(АРХИВА) Каква е одговорноста на обвинителството за пропаднатата конфискација на „Трансмет“ тешка 17 милиони евра?!

by Фокус

Текстот е објавен на 6 април 2022 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1.383.

Случајот „Труст“, кој заврши со затворска казна за бизнисменот Сеад Кочан поради наместен тендер за ископ во РЕК Битола и одлука за конфискација на имотот на „Трансмет“ вреден една милијарда денари, ги скара Антикорупциската комисија и Јавното обвинителство, откако ДКСК повика на одговорност и на обвинителите кои го работеа предметот, додека, пак, обвинителството утврдило дека дека тие постапиле законски. Лани, „Фокус“ пишуваше дека неколку години по правосилната судска пресуда не може да се изврши конфискација на имотот, бидејќи институциите си ја префрлуваат одговорноста едни на други. Според документацијата со која располагавме, Државното правобранителство реагирало до повеќе државни органи, посочувајќи дека обвинителството во старт постапувало непрофесионално и невнимателно.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Поранешниот премиер, кој скоро му се врати на бизнисот, Зоран Заев, своевремено најавуваше дека од свој џеб ќе финансира бројчаник на Триумфалната порта, кој требаше да ги регистрира украдените пари од периодот на „преродбата“ што државата ќе успее да си ги врати откога дојде „живот за сите“.

Арно ама, ваков бројчаник никогаш не беше поставен, од едноставна причина што судските предмети што ги покрена некогашното Специјално јавно обвинителство главно заглавија во правосудните лавиринти, без да дочекаат правосилни судски пресуди.

Некои од нив сѐ уште чекаат правосилност, други се заглавени во првостепена постапка откако беа вратени на повторно судење, додека трети, почнаа од почеток поради пропуштањето законски рокови и разно-разни процедурални формалности.

Еден од ретките судски предмети што произлегоа од некогашните „бомби“ со ефективна разрешница е „Труст“, кој се однесуваше за наместен тендер во 2011 година од страна на АД ЕЛЕМ во корист на „Трансмет“ и „Силекс неметали“ за ископ на јаглен во РЕК Битола.

Имено, одговорните лица во двете компании, Сеад Кочан и Василије Авировиќ, добија затворски казни, со тоа што на Кочан му беше намалена од страна на Апелација, додека Авировиќ заврши со условна пресуда, како резултат на „помирувачките“ политичко-правни егзибиции, прифатени како нужно зло за повисока цел – членство во НАТО.

Сепак, и во овој случај може да се смета дека правдата не е целосно задоволена, имајќи предвид дека државата сѐ уште не може да наплати средства во вредност од милијарда денари, колку што, според правосилната пресуда, беа конфискувани бидејќи биле стекнати како резултат на кривично дело.

Во оваа сторија се фокусираме на периодот на истрагата до судската пресуда за случајот, низ призма на документацијата што ја обезбедивме од Државното правобранителство, во која се наведува дека главно поради вина на обвинителството се оневозможила конфискација на запленетиот имот.

Да биде парадоксот уште поголем, дел од овој замрзнат имот му послужил на Кочан како гаранција да се брани од слобода?!

ХРОНОЛОГИЈА НА НАСТАНИТЕ

Инаку, процесот го покрена некогашното СЈО, кое на 22 март 2017 година поднело предлог за издавање привремена мерка над „Трансмет“. Но, Судот барал доуредување на предлогот. На крајот, предлогот бил отфрлен, од причина што обвинителот повратно не испратил доуреден предлог?!

Така, решение за отфрлување на предлогот од страна на Судот било донесено на 14 април 2017 година, додека на 9 мај истата година обвинителот поднел нов предлог за издавање привремена мерка. За разлика од претходно, Судот овојпат го прифатил предлогот на обвинителството, па на 10 мај била донесена мерка за замрзнување на имотот на „Трансмет“.

Но, што е најсимптоматично? Истиот ден кога е објавен вториот предлог за издавање на привремената мерка, односно за замрзнување на имотот на градежната компанија, таа преку договор за купопродажба врши отуѓување на дел од имотот, кој преминува во сопственост на друга семејна компанија на Кочан – „ТВ Нова“.

Конкретно, договорот за купопродажба склучен меѓу двете компании е солемизиран кај нотарот Владимир Голубовски на 3 мај, а веќе на 9 мај тој е запишан на имотен лист во сопственост на „ТВ Нова“. Тоа значи дека само еден ден пред Судот да ја донесе одлуката за замрзнување на имотот на „Трансмет“, дел од овој имот веќе преминал во сопственост на „ТВ Нова“?!

На крајот, Судот издава привремена мерка врз истиот имот, меѓутоа цел имот веќе не е на „Трансмет“, субјект врз кој се врши конфискацијата, туку е во сопственост на „ТВ Нова“. Сепак, фактот што овој имот бил опфатен со привремена мерка, не му пречело на Кочан да го искористи како гаранција да се брани од слобода во предметот „Труст“.

Поточно, се работи за истиот имот над кој е ставена привремена мерка и истовремено продаден од „Трансмет“ на „ТВ Нова“, еден ден пред судот да ја изрече мерката. Просто кажано, конфискуван имот му послужил на Кочан како гаранција да остане на слобода, откако претходно извесен период беше недостапен за органите на правдата.

Оттука, освен што бара нов кривичен прогон за бизнисменот Кочан, бидејќи предложил претходно замрзнат имот како гаранција да се брани од слобода, правобранителството бара одговорност и од надлежниот обвинител поради „невнимателно и непрофесионално постапување“.

КУПОПРОДАЖЕН ДОГОВОР

Поточно, ДП побарало Јавното обвинителство кривично да го гони бизнисменот Кочан за злоупотреба на службена положба и овластување, бидејќи, според нив, во постапката за определување гаранција дал и своја изјава дека е согласен наведениот имот да се понуди и прифати како соодветен за обезбедување негово присуство.

„Основаното сомнение за преземените противправни дејства од страна на Сеад Кочан се заснова и на околности што како одговорно лице, односно управител во „Трансмет“ учествувал и го потпишал договорот за купопродажба на истиот имот“, стои во дописот на ДП до ЈО.

Набргу потоа, правобранителството ја дополнува иницијативата, со барање да се испита постапката за продажба на посочениот имот од „Трансмет“ кон „ТВ Нова“, односно да се провери од каде се уплатени средствата за купопродажба, дали е платен данок, во која сума и од која банка…?

Дали надлежниот обвинител побарал на овие средства да биде ставена мерка заради нивно обезбедување и дали обвинителот имал сознанија дека вредноста на конфискуваниот имот не соодветствува со вредноста на штетата. Дали обвинителот од судот побарал проширена конфискација и кон трето лице“, наведува правобранителот Фехми Стафа.

Во однос на овие барања, јавниот обвинител Гаврил Бубевски, кој беше надлежен за „Труст“ заедно со обвинителот Артан Ајро, одговорил дека поднесениот предлог е „беспредметен и нема поткрепа во фактите“, бидејќи, меѓу другото, спорниот имот бил запишан како сопственост на државата со решение за пренос на право на сопственост.

Во одговорите што дополнително ни ги испратија од ЈО, стои дека обвинителството ги презело сите мерки и активности што биле во нивна надлежност. Од тој аспект, додаваат од таму, ја лоцирале имотната корист и ја предале „за замрзнување“, а на крајот на судската постапка побарале конфискација на имотот, по што тој е запишан на име на Македонија.

Во меѓувреме, по поднесеното барање на „ТВ Нова“ за повторување на конфискацијата за делот што бил во нејзина сопственост, Кривичниот судски совет го одбил барањето, бидејќи отуѓувањето на имотот било извршено во фаза на поднесување на Барањето за привремена мерка“, посочуваат од ЈО.

ОТВОРЕНИ ПРЕДМЕТИ

Сепак, правобранителството не се откажало од барањата за одговорност на надлежниот обвинител, имајќи предвид дека и пред Советот на јавни обвинители укажале дека како последица на „невнимателно и непрофесионално однесување на обвинителот во овој предмет оштетена е државата на тој начин што не може да биде спроведена конфискација на имотот“.

„Со оглед дека истрагата не ја води судот, туку обвинителот, и имајќи предвид дека судските совети се менуваат и решаваат по предлозите на обвинителството, единствен што имал увид во целокупната документација бил надлежниот обвинител, кој морал да внимава на сите докази што се прилагаат“, велат од ДП до Антонио Јолевски, прв човек на СЈО.

Од Советот на јавни обвинители не добивме одговор дали и како постапиле во однос на овие укажувања од правобранителството, но одговор добивме од самото обвинителство дека веќе е формиран предмет за случајот.

Предметниот обвинител постапува согласно своите надлежности во однос на пријавените настани во насока на утврдување вина од кривично-правен аспект. Како и во секој предмет, така и во овој случај во интерес на обвинителството е да докаже постоење на кривично дело и да ги гони сторителите на кривичните дела“, објаснуваат од ЈО.

Исто така, потенцијална вина на обвинителот испитува и Државната комисија за спречување корупција, од каде што нѐ известија дека во однос на иницијативата за одговорност и на надлежниот обвинител во случајот со Кочан оформиле предмет по допрен глас, за што постапката сѐ уште е во тек.

Во меѓувреме, правобранителството се обратило и до владата, односно до поранешниот премиер Заев, истакнувајќи дека имотот не може да се конфискува поради „пропусти во постапувањето на државни институции“.

Имајќи предвид дека вредноста на имотот сѐ повеќе се намалува и имајќи ја предвид висината на вредноста на конфискацијата, неопходно да се изнајде начин и да се преземат мерки и активности за спречување незаконско отуѓување на имотот предмет на конфискација, а сѐ поради пропусти во постапувањето на државни институции“, стои во дописот.

РАБОТНА ГРУПА

Бидејќи извршувањето на судската пресуда сѐ уште е неизвршливо, во рамки на владата е формирана работна група уште на средината на минатата година, во која членувале Беса Адеми и Вилма Русковска, како и директорите на Агенцијата за конфискација, Централниот регистар, Катастарот… Но, во неа го нема државниот правобранител Стафа, кој впрочем претходно бара формирање вакво тело.

„Владата продолжува активно да учествува во процесот на подобрување на институтот конфискација на имот. На последниот состанок, претставниците на обвинителството и на судот се изјаснија дека ќе направат целосна анализа за да најдат соодветно решение кое би требало да го презентираат на следниот состанок“, ни одговорија од Владата.

Кога се говори за враќање на криминално стекнати пари во вакви случаи со правосилна пресуда што не може да се изврши, сите прстот го вперуваат кон органите на државната управа задолжени за постапување, односно кон Агенцијата за управување со одземен имот, која во случај на спор, случајот го решава преку парнична постапка и постапка за извршување…

Практично, ние треба да продаваме имот кој не може да го продаваме, зашто во моментот кога до нас стигнало решението, тој бил оптоварен со хипотеки во банки. Ние водиме спор за имот по имот, поднесуваме приговори, но имаме проблем бидејќи договорите за хипотека се склучени пред донесување на пресудата“, објаснуваат од Агенцијата.

Во тој контекст, и граѓанскиот суд ги отфрли тужбените барања на правобранителството, кое бараше државата да има предност пред банките и компаниите. Меѓу другото, еден дел од образложението на граѓанскиот суд кој ја одбива тужбата, а потоа и жалбата на ДП, упатува на превид во време на истрагата.

Во кривичната постапка не се утврдени факти во однос на предметниот недвижен имот, односно ниту во однос како тој е стекнат и со кои средства, ниту факти дали бил оптоварен со заложно право и со кои договори во чија корист. Напротив, во кривичната пресуда, предметните договори за хипотека, воопшто, не биле земени предвид и при одлука да се спроведе конфискација и на овој недвижен имот не било назначено дека истиот е оптоварен со хипотека“, стои во пресудата.

И, додека разни институции бараат решение за надминување на оваа ситуација, недвижниот и движниот имот на „Трансмет“ се користи и се обезвреднува, па дури и се презема од страна на банки поради впишани хипотеки и од страна на компании поради наплата на долгови во рамки на стечајната постапка. Во меѓувреме, од надлежниот граѓански суд нѐ известија дека цело досие за стечајната постапка на компанијата го предале на Финансиска полиција, која води друг вид истрага.

Во исчекување на епилогот, најголем губитник останува државата, која останува покуса за 17 милиони евра.

 

Фиктивна државна сопственост
МВР ГИ КАЗНУВАЛА ЗАПЛЕНЕТИТЕ ВОЗИЛА?!

Во случајот „Трансмет“ конфискувани се над 200 возила, кои државата не само што не успева да ги продаде, туку тие се користат од разни физички и правни лица.

Во таа насока, правобранителството побарало Министерството за внатрешни работи да ги провери сознанијата дека овие возила предизвикале и сообраќајни прекршоци.

Во врска со тоа, се обративме до МВР, но не добивме одговор.

 

Бесмислена конфискација
И СУДСКИ СОВЕТ ЌЕ ВРШИ УВИД ВО ПРЕДМЕТОТ

И покрај тоа што главната вина ја лоцираат во обвинителството, односно надлежниот обвинител, сепак, правобранителството се обратило и до Судскиот совет за друг аспект.

Со допис упатен до претседателката на Советот Павлина Црвенковска, правобранителството наведува дека стечајниот совет што ја водел постапката против стечајниот должник „Трансмет“, при постоење решение за привремена мерка од 11.5.2017 над имотот на „Трансмет“, дозволувал да се разлачат средства по договор за воспоставување на хипотека.

При постоење одлука за конфискација на недвижен имот не смее да се дозволи договор за хипотека да има појака правна основа над правосилна пресуда, бидејќи на тој начин се губи смислата на конфискација и се оштетува државата“, велат од ДП.

Од Судскиот совет, пак, истакнаа дека во следниот период, Советот ќе го анализира дописот на седница, при што ќе изгради став дали и како ќе постапува.

„Работното тело може да се согласи да даде задолжение на двајцата координатори (членови на Судски совет) што се определени за Граѓански суд и Апелациски суд Скопје да извршат увид во предметот и да дадат предлог како во иднина да постапува Судскиот совет, доколку утврдат одредени неправилности“, коментираат од Судски совет.

Поврзани новости