Текстот е објавен на 29 октомври 2026 година во неделникот Фокус со број 1.621.
Пред половина година беше објавена информација дека инвестицискиот фонд со седиште во Луксенбург – „Ваексткапитал“, кој функционира под капата на „Ваекст Холдингс“, влегува во македонскиот пазар на недвижности, со декларирана амбиција да стекне сопственост врз илјада станoви во Скопје. Притоа, во име на фондот настапи неговиот коосновач Јенс Киндберг, кој првично изјави дека веќе купиле 250 станови во изградба, со план до крајот на оваа 2026 година да купат уште толку, за во период од неколку години да ја остварат нивната ултимативна цел од вкупно илјада. Во меѓувреме, оваа групација основаше 2 компании во земјава, со називи исти како добропознати градежно-инвестициски проекти – „Премиум Резиденце“ и „Рубик Тауер“. Како што вели Киндберг за „Фокус“, веќе имаат инвестирано токму во овие станбени објекти или комплекси, без да каже за колку станови станува збор. Она што тој го обелоденува е дека досега во земјава вложил лични средства во износ од над 20 милиони евра, но не открива кои (ко)инвеститори досега му се придружиле, ниту кој е дел од инвестицискиот фонд, кој, според дел од анализите, не е „традиционален отворен инвестициски фонд“, туку „комерцијална инвестициона група со меѓународна регистрација“, без детални информации за сопственици, менаџмент, инвеститори. Патем, Киндберг се произнесува и за забелешките од данско регулаторно тело дека неговите фирми во Бугарија погрешно ги пресметале ризиците и практикувале т.н. заведувачки маркетинг, промовирајќи им на инвеститорите поголеми приноси од запишаните во официјалните документи. Дали дефинитивнo се создава „ценовен балон“ на пазарот со недвижности во Македонија?
Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Иако цената на недвижностите драстично порасна во последните неколку години, сепак, тоа не го намали интересот за купување станови, што автоматски резултираше со уште позасилена динаника на изградба на станбени згради и станбено-деловни комплекси, пред сè во главниот град Скопје, кое безмалку е претворено во големо градилиште или т.н. урбана џунгла.
Впрочем, најдобар показател дека недвижностите се еден од најплодните и најатрактивните бизниси во земјава е и најавата дека меѓународен фонд веќе стекнал сопственост врз стотина станови, додека нивната декларирана цел е во догледна иднина да создадат портфолио со, ни повеќе ни помалку, туку илјада станбени единици.
–Еве, последна информација ми е, неофицијална, дека дански фонд во станови, во згради во изградба на територијата на Скопје, недалеку од центарот, има купено 40 станови. Прашувам за што, дали ќе ги издаваат, не знаат. Мислам дека инвестицијата тука е мислејќи дека цените и натаму ќе растат, што не е гаранција… – изјави во февруари годинава Трајко Славевски, гувернер на Народна банка.
Притоа, на дополнително прашање дали се работи за „Данци-Данци или за домашни Данци“, односно дали фондот е изворно дански или, пак, можеби зад него се крие (сомнителен) домашен капитал, шефот на централната банка, Славевски, одговори дека тоа е „странски фонд – од странство“. Само неколку дена подоцна, се дозна за кој фонд, всушност, станува збор…
Имено, тоа е „Ваексткапитал“ со седиште во познатата специфична јурисдикција или даночен рај Луксенбург, од каде што пред половина година изјавија дека веќе купиле, не 40 станови како што велеше гувернерот, туку цели 250 станови во изградба, со најава дека до крајот на оваа 2026 година планираат да купат уште толку, додека нивната ултимативна цел е да стигнат до вкупно илјада станови.
Во однос на прашањето на што се должи нивниот интерес за толку големи инвестиции баш во Македонија, од таму тогаш објаснуваа дека тоа е поради „позитивните економски изгледи за земјава, но и на атрактивниот пазар за недвижности“. Во име на фондот, во јавноста настапуваше коосновачот Јенс Киндберг, кој во изјава за ТВ Телма, меѓу другото, рече:
„Веруваме дека растечката средна класа и доброобразованата младина ќе ја издигнат земјата и сакаме да го поддржиме овој развој. Досега, лично инвестирав сопствени средства во С. Македонија, бидејќи секогаш инвестирам прво јас пред да поканам инвеститори. Очекуваме да почнеме да каниме инвеститори оваа година…“.
Инаку, „Ваексткапитал“ е фонд што настанал како заедничко вложување на Данецот што последните години живее во Бугарија – Киндберг, од една страна, и фондот „Дифко“ основан во далечната 1972 година, од друга страна. Арно ама, Киндберг во 2022 година го откупил уделот на „Дифко“, со што станал единствен сопственик на субјектот и брендот „Ваесткапитал“, кој инвестира во недвижности, кредитирање, енергетика…
КАКО ИЗГЛЕДА КОРПОРАТИВНАТА ПИРАМИДА?
Поточно, на врвот на пирамидата на инвестициската групација на Киндберг е „Ваекст Холдингс“, што практично е фирма-мајка на „Ваексткапитал“. Кога ќе се отвори сајтот на „Ваекст Холдингс“, нема други значајни содржини и податоци, освен краток текст дека меѓу нивните инвестиции е и мнозинскиот удел во „Ваексткапитал“, при што се дава и линк до фирмата-ќерка преку која се одвиваат инвестициските зафати.
„Ваексткапитал инвестира во реални можности со докажан потенцијал, градејќи долгорочна вредност преку искуство, фокус и заедничка амбиција. Ваексткапитал работи на неколку европски пазари, водејќи се од скандинавските вредности на доверба, транспарентност и долгорочна посветеност. Нашиот пристап го спојува локалното присуство со силна меѓународна мрежа“, стои на сајтот на „Ваексткапитал“.
Понатаму, во делот за компанијата се додава дека „Ваексткапитал“ применува поинаков пристап кон инвестирањето. Во таа насока, од таму појаснуваат дека прво вложуваат сопствен капитал, преземајќи го почетниот ризик, пред потоа да реализираат коинвестиции. На тој начин, сметаат дека обезбедуваат усогласеност на интересите и доверба во секоја деловна можност.
„Овој модел создава вистинска усогласеност на интересите и гарантира дека ги нудиме само оние можности во кои и самите веруваме. Нашите инвеститори се локални и работат на пазарите каде што е активен Ваексткапитал. Оваа локална присутност го зајакнува нашето разбирање за секој пазар и ги поддржува блиските партнерства што го дефинираат нашиот начин на работа.
Нашиот фокус е насочен кон конкретни инвестиции и проекти за раст со докажан потенцијал. Комбинирајќи го локалното познавање на пазарот со меѓународното искуство, идентификуваме и развиваме можности што се одржливи на долг рок. Во Ваексткапитал ние не само советуваме, туку водиме.
Прво, го користиме сопствениот биланс на состојба за да инвестираме, преземајќи го почетниот ризик, пред да направиме коинвестиции, обезбедувајќи усогласување на интересите и доверба во секоја можност. Не се фокусираме на специфични сектори или земји, само на можности што се совпаѓаат со нашето основно верување дека дисциплинираното инвестирање во раст води кон успех.
Ги носиме инвестициските можности што вообичаено се резервирани за меѓународни приватни капитални и пензиски фондови, давајќи им на коинвеститорите можност да учествуваат во внимателно структурирани проекти со висок раст…“, пишува на сајтот на „Ваексткапитал“, нотирајќи дека делуваат во Данска, Шведска, Норвешка, Финска, Германија, Британија, Австрија, Шпанија, Бугарија и Македонија.
Патем, од таму истакнуваат дека досега инвестирале над 4 милијарди евра во повеќе од 200 проекти низ Европа, со тоа што треба да се има во предвид дека таму влегуваат и некогашните зафати на претопената „Дифко“. Она што е интересно, „Ваексткапитал“ дејствува и во соседна Бугарија, каде што досега купиле над 260 станови. Меѓутоа, нивната цел е и таму да стигнат до бројка од 1.000 станови, исто како во Македонија.
РЕГУЛАТОРНИ КРИТИКИ И НОВИ КОМПАНИИ
Токму поради активностите на бугарскиот пазар со недвижности, компании на Киндберг заработиле регулаторни забелешки. Конкретно, данските медиуми пишуваат дека тамошниот финансиски регулатор „Финанстилсинет“ лани во декември утврдил дека „Софија Резиденшал“ и „СЕЕ Резиденшал“ промовирале т.н. заведувачко рекламирање, бидејќи на инвеститорите им најавувале нереално голем принос, што значително отскокнувал од официјалните документи.
Односно, првата компанија рекламирала годишен принос над 40 отсто, додека умереното сценарио во документот за инвеститорите бил 12,57 отсто. Во случајот со втората компанија, пак, рекламираниот принос надминувал 20 отсто, наспроти официјалните 11,70 отсто. Згора на тоа, регулаторот утврдил и погрешни пресметки на ризиците и сценаријата, поради што побарал отстранување на манипулативните реклами и исправка на документите.
„Изгледа, некој треба да си ги побара назад парите за школарината, барем за часовите по математика“, иронично коментира еден од водечките дански специјализирани бизнис-магазини „Бијенс Ејендом“, во врска со забелешките на данскиот регулатор за бугарските фирми на Киндберг во делот на големите разлики меѓу официјално наведените приноси во документите и оние пласирани и ветувани во рекламите.
Дополнително, уште еден реномиран дански медиум – „Ејендомсвоч“ пишуваше за други „финансиски маневри“ на Киндберг. Па така, неговата „Софија Резиденшал“ планирала да излезе на данската берза за развој „Фрст Норт“, меѓутоа благодарение на инјекциите од околу 25 милиони дански круни кои ги собрал од инвеститори, тој го откажал планираното излегување на берзата, бидејќи, како што самиот рекол, веќе обезбедил доволно капитал за неговиот „странски градежен развој“.
А, меѓу неговите најнови потези на странските пазари со недвижности се одвиваат во Македонија, каде неодамна формираше 2 компании. Тоа се „Премиум Резиденце“ и „Рубик Тауер“, кои фактички се основани од истоимените друштва регистрирани во Копехагенген, Данска, а тие, пак, се во сопственост на „ВК Скопје Девелопмент АПС“. Практично, на врвот е луксенбуршката „Ваекст Холдингс“ на Киндберг, кој истовремено се јавува и како управител на скопските фирми.
Во врска со нив, воочливо е дека носат називи на познати градежно-инвестициски проекти во Скопје. Едниот од нив е комплексот „Премиум Резиденце“ лоциран во Општина Чаир (во близина на Бит-пазар), кој е замислен како полузатворен тип со 5 станбени згради, трговски центар, хотел. Како инвеститори се јавуваат домашната „Гемак (Маличи Груп)“, како и меѓународната „Рајана Инжинеринг“.
Другиот проект е „Рубик Тауер“, станбено-деловна зграда во Карпош, во непосредна близина на поликлиниката Букурешт. Како што е познато, овој проект беше во фокусот на јавноста кога се издаваше одобрението за градење, што беше критикувано од страна на одредени општински советници и граѓански иницијативи, главно од аспект дека објектот влегува во заштитена зона и го оневозможува безбедното користење на хелиодромот на Воена болница.
Колку за потсетување, земјиштето на оваа локација го поседува „Делта 2015 Констакшн“, чиј сопственик неодамна стана кардиохирургот Александар Николиќ, кој ја презеде оваа компанија од Камчеви, со што автоматски стана газда и на друштвото со градежна дозвола за 10-катница кај МРТВ – „Омега Билдинг“. Што се однесува до „Рубик Тауер“, „Делта“ на Николиќ е партнер или коинвеститор со „ЗСФ Ком“ на Фатмир Етеми, која го гради објектот.
ИНВЕСТИЦИОНА ГРУПА СО МЕЃУНАРОДНА РЕГИСТРАЦИЈА
Одговарајќи на прашања на „Фокус“, Киндберг потврдува дека имаат инвестирано и во „Премиум Резиденце“ и во „Рубик Тауер“. Меѓутоа, тој одбива да навлегува во детали и да открие колку станови во изградба купиле во овие објекти/комплекси, но и, воопшто, како и по која цена, посочувајќи дека тоа ќе биде објавено во иднина. Сепак, обелоденува дека досега во земјава вложил лични средства во износ од над 20 милиони евра.
-Компанијата моментално се подготвува да се отвори за нови инвеститори. Ваексткапитал е дел од поширока европска групација на компании за инвестициски и финансиски услуги. Нејзината примарна улога е овозможување пристап за инвеститорите и прибирање капитал, додека самите инвестиции се реализираат преку посебни инвестициски друштва – вели Киндберг, од кого не добивме конкретен одговор на прашањето кои (ко)инвеститори досега му се придружиле?
Во анализа посветена на овој фонд, порталот „Пари“ пишува тој не е „традиционален отворен инвестициски фонд“, што значи дека не е регулиран од државен регулатор. Како што се наведува во анализата, фондот што вложува во компании со потенцијал за раст, недвижен имот, обновлива енергија итн., нема јавно објавено детална листа на портфолио-компании, како што налага праксата на големи јавни фондови или приватни инвестициски компании.
„Ваекст Холдингс е компанијата што стои зад брендот Ваексткапитал и е регистрирана во Луксембург. Тоа значи дека не е класичен дански државен фонд, туку комерцијална инвестициона група со меѓународна регистрација. Не се објавени конкретни информации за сопственици, менаџментски тим или инвеститори. Тоа е честа пракса кај приватни инвестициони структури. Без официјални финансиски извештаи, тешко е да се процени успешноста во работењето“, пишува „Пари“.
Покрај тоа, порталот наведува дека со влезот на „Ваексткапитал“ веќе дефинитивно се создава „ценовен балон“ на пазарот со недвижности, прашувајќи дали овој балон ќе продолжи да расте, полека ќе почне да издишува, или, пак, може да пукне? Во таа смисла, медиумот разработува неколку можни сценарија што веќе се случиле на други пазари, при што го предвидува или проектира најверојатното сценарио за земјава:
„Цените на становите ќе останат високи на оглас, но реалната продажна цена ќе биде под притисок, па ќе се појави јасна поделба на победници (одлични локации, функционални станови) и губитници (масовни, скапи, лошо позиционирани станови). Случувањата на пазарот на недвижности во Скопје не се уникатни и веќе се видени во други метрополи.
Слично беше во Софија, каде што многу се градеше и имаше инвестициски купувања, но разликите се во тоа што Софија има многу поголем пазар и ЕУ-контекст. И покрај тоа, резултираше со стагнација, попусти и селективна ликвидност. Во Белград, пак, има луксузни зони со високи цени и периферија, каде што цените стагнираат.
Можно е и Скопје да се подели на победници и губитници. Атина е најсвежиот пример, каде што до 2008 година имаше масовна градба, а поради финансиската криза следуваше пад на цените од 30 до 40 насто. Каде е точно Скопје? На линија со Софија и Белград“.
Јенс Киндберг, „Ваекст Холдингс-Ваексткапитал“
ИМАМЕ ДОЛГОРОЧНА ИНВЕСТИЦИСКА СТРАТЕГИЈА ВО МАКЕДОНИЈА, А НЕ ЦЕЛ ЗА КРАТКОРОЧНО СТЕКНУВАЊЕ ИМОТ!
Јенс Киндберг е сопственик на „Ваексткапитал“ што функционира под капата на „Ваекст Холдингс“, инвестициска фирма со седиште во Луксенбург и канцеларии во Архус, Копенхаген, Осло, Стокхолм, Турку, Виена, Скопје, Софија и Барселона, како и претставништва во Германија и Обединетото Кралство.
Официјалните информации говорат дека Киндберг има искуство во индустријата за хеџ-фондови. Во последните 20 години, тој е фокусиран на сопствени инвестиции, така што „Ваексткапитал“ сега претставува централен дел од неговото портфолио.
Според страницата на „Ваексткапитал“, Киндберг завршил финансии и сметководство на Копенхашката бизнис-школа и работел на раководни позиции во „Никредит“, „ГЛГ Партнерс“, „Ну Ман Инвестментс“, „Скандиум Асет Менаџмент“, додека во 2014 година го основал своето прво друштво за развој на недвижности во Софија.
Денес, тој живее во Бугарија, каде што во меѓувреме изградил едни од најголемите компании за развој на недвижности и за изнајмување станбен простор, кои беа мета на критики на данскиот регулатор, за што во разговор за „Фокус“ Киндберг вели дека биле спроведени сите барани промени.
Откако му се обративме за потребите на оваа сторија, тој посочи дека верува во транспарентен дијалог со медиумите и сака да ја објасни нивната инвестициска стратегија. Освен тоа, изрази надеж дека одговорите ќе бидат пренесени коректно и без вадење од контекст, што впрочем се подразбира и за тоа нема потреба од никакви укажувања. Во продолжение, неговите одговори ги пренесуваме во целост.
– Нашата намера не е да шпекулираме со станбени недвижности, туку да воспоставиме професионален, долгорочен бизнис за инвестирање во станбен простор. Со себе носам повеќе од децениско искуство од Бугарија, значителен сопствен капитал и јасна амбиција за изградба на силна локална организација. Верувам во долгорочниот потенцијал на Македонија и со нетрпение очекувам да дадам позитивен придонес кон развојот на пазарот на недвижности во земјата – вели тој.
ФОКУС: Колку станови досега имате купено во Македонија, на кои локации и од кои домашни инвеститори? Какви се вашите планови со овие станови – дали ќе ги продавате или ќе ги издавате под кирија?
КИНДБЕРГ: Нашата амбиција останува да изградиме портфолио од приближно 1.000 станови во С. Македонија, во текот на следните години. Ова е долгорочна инвестициска стратегија, а не цел за краткорочно стекнување имот.
Во моментов работиме на неколку проекти во Скопје. Нашата стратегија е, пред сè, да ги задржиме становите за долгорочно издавање, со што ќе генерираме постојан приход, истовремено имајќи корист од долгорочниот развој на македонскиот пазар на недвижности.
ФОКУС: Oсновавте 2 компании во Македонија, кои ги носат истите имиња како познати градежно-инвестициски проекти („Премиум Резиденце“ и „Рубик Тауер“). Дали тоа значи дека веќе сте купиле станови во овие комплекси, и ако е така – колку станови имате купено таму?
КИНДБЕРГ: Ние вообичаено основаме посебни компании за поединечни инвестиции во недвижности, со цел да обезбедиме транспарентност, јасни сопственички структури и финансиско разграничување меѓу проектите.
Иако основањето на компанија не значи нужно дека стекнувањето имот е веќе реализирано, можеме да потврдиме дека имаме инвестирано и во „Премиум Резиденце“ и во „Рубик Тауер“.
Не навлегуваме во детали за поединечните трансакции, но бројката ќе биде достапна на веб-страницата на компанијата како што ќе се етаблираме на пазарот.
ФОКУС: Неодамна изјавивте дека секогаш прво вложувате лични средства пред да поканите други инвеститори. Колкав капитал досега имате вложено во Македонија и кои други инвеститори ви се придружиле? Воедно, како точно изгледа структурата на „Ваесткапитал“, односно кој е дел од него?
КИНДБЕРГ: Мојата инвестициска филозофија отсекогаш била прво да вложам сопствен капитал, да го воспоставам бизнисот и да го демонстрирам инвестицискиот концепт, пред да поканам надворешни инвеститори да учествуваат. Овој пристап го применувам долги години, вклучително и во Бугарија.
Во С. Македонија досега лично имам вложено повеќе од 20 милиони евра и имам намера да продолжам со инвестирањето. Компанијата моментално се подготвува да се отвори за нови инвеститори.
Ваексткапитал е дел од поширока европска групација на компании за инвестициски и финансиски услуги. Нејзината примарна улога е овозможување пристап за инвеститорите и прибирање капитал, додека самите инвестиции се реализираат преку посебни инвестициски друштва.
ФОКУС: Какви конкретно инвестициски и деловни активности имате во Бугарија и колку станови поседувате таму во моментов? Во кои други земји сте активни или присутни, покрај Македонија и Бугарија?
КИНДБЕРГ: Бизнисот со развој на станбени проекти во Софија го основав во 2014 година. Оттогаш, активностите прераснаа во значителен бизнис со недвижности, кој опфаќа развој на станбени објекти, инвестирање во недвижности и долгорочно издавање имоти.
Моето искуство во Софија претставува важна основа за нашето проширување во С.Македонија. Во текот на повеќе од една деценија, изградивме експертиза, организација и односи неопходни за создавање и управување со значителни портфолија на станбени имоти. Нашите пошироки деловни активности се прошируваат и на неколку други европски пазари.
ФОКУС: Постојат јавно достапни информации според кои регулаторно тело од Данска изразило загриженост во врска со вашите компании во Бугарија поради заведувачко рекламирање, при што регулаторот побарал пропустите да се корегираат. Како одговарате на овие забелешки и дали веќе презедовте чекори за нивно надминување?
КИНДБЕРГ: Точно е дека еден инвестициски фонд кој јас го основав, но со кој не управувам, доби забелешки од данскиот орган за финансиски надзор во врска со начинот на кој во маркетинг-материјалите биле прикажани историските приноси од инвестициите.
Податоците за историските резултати беа придружени со јасна напомена дека минатите резултати не се гаранција за идните. Намерата беше да се прикаже досегашното работење на фондот, на што тој разбирливо беше горд, а не да се создадат нереални очекувања за идните приноси.
Реагиравме веднаш, бидејќи ја почитуваме улогата на финансиските регулатори и ја разбираме важноста од јасна и избалансирана комуникација со инвеститорите. Секогаш соработуваме со надлежните органи и ги спроведуваме сите барани промени. Транспарентноста, точните информации и усогласеноста со регулативите се клучни за одржување на довербата на инвеститорите.