АРХИВА Режисерот Георгиевски и ќерка му Мери за три претстави во Драмски театар наплатиле 40.000 евра

by Fokus

Текстот е објавен на13 октомври, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1149

Ирена МУЛАЧКА

Повеќето од актерите во театрите ширум државава во последните неколку години сериозно навлегоа во политичките води, па дел од нив можат да се видат на советничките листи за претстојните локални избори што ќе се одржат на 15 октомври, додека дел кои седеа на директорските столчиња цело време беа главни протагонисти на контра-протестите организирани од тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ.

Истите тие луѓе можеа да се видат на контра-протестите пред Собранието на 24 декември, 2012 година познат како црниот понеделник кога новинарите и тогаш опозициските пратеници беа исфрлени од собраниската сала. Актерите во тој период реагираа, наводно плашејќи се дека ако не се донесе буџетот ќе останат без плати. Но, тоа не беше единствениот контра-протест на кој присуствуваа. Тие се појавија и на протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“ оваа година, каде ги „бранеа“ идентитетот, суверенитетот и јазикот на државата. Истите протестанти ја предводеа и толпата што на 27 април влезе во Собранието кога се избираше претседател и кога беа претепани пратениците од парламенатрното мнозинство.

Дел од нив одиграа значајна улога во десетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, жестоко ги бранеа нивните политики и го одржуваа режимот толку години на власт. Со промената на власта експресно ги напуштија директорските столчиња, но затоа, пак, за својата горда послушност кон партијата нивните имиња се најдоа на советничките листи во неколку општини во метрополата.

Сепак, нивниот партиски дрес е најмалку важен во приказната, а тоа што боде очи и предизвикува јавен интерес е колку од нив во последните неколку години се нафатираа со дебели хонорари.

ГЕОРГИЕВСКИ „ДРМАЛ“ ВО ДРАМСКИ

Прв човек на Драмскиот театар  во последните четири години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ беше актерот Роберт Вељановски, кој на директорското столче седна во 2013 година. Тој беше во првите борбени редови на контрапротестите на црниот понеделник, но и дел од иницијативата „За заедничка Македонија“, застанувајќи во „одбрана“ на државата од „предавниците“. Во Драмскиот театар, со кој до пред неколку месеци раководеше Вељановски, кога го замени Сашо Тасевски, редовно се ангажираат надворешни соработници, кои режираат претстави или играат во нив, а за возврат добиваат хонорари.

Во периодот додека Вељановски директорувал со театарот исто така биле ангажирани надворешни соработници, а сите авторски договори со кои располага „Фокус“ се потпишани токму од екс директорот. Според документите, во периодот од април, 2014 па се до септември 2017 година, односно во последните три години, три претстави како надворешен соработник на Драмскиот театар режирал и поранешниот претседател на Собранието Љубиша Георгиевски.

Во Драмскиот театар тој ја режирал претставата „Папагалот Историко“ за која во последниот период се крена голема фама во јавноста. Според документите, Георгиевски потпишал авторски договор на 29 мај, 2017 година за подготовка и реализација на оваа претстава во периодот од 26 мај до 15 јули, а премиерната изведба била планирана да се изведе во втората половина на септември. За оваа претстава, во авторскиот договор е предвидено Драмскиот театар да му исплати 8.455 евра на Георгиевски. Тој добил уште 1.495 евра за сценографија на претставата.

Покрај режисерот во претставата свое учество имала и неговата ќерка Мери Георгиевска, која била костимограф. Таа исто така потпишала авторски договор, за што добила хонорар од 1.495 евра.

ЌЕРКАТА НА ГЕОРГИЕВСКИ ЗА ТРИ ПРЕТСТАВИ КЕШИРАЛА 9.000 ЕВРА

Според грубите пресметки што ги направивме, режисерот Георгиевски за само три претстави наплатил околу 30.000 евра хонорар. Една од претставите која во 2016 година ја режирал Георгиевски, а чија премиера, како што пишува во авторскиот договор била изведена во јуни лани, е „Кристофер Колумбо“ од Мирослав Крлежа. Според документите, Драмски театар како надворешен сорабтник на режисерот му исплаќа хонорар од 7.479 евра, а претходно како што е наведено во договорот, една година порано, за адаптација на пишаниот текст му се исплаќа хонорар од 1.000 евра. Од друга страна, во улогата на костимограф и сценограф на истата претстава повторно се појавува неговата ќерка Мери. Во авторските договори се наведува дека таа за изработка на сценографијата за претставата „Кристофер Колумбо“ од Драмски театар добива хонорар од 2.000 евра, додека уште 2.000 евра зема за изработка на сите костими во претставата.

За третата претстава која ја режира во Драмски, „Евангелие на глупоста (Далај Мама во два дела)“ која се подготвува во периодот февруари/април во 2014 година, Георгиевски добива хонорар за извршената работа во износ од 9.325 евра, додека за напишаниот текст заработува уште 2.000 евра.

Како и во претходните две претстави, заедно со него соработува и неговата ќерка. Таа со тогашниот директор Вељановски потпишала договор за истата претстава само за изработка на костимографија во износ од 2.000 евра, додека на вториот договор е потпишана како сценограф на истото дело, за што добива хонорар од уште 2.000 евра.

Сепак, да потсетиме кој е познатиот режисер Љубиша Георгиевски. Во македонската политичка јавност тој стана познат уште пред повеќе од 25 години кога во 1994 година се кандидираше за претседател на Македонија од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, а изборите ги изгуби од тогашниот претседател, кандидат на СДСМ, Киро Глигоров. Во периодот од 2000 до 2004 година Георгиевски е амбасадор во Бугарија, а кога екс премиерот Никола Груевски доаѓа на власт, во 2006 година тој станува претседател на македонското собрание со кое управува две години, односно до 2008 година. Во 2009 година Георгиевски својата дипломатска кариера ја продолжува во Белград, каде што е амбасадор на Македонија во Србија.

Во последните неколку години Георгиевски упорно продолжува да ги брани политиките на Груевски. Редовно го критикува Пржинскиот договор, Специјалното јавно обвинителство и ги повикува граѓаните да се борат против наводните деструктивни сценарија на тогашната опозција и да застанат во одбрана на државата и институциите.

Георгиевски е член на Граѓанското здружение за одбрана на Македонија (ГДОМ), каде со повеќето свои колеги ја ораше цела Македонија и држеше говори против македонските „предавници“.

Тој јавно тврдеше дека изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието е нелегитимен, оценувајќи го како една голема пародија.

– Тоа е прекршување на сите деловници и правилници за работа на Собранието и вака не може да помине. Нелегитимно е немањето записник од текот на расправата, а гласањето и броењето на гласовите не е според правилата. Со други зборови, ова е качачка процедура. Kачаци влегоа во парламентот, си избраа нелегитимен претседател, претходно испеаја химна од туѓа држава на говорница – тврдеше пред неколку месеци Георгиевски.

КОЛКУ НАПЛАТИЛ „ВОИНСТВЕНИОТ“ ЈОВАНОВСКИ?

Во претставата „Папагалот Историко“ во Драмски, главната улога ја има актерот Владо Јовановски. Јовановски потпишал авторски договор за играње во претставата за хонорар од 2.487 евра, според кој за секоја одиграна претстава било предвидено да му се исплаќаат дополнителни 3.000 денари.

Претставата премиерно беше изведена на 23 септември, додека на репертоарот повторно беше ставена на 7 октомври. Тука и пукна скандалот, откако главниот актер Јовановски обвини дека новиот директор Тасевски намерно ја повлекол претставата, сакајќи на тој начин да му се одмазди.

Човекoт најпрвин е аматер, работи од љубов, па станува дилетант, работи тоа што му рекле да работи, ама не знае што прави. На крај станува некој кој прво бил аматер, па станал дилетант и се упикал некако, дошол до фотеља, се слеал со фотељата и сега седи на таа фотеља и командува. Командува, ама лаже! Лаже та суши! А зине лаже! И што е најважно верува во своите лаги!  Да дојдеш за директор на театар, а си актер и да ги тргнеш скоро сите претстави во кои не играш е најблагоречено резил. Јас лично би се срамел!  Околу манипулацијата со термините и продажбата на карти за претставата „Папагалот историко“ (патем претстава која не штеди никого, најмалку актерите или авторите), може да се зборува до утре, ама чуму? Ќе станеме ли подобри луѓе? Тешко! – напиша Јовановски на својот фејсбук профил.

На тоа експресно му врати Тасевски, кој нагласи дека за претставата  „Папагалот Историко“ бил продаден само еден билет, поради што таа не можела да се одигра само за еден гледач. Според договорот, расходите за таа претстава се движат околу 8.000 денари, а со само еден билет не се исплатело претставата да се одржи. Наредната претстава е закажана за две недели, односно на 31 октомври.

Јовановски во јавноста е познат како автор на емисиите „Истражи ја Македонија“ на јавниот сервис. За време на режимот на Груевски, тој беше еден од најангажираните актери во театар, на филм и на ТВ. Една од причините е жестоката одбрана на политиките на претходната власт. Во февруари годинава, Јовановски повика на граѓанска војна наводно против предавството на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, што предизвика негативни реакции и наиде на жестоки осуди во јавноста. Тој исто така беше еден од главните водачи на иницијативата „За заедничка Македонија“, а можеше да се види и како главен предводник на толпата народ што на 27 април, крвавиот четврток, влезе во Собранието. Со развиорено знаме, Јовановски во собраниската сала објаснуваше кои се предавниците на државата, додека друга група насилници истовремено во прес центарот ги тепаа пратениците од парламентарното мнозинство.

Рамка1:

ЌЕРКАТА НА ГЕОРГИЕВСКИ НЕ УЧЕСТВУВАШЕ НА КОНТРАПРОТЕСТОТ НА ЦРНИОТ ПОНЕДЕЛНИК

Мери Георгиевска е познат сценограг и костимограф, која за пошироката јавност стана позната откако во 2012 година за време на црниот понеделник им се спротистави на своите колеги-уметници и не сакаше да учествува на контрапротестот за донесувањето на буџетот. Таа и во тој момент не ја криеше својата политичка определба кон ВМРО-ДПМНЕ, но сепак одлучи да не учествува на овој контрапротест, со што беше нападната на својот фејсбук профил од повеќето од своите колеги.

Рамка2:

ЖУГИЌ ЌЕ БИДЕ СОВЕТНИЧКА, МИХАЈЛОВСКИ БАРАШЕ ОСЛОБОДУВАЊЕ НА ИГОР ЈУГ

Актерката Јелена Жугиќ, за која „Фокус“ веќе објави дека била член на повеќе управни одбори и комисии од кои добивала хонорари, сега се спрема за нова функција, односно таа е дел од советничката листа на општина Центар од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Со промената на власта таа беше сменета од директорската позиција во Театар Комедија, а можеше да се забележи и во Собранието на крвавиот четврток. Нејзиниот колега, пак, Тони Михајловски последната година е помалку активен, но затоа пак на својот фејсбук профил побара да се ослободи Игор Југ, кој беше еден од насилниците во Собранието на 27 април.

Поврзани новости