Од старо маало Крњево се претвора во „урбана џунгла“, каде што само во моментов се градат 9 згради!

„Фокус“ изврши теренска проверка, која покажа дека некои од овие објекти се безмалку готови, додека други се во фаза на карабина. Кои компании се јавуваат како инвеститори, а кои како изведувачи?

by vlatko 12:33
12:33

Текстот е објавен на 22 октомври 2026 година во неделникот Фокус со број 1.620.

На површина од околу 95 илјади квадрати метри, веќе се градат 9 станбени објекти во старото скопско маало Крњево, лоцирано зад кампусот на УКИМ, каде што периодов се случува вистинска градежна офанзива. Откако беше укинат неколкугодишниот мораториум во Општина Центар, во овој дел прво почна да се гради големиот станбено-деловен објект спроти „Ист гејт“ по што се редеа градежни дозволи за згради со приземје, 5 ката и поткровје, како што впрочем предвидува урбанистичкиот план донесен пред една деценија и делумно изменет пред неколку години. „Фокус“ изврши теренска проверка, која покажа дека некои од овие објекти се безмалку готови, додека други се во фаза на карабина. Кои компании се јавуваат како инвеститори, а кои како изведувачи?

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Додека дел од политичките партии, граѓанските иницијативи и локалните жители се обидуваат да го спречат усвојувањето на Деталниот урбанистички план „Барутана“, кој предвидува изградба на 24 нови „мини-згради“ во шумско подрачје на Водно, веќе на големо се бетонизираат други делови од централното градско подрачје, кои административно спаѓаат во границите на Општина Центар.

Така, во последните неколку години, по укинувањето на мораториумот за градење, забрзано почнаа да се градат згради на место на трошните куќи во старите скопски маала, како Маџир Маало, Ново Маало, Дебар Маало, Пролет… Но, оваа низа не завршува тука, бидејќи во неа бездруго мора да се додаде и Крњево, каде периодов се случува вистинска градежна офанзива која засега е подалеку од очите на пошироката јавност.

Станува збор за делот меѓу Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и булеварот Беласица кај „Ист гејт“, од една страна, и меѓу булеварите Александар Македонски и Гоце Делчев, од друга страна. Инаку, за овој дел почнаа да се носат урбанистички планови уште пред повеќе од една деценија, со тоа што пред неколку години се изменија дел од урбанистичките решенија во делот спроти трговскиот центар „Ист гејт“.

Имено, во далечната 2010 година прво е донесен ДУП-от „Крњево 1- урбан блок 1“, кој е прилично едноставен план, од причина што главно го опфаќа и регулира кампусот на УКИМ. За делот од Универзитетот кон булеварот Беласица и „Ист гејт“, каде што има(ше) претежно мали куќи од збиен карактер, пак, Советот на Општина Центар во 2012 година го донесе ДУП-от „Крњево 2“, кој предвидува изградба на станбени објекти и блокови.

Арно ама, општинскиот Совет во 2023 година донесе нов ДУП „Крњево 2 – Градска Четврт ЦС 07“, кој донесе одредени измени во просторот од булеварот Беласица кај „Ист гејт“ до средишниот дел на маалото. За останатиот дел во правец кон УКИМ, каде што се наоѓаат блоковите 5, 6, 7, 8, 9, 10 и 11, пак, како што говорат официјално објавените информации, останаа да важат правилата и параметри од стариот ДУП.

– Подобрени се урбанистичките решенија и, за разлика од стариот план, во овој зголемено е растојанието меѓу објектите, со што се добива поголемо проветрување на просторот и поголема осветленост. Наместо 1, воведовме 2 влеза и излеза во населбата, а Крњево ќе добие и нова пешачка улица – своевремено порача центарскиот градоначалник Горан Герасимовски, додавајќи дека развиената површина на објектите за домување е намалена за 35 отсто.

МААЛОТО СТАНА ГРАДЕЖНА ЗОНА

Поточно, стариот ДУП „Крњево 2“ предвидуваше „ѕид“ на јужната и источната страна, со висина од 42 метри и должина 206 метри, кој бил оформен од 1 објект и кој, како што тврдеа од локалната самоуправа, фрлал сенка на целата населба. Наспроти тоа, велеа од таму, со новиот план се ослободила јужната страна во делот кадешто големиот комплекс се доближуваше најмногу до другите објекти.

Се работи на станбено-деловниот објект спроти „Ист гејт“ со 3 каскадни нивоа високи 15, 11 и 7 ката, што почна да го гради бизнисменот Ванчо Чифлиганец веднаш откако престана да важи мораториумот за градење во Центар, воведен додека градоначалник на Центар беше Саша Богдановиќ. Но, веднаш потоа почнаа интензивно да се градат и други згради, така што денес Крњево е претворено во вистинско градилиште.

Во непосредна близина на објектот на Чифлиганец се градат 2 помали згради во правец кон кружниот тек на булеварот Александар Македонски. Едната од нив, која излегува на булеварот Беласица, со приземје, 5 ката и поткровје, е речиси готова. Според информациите што ги добивме, се очекува таа да биде целосно завршена до крајот на годинава. За време на нашите проверки на терен, не забележавме табла со податоци, но ни беше кажано дека инвеститор е друштвото „Евро-Пада Груп Инжинеринг“.

Веднаш до овој објект, од неговата задна страна, се гради уште една станбена зграда со приземје, 5 ката и поткровје, која моментално е во фаза на карабина. За време на нашата посета, немаше ниту еден работник и не се одвиваа никакви активности, но од таблата поставена на градежната парцела произлегува дека како инвеститор на објектот, со одобрение издадено лани во ноември, се јавува скопската „Нова Билд“. Патем, изведувач е скопската „Ајдини Градба“, а проектирањето и надзорот го вршела струшката „Али Хиса Баухаус“.

Ако се погледне важечкиот ДУП, произлегува дека овие 2 помали станбени згради треба да бидат одвоени од големиот станбено-деловен комплекс со улица, која се поврзува со новопроектираниот булевар среде маалото – „Крушевска Република“. Од другата страна на објектите кон булеварот Александар Македонски, каде што сè уште има куќи, вцртани се повеќе градежни парцели со намена А2 или домување во станбени згради, исто така со приземје, 5 ката и поткровје и со максимална висина од 19 метри, што значи дека, кога-тогаш, и таму ќе се настапат багери и ќе никнат згради.

Впрочем, ваков тип објекти се вцртани речиси низ цел плански опфат, со тоа што некои маркички се одвоени, а други се споени во еден вид блокови. Всушност, тоа важи за делот регулиран со новиот ДУП од 2023 година, но пред се за останатите 7 блокови за кои важи стариот план од 2012 година. Таму, според увидот што го извршивме, вцртани се голем број на градежни парцели, со маркички за А2, исто така со приземје, 5 ката и поткровје и максимална висина од 19 метри, при што голем дел од овие станбени објекти се, народски кажано, лепенки.

ДЕВЕТ ЗГРАДИ НА МАЛ ПРОСТОР

Уште пред неколку месеци, поточно во август годинава, „Фокус“ побара неколку одговори од Општина Центар, вклучително и на прашањето колку одобренија за градба досега се издадени врз основа на урбанистички план за Крњево – за каков вид на објекти се издадени одобренијата за градење, како и на кои лица/субјекти им се издадени? Сепак, повеќе од 2 месеци подоцна, се уште не добивме никаков одговор, па затоа решивме да ги обезбедиме податоците преку теренска проверка.

Притоа, од увидот што го извршивме произлегува заклучок дека на мал простор од околу 95 илјади квадратни метри, колку што изнесува површината на Крњево според мерењето со помош на алатка во системот на Катастарот на недвижности, моментално се градат 9 објекти за колективно домување. Во таа бројка влегува големиот станбено-деловен објект на поранешниот паркинг спроти „Ист Гејт“, како и двата помали веќе споменати станбени објекти во непосредното соседство. Тогаш, кој ги гради останатите 6 згради?

Едната од нив излегува на булеварот „Гоце Делчев“, се наоѓа во непосредна близина на УКИМ и е позиционирана спроти МРТВ. Според податоците запишани на таблата пред градилиштето, овој објект се гради врз основа на одобрение од 08.01.2026, кое станало правосилно само еден ден подоцна. Како инвеститор на објектот што се уште е во фаза на карабина фигурира „Конкрит Ко“, кој воедно е и изведувач, додека проектант е „Терраплан Партнерс“, а надзор – „Аркитек Студио“.

По иста линија, односно на излез на „Гоце Делчев“ и спроти МРТВ, се гради уште еден објект, со градежна дозвола издадена на крајот на 2024 година (правосилна на почеток на 2025), кој веќе има фасада и е безмалку готов. Како што е наведено на таблата, инвеститори се „Вел Сити Груп“ од Велес и „Лутарико“ од Скопје, изведувач е „Антика-Визион“, а надзор е „Типинг“. На лице место може да се види дека овој објект е „лепенка“ со уште една зграда каде деновиве има засилени градежни активности, која претставува инвестиција на истите приватни субјекти.

Воедно, детектиравме уште 3 згради во почетна фаза на градба, кои се наоѓаат во внатрешниот дел на Крњево, каде движењето и сообраќајот се одвива низ тесни сокаци. Па, една од нив се гради на градежна парцела 2.9 што се простира на 4 катастарски парцели, според одобрение за градење од март годинава. Во однос на овој објект, вреди да се напомене дека како инвеститор се јавува „Урбан Инвестинг“, изведувач е „Уни Инвест Гроуп“, а надзор е „ГМС Проект“.

Понатаму, во друга блиска уличка се забележува изградба на уште 2 згради со иста висина, но со помал габарит, кои фактички се поставени една спроти друга. Кај едниот објект што се гради според проект на „СТ Дизајн“, како инвеститор фигурира друштвото „Формлаб“ заедно со 7 физички лица. Во врска со другата зграда, чија страна излегува на „Гоце Делчев“, таа започнала да се гради според дозвола од септември лани. Овде, во својство на инвеститор е евидентирана „Динамик Инжинеринг“, изведувач е „Нети Бау“, а надзор „Сејкон“.

НОВИ ФИРМИ БЕЗ ПОРТФОЛИО

Од сите споменати правни лица, условно кажано „најпозната“ е „Лутарико“, која беше доведувана во контекст на „Барутана“, имајќи во предвид дека токму по нејзина нарачка се изготвува планската документација од страна на „Булд Урбан“. За потсетување, „Лутарико“ поседува градежно земјиште во опфатот на овој план, кој беше жестоко критикуван од разни адреси, што ја натера локалната самоуправа да се обврзе дека нема да го стави планот на гласање пред Советот се додека не се изработат сите неопходни студии, главно поврзани со потенцијална ерозија и свлечишта.

Според податоците од Централниот регистар, „Лутарико“ е формирана во 2010 година и моментално е во (ко)сопственост на Момир Симиќ и Ѓорѓи Вуков. Она што е интересно, компанијата во 2023 година имала обрт од нешто над 1 милион денари, за во следната 2024 година да оствари приходи од 158 милиони денари и добивка од 26 милиони денари. Во минатата 2025 година, пак, имала приходи од 114 милиони денари и добивка од 21 милиони денари.

Токму во тој период 2024-2025 кога компанијата бележи значаен раст, почнуваат и се одвиваат инвеститицско-градежните активности во Крњево, каде „Лутарико“ се јавува како коинвеститор со „Вел Сити Груп“. Во однос на второто друштво, тоа е во сопственост на 2 други субјекти, од кои едниот е „Лутарико“, а другиот е велешката компанија „Пододекор“ на Златко Љутков. Значи, „Лутарико“ е вклучена во градежниот проект и директно, но и индиректно преку преку втората компанија-инвеститор – „Вел Сити Гроуп“.

Што се однесува до другите компании-инвеститори во Крњево, официјалните податоци од надлежните институции покажуваат дека меѓу нив има фирми со повеќегодишно искуство, кои остварувале значителни приливи и профити. Меѓутоа, може да се сретнат и млади, па дури и целосно нови компании, формирани непосредно пред да почне изградбата на дел од објектите, без никакво претходно портфолио и референци, што наметнува низа дилеми и прашања.

Како што неодамна објави Државниот завод за статистика, градежната активност во Македонија бележи значителен раст. Само во август годинава, биле издадени 333 одобренија за градење, што е за 18,9 отсто повеќе во споредба со истиот месец лани. Конкретно, со нив е предвидена изградба на 1.030 станови со вкупна површина од 80.530 квадратни метри, а вкупната вредност на планираните градежни работи надминува 350 милиони евра.

Според ДЗС, Скопје останува убедливо најголемо градилиште во државата, ако се знае дека од вкупно 333 издадени дозволи за еден месец, 105 се лоцирани во скопскиот регион. Актуелните податоци од регистрите за недвижности, пак, покажуваат дека одамна е надмината границата од 2.000 евра за квадрат во централното подрачје и урбаните зони, каде влегува и Крњево. Сепак, барем според последниот попис од 2021 година, повеќе од една третина од становите се ненаселени.

(ВИДЕО+ФОТО) Од старо маало со трошни куќи, Крњево се претвора во „урбана џунгла“!

 

Слични вести