август 2022 година, акционерското друштво беше внесено на таканаречената „Листа за набљудување“ на Македонска берза. Првично, скопски „Бетон“ влезе на оваа „црна листа“ откако беше блокирана нејзината сметка, а потоа се јавија причини плус за да ја зацврсти позицијата на листата, имајќи предвид дека беше поведена претстечајна постапка како фаза кон стечај.

Па така, неколку месеци подоцна, односно во април 2023 година, надлежниот скопски граѓански суд го прифати барањето на работниците на компанијата за отворање стечај поради неисплатени 8 плати и 2 регреса за годишен одмор. Оттогаш до денес, сè уште тече стечајната постапка, но веќе се наѕира завршница на процесот, имајќи предвид дека, според последните информации до кои дојдовме, прифатен е план за реорганизација.

СЕМЕЈНО ПОВРЗАНА КОМПАНИЈА

Уште кон крајот на 2024 година, пишувавме за текот на стечајната постапка на скопски „Бетон “. Притоа, објавивме дека биле задолжени 2 компании да достават план за реорганизација на должникот согласно Законот за стечај. Се работеше за правните лица „Јастреб констракшн“ и „Фего инженеринг“ , и двете со седиште во Скопје.

Тогаш, стечајниот управник Ацо Петров нè информираше дека „Јастреб констракшн“, која е во сопственост на турски државјани, не доставила ваков план, туку тоа го сторила само втората компанија, т.е. „Фего инженеринг“. Официјалните податоци покажуваа дека таа е регистрирана во 2009 година како градежна компанија. Што друго треба да се знае во врска со неа?

Кога пишувавме за текот на стечајот на „Бетон“ пред околу 2 години, како сопственици на „Фего инженеринг“ се јавуваа Златко Стојаноски и Огнен Христов. Тогаш објавивме и дека Христов бил дел од  други компании, меѓу кои „Мондриан груп“, каде што се јавуваа уште двајца содружници. Еден од нив беше Горан Мауровски, кој му е зет на Минчо Јорданов. Згора на тоа, Мауровски го лоциравме и како газда на „Мерген“, чиј управител беше Стојаноски.

Историјатот на „Фего инженеринг“ што го извадивме откри дека оваа компанија имала и директна врска со зетот на Јорданов. Таа е основана со влог од 5.000 евра од страна на Христов, кој прво бил единствен содружник. Така било сè до 2016 година, кога во сопственичката структура влегува и Мауровски. Сепак, во април 2021 година, тој му го пренел мнозинскиот удел на Стојаноски.

КАМБЕК ВО СОПСТВЕНИЧКАТА СТРУКТУРА

Последните проверки што ги направивме, пак, откриваат дека во меѓувреме дошло до нови промени во „Фего инженеринг“. Односно, еден од содружниците останал Христов, кој денес е партнер со Мауровски, што значи дека тој се вратил во сопственичката структура. Третиот содружник е друштвото „Ред груп“, основано на самиот истек на ланската 2025 година од страна на Дона Велковска и Радица Вучовска.

„Планот за реорганизација е изготвен и предаден до надлежните институции, изготвен е од страна на компетентни експерти и е резултат на темелна и внимателна подготовка. Целта на овој план е да се обезбеди најдобро решение за компанијата и нејзината иднина, а неговата реализација бара одобрение од одборот на доверители, кои се клучни за понатамошниот тек на процесот.

Она што можеме со сигурност да го кажеме е дека ние ќе вложиме максимални напори за оваа важна компанија, Бетон АД Скопје повторно да се врати на позицијата што ја заслужува во македонската економија и градежништвото. Таа е столб на индустријата во земјава, и нејзиното враќање во поранешниот сјај е од клучно значење, не само за компанијата, туку и за целокупниот развој на градежниот сектор“, ни изјавија од „Фего инженеринг“ во 2024 година.

Арно ама, како што објавивме неколку месеци подоцна, Собранието на доверители на „Бетон Скопје“ прво го одбива планот за реорганизација на „Фего инженеринг“. Сепак, повеќе од една година подоцна, процесот повторно се враќа во истиот колосек, бидејќи, како што нè известија од скопскиот граѓански суд, била донесена одлука за реорганизација на „Бетон Скопје“ со решение од 15.7.2025 година, потврдено со Решение од 15.1.2026 година на скопска апелација. Од Судот посочуваат дека планот за реорганизација на стечајниот должник бил прифатен од доверителите.

ОФШОР-ВРСКА ДО ПОВЕЌЕ ФИРМИ

Поточно, со решението на Основен граѓански суд Скопје 2, потврдено од второстепениот апелациски суд, се констатира дека Собранието на доверители, со мнозинство од присутните доверители, каде што гласањето се одвивало по групи со 74,5 проценти од присутните доверители со право на глас, го прифатило планот од 11.4.2025 година поднесен од „Фего инженеринг“ за реорганизација на должникот „Бетон АД Скопје – во стечај“.

Тоа значи дека фирма поврзана со семејството Јорданов ќе се обиде да го менаџира скопски „Бетон“, кој многу години ја поседуваше моќниот бизнизмен и еден од најбогатите Македонци преку офшор-фирма. Впрочем, меѓу најголемите акционери на „Бетон АД Скопје“ беше „Репро Оне Лимитед“, основана во 1999 година со седиште во Британските Девствени Острови, заедно со уште 2 офшор-компании – „Ароуцрест Лимитед“ и „Волес Трејдинг Корп“.

Покрај останатото, „Репро Оне Лимитед“ поседува (ше) акции во „Факом“, порано беше поголем акционер во „Макстил“, а до ден денес го поседува друштво со сличен назив во земјава – „Репро 21“, кое, според податоците од Катастарот на недвижности што своевремено ги обезбедивме и публикувавме, поседува станбен и деловен простор, градежно земјиште и шуми во вкупна површина од над 17 илјади квадратни метри.

По донесувањето на законските измени што им наложија на сите компании во сопственост на странски компании да пријават физичко лице како вистински сопственик, токму Минчо Јорданов се пријави како газда на „Репро Оне Лимитед“, а со тоа и на компаниите во земјава основани и во сопственост на ова офшор друштво. Меѓу нив беше и „Бетон Скопје“, кое се извлече од стечајната постапка со помош на поврзана семејна фирма.

ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НИЗ СУДСКА ПОСТАПКА

Колку за потсетување, кон преминот од 2021 кон 2022 година, скопски „Бетон“ закажа вонредно Собрание на акционери, на чиј дневен ред се предлагаше продажба на неколку хотели низ земјава. Единствено, компанијата успеа да го продаде хотелот во Дојран преку зделка вредна 1,3 милиони евра. Меѓутоа, другите хотели никогаш не успеа да ги продаде, а еден од нив е хотелот „Аура“ во Охрид, врз кој има хипотека една од поголемите банки.

Исто така, во оваа група влегува и недоградениот хотел до централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, кој „Бетон“ почна да го гради според важечки Детален урбанистички план и издадена градежна дозвола, но не успеа да го впише во имотен лист пред да падне во стечај. Затоа, сè уште е нерешена и неизвесна судбината на овој атрактивен недвижен имот, дотолку повеќе што нема никаков товар или хипотека. За него, како што ни потврди стечајниот управник Петров, се води постапка за легализација.

„Барање за утврдување правен статус на бесправен објект не може да се поднесе, бидејќи сите рокови кои беа одредени со Законот за постапување со бесправно изградени објекти се веќе завршени. Последниот рок беше во 2018 година. Но, бидејќи се работи за објект кој е предмет во стечајна постапка пред надлежен суд, согласно Законот за стечај може објектот да се запише директно со легализација, но преку Судот со решение и да се запише во Агенцијата за катастар на недвижности“, ни одговорија од Општина Центар.

Оттука, се обративме и до скопскиот граѓански суд, од каде што ни одговорија дека „пред овој суд поведена е ВПП (вонпроцесна постапка), каде што се очекува изработка на геодетски елеборат за легализација на предметниот објект“. По завршување на т.н. вонпроцесна или вонпарична постапка, која не претставува класичен спор меѓу две страни, туку постапка за уредување на односи и утврдување на состојба, се очекува да добие легален статус хотелот што „Бетон“ почна да го гради како дел од договорот со ВМРО-ДПМНЕ за изградба на нов централен штаб. Сето тоа е дел од предметот „Талир 2“, кој, патем речено, застарува за неколку месеци.

Стечајот на скопски „Бетон“ завршува со реорганизација: Недоградениот хотел до седиштето на ВМРО се легализира по судски пат!

Слични вести