АРХИВА Јанкулоска ќе докторира на факултет, чии студенти не се пожелни во МВР!

by Fokus

Текстот е објавен на 21 февруари, 2014 година во неделникот „Фокус“ во бројот 959

Пишувала: Валентина СТОЈАНЧЕВСКА

„Образованието е сила, образованието е моќ, знаењето е богатство“. Вака во 2007 година беше промовирана владината кампања, која требаше од неуките сиромашни граѓани да направи образована работна сила, која ќе ѝ каже збогум на сиромаштијата. Барем така „вети“ премиерот Никола Груевски.

По седум години, резултатите се видливи. Образованите млади луѓе навистина кажаа збогум, ама не на сиромаштијата, туку на државата. Факултетската диплома, наместо да овозможи егзистенција, до гуша ги задолжи родителите, а нивните деца ги испрати да работат на бродови, во хотели и ресторани, некаде по белиот свет.

Дека факултетската диплома, и знаењето во Македонија не им вреди ништо, веќе со години се уверуваат и дипломираните криминалисти, кои и покрај своите вештини, наместо како полициски инспектори да бркаат криминалци, возат такси, разнесуваат пици, а ако имале повеќе среќа, работат како обезбедувачи во некоја агенција за обезбедување. Поголемиот дел од нив, пак, се само статистички податок, кој ја надополнува армијата невработени млади високообразовани граѓани.

ДИПЛОМИРАЛ СО ПРОСЕК ОД 9,5, А СЕДИ БЕЗ РАБОТА

Вработувањето на дипломираните криминалисти е проблем кој се провлекува со години. Од криминалистите што дипломирале на Факултетот за безбедност, од 2008 година, па сè до денес, на прсти се бројат оние кои имале среќа да се вработат во МВР или во другите безбедносни институции, а околу илјада останале да чекаат.

Сегашниот Факултетот за безбедност, кој е дел од Универзитетот „Св. Климент Охридски“, порано се нарекуваше Полициска академија, која, пак, се рестартираше по донесувањето на Законот за Полициска академија од 2003 година бидејќи тогаш МВР утврди дека постои потреба од ваква високообразовна институција.

Според овој закон, во Академијата се образуваа кадри за потребите на МВР, други државни органи, како и други организации кои вршат дејност од областа на безбедноста. Но, како што објаснуваат невработените криминалисти, по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт и со поставувањето на Гордана Јанкулоска за министер, работите тргнуваат во погрешна насока.

Со новодонесениот Закон за полиција, Академијата се избриша од систематизацијата на МВР и се сведе на ниво на факултет, кој му плаќа кирија на МВР за користење на просториите во Центарот за обука во „Идризово“. Оттогаш овие студенти ја губат шансата да бидат на приоритетната листа за вработување во Министерството.

„Да биде иронијата на ниво, министерката Јанкулоска потпишува т.н. договори за стратешка соработка со приватни факултети за изведување практична настава на студентите во полициските станици, додека практичната настава за студентите на Факултетот за безбедност е прекината“, вели нашиот соговорник, дипломиран криминалист, кој вели дека од разбирливи причини сака да остане анонимен.

Тој објаснува дека единствените, кои се вработиле во МВР, се вонредните студенти, кои пред да се запишат, веќе работеле во Министерството, а благодарение на дипломата добиле високи раководни функции. Исто така, „среќа“ да се вработат имале и студентите од другите националности.

„На Полициската академија се запишав во 2004 година, а дипломирав во 2008 година, со просек 9,5. Истата година дипломираа уште околу сто колеги и колешки. Според моите информации, вработени се само тројца, а нас другите ќе нè сретнете низ бутиците во Скопје, по градилиштата ширум државата, или во рецепцијата на некој хотел. Оние со визија, одамна ја напуштија државата и заминаа во САД или во некоја држава од ЕУ. Некои, со главата во торба, обезбедуваат американски воени бази во Авганистан“, вели 27-годишниот дипломиран криминалист.

Нема сомнеж дека оваа генерација дипломирани криминалисти, но и оние по нив, се квалитетен образовен кадар. За да се запишат 100 студенти, тие поминуваат низ селекција од 1.200 кандидати. Нашиот соговорник кажува дека полагал приемни испити по уставно право, имал проверка на физичката кондиција, психо-тестови и тестови за интелигенција, како и елиминаторни здравствени прегледи во Поликлиниката на МВР, за кои вели дека дебело ги платиле. Целата постапка, од поднесувањето на првичните документи, па до крајната ранг-листа, била следена од тогашната мисија на ОБСЕ.

„ОБСЕ спречи нелегално да се запишат деца на министри, инспектори, воени старешини, директори, бизнисмени, па грото студенти потекнуваа од сиромашни семејства, така што за некои значеше проблем да обезбедат по 800 евра за приватната квота, секоја година. Трошоците за стан, храна, превоз…, ни беа дополнителни, вели криминалистот.

ПАРТИСКИ ВОЈНИЦИ ИМ ЈА ЗЕМААТ РАБОТАТА НА КРИМИНАЛИСТИТЕ?

Во Министерството за внатрешни работи, во изминативе две години се вработија вкупно 700 полицајци, од кои дали десетмина се криминалисти. МВР распишуваше огласи, најпрвин за 300, а потоа уште за 400 полицајци, но условот беше да бидат помлади од 25 години и да имаат барем средно образование, што значи дека не се инсистираше на факултетска диплома. Со критериумот за возраста, првите три генерации дипломирани криминалисти ја загубија можноста да се вработат, бидејќи беа постари за една или две години.

„Се сеќавам само на еден оглас кој МВР го распиша, а во кој бараше кандидат со високо образование. Тоа беше оглас со кој бараа лице за обработка на класифицирани податоци, кој, верувале или не, требало да има завршено Факултет за физичка култура“, со чудење раскажува несудениот полициски инспектор.

Неговиот колега, Ристе Самарџиев, кој, за разлика од многумина, не се плаши да зборува јавно, објаснува дека, наместо квалификуван кадар, во безбедносните институции се вработуваат партиски послушници.

„По принципот на партиски клуч, во полицијата се вработија илјадници нови кадри, но ретко кој од дипломираните од Полициската академија. Проблемот со вработување единствено го решија 10-12 дипломирани студенти, кои се вработија според рамковниот договор или партиски. Моментално работам на обезбедување во една приватна компанија, колку да го извадам лебот“, вели Самарџиев.

Тој објаснува дека веќе одамна се изгубила логиката за постоењето на овој факултет. До доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, во 2006 година, колку студенти ќе се запишеле одлучувало МВР, според потребите од нов кадар. Но, по смената на владејачката гарнитура, се менуваат и правилата. Овие студенти немаат приоритет, туку напротив, се сметаат за младинци образовани во времето на СДСМ, па според тоа вратите во Министерството се затворени за нив. Оваа ситуација е скандалозна за овие млади луѓе, кои велат дека не треба да се жртви на партиски игри и пресметки.

Самарџиски додава дека за негово вработување не му помогнало ниту тоа што две години се образувал во Франција. Имено, во 2005 година, како првенец на генерацијата, се запишал на Полициската академија во Скопје. По две години студии, добил стипендија од француската влада и од нивното Министерство за внатрешни работи, по што го продолжил школувањето на високото државно училиште за полициски офицери во Париз. Откако ги завршил студиите, решил да се врати во Македонија и тука да го сподели своето знаење, но наишол на затворени врати.

„Разочаран сум и се прашувам, и покрај познавањето на англиски и француски јазик, ригорозната обука и испитите, но и навистина тешката стручна подготовка во Франција, што сè друго е потребно за да се вработам?“, прашува Самарџиски, кој веќе шест години, иако е ставен на приоритетната листа за вработување во МВР, не е повикан на работа.

ФАКУЛТЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ, СЕПАК, ИЗБОР НА ЈАНКУЛОСКА

За разлика од него, на другите колеги со кои студирал заедно во Франција, а доаѓале од други земји, веднаш им се посреќило. Колегата од Бугарија бил вработен како полициски аташе на Бугарија во Париз, колешката од Романија станала професор на Полициската академија во Букурешт, а колегата од Конго бил назначен за директор на нивното биро за јавна безбедност, додека нашата македонска гордост заврши како чувар на приватна фирма?!

Она што најмногу го изненадило Самарџиски е незаинтересираноста на македонското МВР да воспостави долгогодишна соработка со образовната институција во Франција, иако за тоа им се нудело можност.

„Ми дадоа договор за соработка, кој требаше да се потпише од надлежните институции во Македонија. Потпишувањето ќе значеше дека секоја година, барем по еден студент од Академијата ќе имаше можност да биде стипендиран во Франција, но оттука никој не сакаше да потпише“, вели Самарџиски.

Нашите соговорници објаснуваат дека се зачудени од игнорирањето на министерката на дипломираните криминалисти, со што, според нив, покажува и непочитување на образовната институција, но од друга страна, пак, велат дека Јанкулоска го одбрала токму овој факултет за да се здобие со титулата доктор на науки. Според нашите информации, министерката уште кон крајот на 2009 година ја поднела пријавата за докторат.

За тоа до каде стигнала министерката со својата докторска дисертација, но и за тоа дали има решение за проблемите на дипломираните криминалисти, испративме прашања до МВР, но оттаму, до затварањето на весникот, не добивме одговор.

ПРЕКУ ПРОТЕСТИ ЌЕ БАРААТ ВРАБОТУВАЊЕ

 Јавноста, за проблемите со кои се соочуваат дипломираните криминалисти, првпат слушна во 2012 година, кога тие здружено протестираа пред Владата. Протестите ги организираше тогашното Здружение на дипломирани криминалисти, кое, поради многубројните притисоци, не функционираше активно. Самарџиски, вели дека неодамна имале обиди повторно да се организираат и преку протести да ги бараат своите права, но биле замолчени.

„Почнавме со подготовките за формирање на ново здружение со име Невработени дипломирани криминалисти. Нашата идеја беше да поставиме шатор пред Владата, и таму секој ден, менувајќи се, да ги бараме нашите права. Од Општина Центар добивме дозвола да го поставиме шаторот, но веднаш почнаа и притисоците од владејачките структури. На дел од колегите им се закануваа дека ако протестираат, нивните родители или браќа и сестри ќе останат без работа, на дел им ветија вработување и слично“, вели Самарџиски.

Нашиот соговорник додава дека, и покрај притисоците, со уште неколкумина колеги се решени да протестираат, но вели дека сè уште размислуваат кога да почнат, бидејќи поради претседателските избори не сакаат да им залепат партиски етикети.

На младите криминалисти не им останува многу простор и време за да го остварат своето граѓанско право, да излезат на протест. Речиси да нема година кога не се одржуваат или кога, барем, не се зборува за одржување на предвремени избори.

Кога и да одлучат да го кренат својот глас, имаат големи шанси да бидат прогласени за опозициски платеници, или, пак, да добијат ќотек од оние, кои без образование, но со партиска книшка, им го зеле лебот. Така ќе биде сè додека во Македонија во живо се спроведува кампањата ‒ Партијата е сила, партијата е моќ!

Рамка 1

ДУРИ 53 ОТСТО ОД МЛАДИТЕ САКААТ ДА ЗАМИНАТ ОД МАКЕДОНИЈА

Дури половина од младите во Македонија, или поточно 53 проценти од младите на возраст од 15 до 29 години сакаат да заминат од земјата, односно 31 процент размислуваат, а 22 проценти веќе одлучиле да го направат тоа. Најголемиот дел од нив, животот сакаат да го продолжат во некоја од земјите од Западна Европа, а како втора дестинација ја посочуваат Америка.

Главен мотив за напуштање на државата, за 65 проценти е лошата финансиска состојба. Овие загрижувачки податоци се резултат на истражувањето „Студија за младите во Република Македонија 2013“, која за потребите на Фондацијата Фридрих Еберт, ја изработи Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

На прашањето, пак, дали си вработен во моментот, дури 70 проценти од испитаниците одговориле дека не одат на работа, а само 30 проценти дека се вработени. Како најзначаен фактор преку кој можат да дојдат до работа, младите ги сметаат „врските и пријателите“, а како втор фактор „политичките врски“. Дури на трето место по важност го лоцирале нивното образование, а потоа следуваат нивните професионални способности, а на петто место ја навеле среќата.

Истражувањето било извршено кон крајот на 2013 година.

Рамка 2

Фросина РЕМЕНСКИ

ВИНОВНИ СЕ И ПРОФЕСОРИТЕ!

За проблемот со кој се соочуваат дипломираните криминалисти раскажува и потпретседателката на СДСМ, Фросина Ременски, која е професор на Факултетот за безбедност.

„За жал, по трансформацијата на Полициската академија, МВР беше ставен на колосек да избира дали во своите редови ќе ги вклучува стручно-образовните кадри, кои се стручно оспособени за работа во МВР или, пак, ќе ги вклучи кадрите зад кои стојат други критериуми, пред сè, партиската подобност. Јавна тајна и тогаш, а и сега, е дека еден од клучните предуслови за влез во редовите на полицијата е аминот од месниот комитет на владејачката партија. Затоа денес се случува во редовите на полицијата да сретнете луѓе кои, доколку би имало критериуми не би биле дел од полицијата“, вели Ременски.

Професорката објаснува дека мал дел од оние криминалисти кои се вработиле, конкурирале со средно образование и морале да поминат 9-месечна обука.

Таа посочува пример со дипломирана криминалистка, која одлично зборува шест светски јазици, меѓу кои и арапскиот, а сè уште не е вработена.

  • По дипломирањето таа немаше среќа да влезе ниту како волонтер во институции кои бараа познавање на арапскиот јазик. Слична судбина има и еден нејзин колега, кој додека беше на студентска работа во САД, изврши граѓанско апсење на баран криминалец со потерница. Локалната полиција го прогласи за почесен граѓанин и му даде можност за стручно дообразување.Тој се врати во Македонија, по што беше вработен во МВР, но не како овластено службено лице, туку како државен службеник. Разочаран, размислува да даде отказ и да замине во земја која му нуди перспектива, вели Ременски.

Професорката истакнува дека за неповолната состојба во која се наоѓаат криминалистите се виновни и професорите вработени на Факултетот.

„Сметаат дека отворањето на проблемот ќе наруши некои нивни персонални релации. Ректорите и деканите, пак, молчат за рушењето на автономијата на Универзитетот и директното мешање на полицијата во нивната работа. Молчат за наложените вработувања, притисоци и партиски директиви“, истакнува Ременски.

За пријавата за докторат на министерката, пак, вели дека нема да коментира, бидејќи секој има право да се образува и усовршува. Сепак, напоменува дека она што ќе го искоментира е моралниот аспект на студирањето на факултет, кон чии кадри, според неа, продолжува игнорантскиот и непрофесионален однос.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Поврзани новости