АРХИВА Не ми даваат трајна инвалидска пензија, без две нозе сум била работоспособна!

by Fokus

Текстот е објавен на 18 август, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1141

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

„Фокус“ пред речиси една година ја објави трагичната приказна за 53-годишната Снежана Караџовска од Скопје, која во тешка сообраќајна несреќа во која македонски туристички автобус со 39 патници се судри со камион што превезувал јаглен во близина на турскиот град Едрене, ги изгуби и двете нозе над колената. Таа ја преживеа сообраќајката, но остана инвалид врзан за количка, а нејзиниот живот, како што вели, се претвори во вистински пекол.

Таа е затворена дома зад четири ѕида и од жена која важела за независна и самостојна, која цел живот имала свој сопствен бизнис, како што тврди, се претворила во затвореник, кој зависи од тоа дали нејзиното семејство е дома за да ѝ помогне да оди во тоалет, да седне да јаде, а на тераса не излегла речиси 11 месеци. Караџовска дури сега се соочила со реалноста во која држава живее, тврдејќи дека е принудена без две нозе да оди по институциите да собира документи и да се моли за инвалидска пензија.

Првиот пат кога ја посетивме, само неколку дена по сообраќајката во Турција, таа нѐ пречека со широка насмевка на лицето убедена дека, и покрај трагедијата што ѝ се случила, работите ќе останат такви какви што биле некогаш. Но, само 11 месеци подоцна, при нашата повторна средба, Караџовска е разочарана од државата, како и од дел од лекарите. Таа за првпат отворено проговори и дозволи увид во документите што ги добила од Турција поврзани со тешката сообраќајка и нејзините сознанија за возачот што го возел автобусот таа кобна вечер. Караџовска тврди дека шоферот што ѝ го уништил животот е слободен и повторно вози, а нејзиниот живот се претворил во пекол!

ШОФЕРОТ СИ ВОЗИ, А МЕНЕ ЖИВОТОТ МИ СЕ ПРЕТВОРИ ВО ПЕКОЛ

На 6 септември лани, само половина час по полноќ се случи тешка сообраќајна несреќа во која македонски туристички автобус со 39 патници се судри со камион што превезувал јаглен во близина на турскиот град Едрене. Во несреќата загина 45-годишен струмичанец, а потешко беше повредена 52-годишна скопјанка. Со брзина на светлината се прошири веста за сообраќајката, а македонските и турските медиуми беа преплавени со видеа и фотографии од страшниот настан на кои можеа да се забележат уништениот автобус, разлетаните стакла, делови од возилата расфрлани по асфалтот, луѓе заглавени меѓу седиштата, лелеци на сите страни…

По 11 месеци од сообраќајната несреќа, ништо не е помрднато од мртва точка, освен што 51-годишниот Зоран Момироски, возачот што го управувал автобусот, според нашите информации е пуштен на слобода и продолжува да вози на истата линија, односно секоја недела да превезува патници за Турција. Тој поминал неколку месеци зад решетки, во притвор во Турција, но според нашите информации таму досега се одржале неколку судски рочишта, нo сѐ уште нема пресуда, односно не е утврдено дали вината е кај возачот од Македонија или кај шоферот на камионот од Турција. Во судирот имаше една жртва, 45-годишниот Николче Михов од Струмица, нашата соговорничка на која ѝ се ампутирани двете нозе, како и уште 21 повреден патник. Причините за несреќата останаа мистерија, за која секојдневно се прашуваат патниците, кои таа вечер се возеле во туристичкиот автобус.

„Фокус“ располага со документите, односно со полициските записници што се направени во Турција, со списокот на патниците, направените вештачења, како и со одбраната на обвинетиот шофер. Според досието, сообраќајната несреќа се случила ноќе, времето било ведро, а подлогата сува. Растојанието на видливост било добро, а патот од Малкара накај Кешан е прав и има многу мала угорнина.

Местото каде што настанала сообраќајната незгода не е населено. Патот е асфалтен и сув. Наоколу, има 2.00 сантиметри банкина. Има линија која го дели патот. На денот на настанот, првата точка на судирот е 200 метри од локален пат и има сообраќаен знак. Ширината на патот е 7 метри. Судирот и влечењето се случиле на патот. Од возилото со скопска регистрација на патот има 8 метри кочница и 265 метри влечење – пишува во досието за настанувањето на тешката сообраќајка.

Според досегашните наоди, несреќата ја предизвикал возачот на автобусот, кој, според полицискиот увид, возел над дозволената брзина и со десната страна на автобусот се забил во камионот пред него.

Во документите, исто така, може да се забележи дека целата вина за сообраќајката се префрла на македонскиот возач, додека другиот возач кој превезувал јаглен е ослободен од сите обвиненија.

Зоран Момироски управувал со автобус со скопска регистрација и се движел по патот Д110-03 на релација Малкара – Кешан 03-50 метри и пред него возел Мехмет Догукан Јилмаз, кој управувал со камион што превезувал јаглен. Сообраќајната незгода настанала при што автобусот со својот преден десен дел удрил во левиот заден дел на приколката. Незгодата е со загинати, повредени и со материјална штета. За настанувањето на оваа незгода виновен е Зоран Момироски, кој согласно законот 2918 за друмски сообраќај член 56/1Ц не држел доволно растојание од возилото пред него. Другиот возач во оваа незгода нема никаква вина – се наведува во записникот од турскиот полициски службеник Салих Качар.

Од друга страна, 53-годишната Караџовска со „Фокус“ сподели дека возачот на автобусот е пуштен на слобода и продолжува да си работи најнормално. Иако во првичниот разговор пред десетина месеци се трудеше да најде оправдување за тоа што се случило, таа сега вели дека е многу револтирана од однесувањето на возачот, со кој многу години се познавала и преку неговата фирма редовно одела за Турција да обезбеди стока за нејзиниот бутик. Таа тврди дека Момироски, ниту на неа, ниту на кој било друг од патниците им се јавил да ги праша како се, иако поради него останала без своите две нозе и сега е инвалид.

Не знам каква душа ќе имаше, за толку се познаваме, барем да ми се јавеше и да ме прашаше како сум. Знае убаво што ми се случи и што се преживувам. Дали е свесен дека останав без две нозе над колената и дека сум инвалид. Животот ми се претвори во хаос – раскажува за „Фокус“, Караџовска.

СИТЕ ЗАБОРАВИЈА НА ПАТНИЦИТЕ, НАМ НИ ОСТАНА СТРАДАЊЕТО И БЕСПАРИЦАТА

Таа тврди дека додека лежела во болницата во Турција, пред двајца полицајци и судски преведувач дала изјава дека во периодот кога се случила сообраќајната несреќа спиела и не знае кој точно е виновен, но дека ќе ги тужи и двајцата возачи, и на автобусот и на камионот. „Фокус“ располага и со оваа изјава, која според документите е дадена и потпишана само два дена по незгодата на 8 септември, 2016 година.

Во Истанбул одам за да земам стока за мојата текстилна продавница. Преку фирмата „Бога транспорт“ тргнав за Истанбул и вечерта се враќавме накај дома. За време на патувањето сум заспала, околу полноќ имало сообраќајка, но бидејќи јас спиев ништо не знам за сообраќајката. Кога се разбудив веќе бев во болница, ми објаснија што се случило, дека нозете ми биле приклештени, дека ми е направена операција и тие ми се ампутирани. Како се случила незгодата, не знам, кој е виновен не знам и ги тужам возачот на камионот и возачот на автобусот што се причина за незгодата. Не сакам да се спогодувам, сакам да судам и ја знам правната вредност – се наведува во изјавата што Караџовска ја дала само неколку дена по тешката сообраќајка.

Освен документот што го има кај себе како единствен доказ, таа досега воопшто не била повикана во Турција ниту како сведок, а ниту, пак, знае дали се одржал некаков судски процес против шоферот на туристичкиот автобус, за кој и во самите документи и полициски записници пишува дека е главен виновник за несреќата.

Не ми е јасно како некој што предизвикал сообраќајка, во која има жртви и повредени, сега слободно си шета и работи, а мојот живот го претвори во пекол. Никој не знае ни какви се законите во Турција, дали се одржал судски процес, дали тој е ослободен од вина. Каде сме сите ние, што сме жртви во приказната? Јас дури на почетокот го жалев, а тој ми го уништи животот. Зошто никој не ме контактира дали сакам да тужам, зошто давав изјава во Турција? Никој не нѐ повика нас оштетените – додава Караџовска.

Во еден од документите, односно во одбраната на Момироски, кој по службена должност го застапувал адвокатот Енис Сулејман се наведува дека во автобусот имало 37 патници и тие не го тужеле осомничениот за тоа што се случило, што за него е дополнителна олеснителна околност.

Скопската фирма „Бога транспорт“, која превезува патници и во чија сопственост е автобусот кој учествуваше во сообраќајката, не се води како туристичка агенција, туку како автопревозник. Во таков случај, сите патници со билетот за патување автоматски добиваат и патничко осигурување, што значи дека за сообраќајка во која има загинати и повредени, патниците и нивните семејства треба да добијат отштета од државата. Ако оштетениот не е задоволен од понудената сума, тогаш треба да покрене судски процес.

Јас не сум добила никакво обесштетување од осигурителната компанија досега. Дали некој знае колку трошоци имам и како преживувам – додава Караџовска.

Од друга страна, од осигурителната компанија, во изјава за „Фокус“ тврдат дека тие не можат да извршат никакви исплати сѐ додека не добијат целосна одлука, кој е виновен за предизвиканата сообраќајка во Турција.

Ние сѐ уште чекаме завршување на судската постапка и да се утврди вината, за која треба да добиеме официјална потврда и се дотогаш не можеме да извршиме никакви исплати на оштетените патници. Мораме да видиме дали е виновен нашиот шофер или шоферот на камионот, за да знаеме како да постапиме. Ако се утврди и кај двајцата, тогаш треба делумно да исплатиме од кај нас. Како и да е, ние чекаме да заврши судската постапка – тврдат од осигурителната компанија.

КОМИСИЈАТА МЕ ОДБИ ЗА ТРАЈНА ИНВАЛИДСКА ПЕНЗИЈА

Инаку, фирмата „Бога транспорт“ е во сопственост на Момироски, кој се води како нејзин управител. Ваквите информации ги добивме и од самата фирма каде што се јавивме да прашаме какви тури имаат, дали патуваат за Турција, кои денови одат и кој вози.

Секоја недела си има редовна тура за Турција, а инаку директор на фирмата е Зоран Момироски, кој, исто така, вози – ни одговорија од таму.

Во врска со овој случај остануваат многу нејасни прашања, односно кога возачот на автобусот излегол од притвор, со оглед на тоа што сите 39 патници што биле во автобусот воопшто не се запознаени што се случува, не добиле никаква отштета од осигурителната компанија и се оставени на милост и немилост. Дел од нив тврдат, дека ем соочиле со загуба на најблиските, ем нивните семејства и деца немаат пари да го преживеат денот.

И покрај сите трауми што ги доживеала по сообраќајната несреќа, Караџовска се соочила уште и со неажурноста на институциите, како и со лошо поставениот здравствен систем.

На 30 јуни годинава, таа излегла пред комисија за инвалидска пензија, при што од докторката во комисијата добила одговор дека нема да ѝ даде трајна инвалидска пензија, туку на две години, затоа што се смета како работоспособна.

Како можам да бидам работоспособна со две пресечени нозе над колената. Значи, јас немам колена. Не можам сама до тоалет да одам, а на тераса немам излезено цели 11 месеци. Ги заробив дома мајка ми, сопругот и ќерката, за што ми е најкриво. Ѝ објаснувам на докторката, а таа ми вели дека не сум за во пензија. Стопати ја прашав дали знае како е без колена, барем едно колено да имав. Ми вели дека сум можела да работам на шалтер и дека морам да бидам попозитивна, а не да бидам песимист. Попозитивна личност од мене нема, но секој ден се соочувам со нови удари – вели Караџовска.

Рамка1:

Зоран Момироски:

НЕ ВИ КАЖУВАМ ДАЛИ ИМАЛО СУДСКИ ПРОЦЕС И КОЛКУ ВРЕМЕ СУМ БИЛ ВО ПРИТВОР

„Фокус“ се потруди да стапи во контакт и со возачот на автобусот Зоран Момироски, кој вечерта на 6 септември, 2016 година учествувал во сообраќајната несреќа во Турција, за да го прашаме дали имало судски процес и дали е ослободен од обвиненијата што му се ставаат на товар. Тој само кратко одговори:

Не ви кажувам дали имало судски процес и не ви кажувам колку време сум бил во притвор. Благодарам на прашањата – одговори Момироски во изјава за „Фокус“.

Рамка2:

МАКЕДОНИЈА НЕ ПОКРЕНУВА ИСТРАГА, АКО СООБРАЌАЈКАТА СЕ СЛУЧИЛА ВО ДРУГА ДРЖАВА

Македонското Јавно обвинителство уште претходниот пат кога го контактиравме се огради од целиот случај. Од таму ни одговорија дека во случај кога сообраќајна несреќа се случила на територија на друга држава, тогаш на македонска територија не се покренува никаква истрага.

– Јавното обвинителство на Република Македонија нема надлежност да покренува истрага за сообраќајна несреќа што се случила на територијата на Република Турција – се наведуваше во писмениот допис од ОЈО.

Поврзани новости