Апасиев: ДСЗИ потврди дека двајцата пратеници во скафандери имале решенија за изолација, а за овa биле информирани и во МВР

by Fokus

Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по претставка на Левица, утврди дека на пријавените заразени пратеници (кои со скафандери гласаа во Собранието) им биле издадени активни решенија за карантин кои тие не смееле да го прекршат, и предметот го препрати до МВР на понатамошно постапување – согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, напиша пратеникот на Левица, Димитар Апасиев на својот Фејсбук профил.

Утринава редакцијата на „Фокус“ се обиде да стапи во контакт и со ДСЗИ за потврда на веродостојноста на информациите во документот но на ниту еден од телефонските броеви немаше одговор. За случајот не одговорија и од министерството за внатрешни работи за да објаснат околу постапувањето по овој случај.

Во одговорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат – Сектор за инспекциски надзор на претставката на Левица се вели дека пратениците Бисера Костадиновска-Стојчева и Мирослав Богдановски имале активно решение за карантин. Овие пратеници во скафандери присуствуваа на 32-та седница на Собранието.

-Ве информираме дека од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, согласно надлежностите на овој орган, а врз основа на податоците добиени од националниот електронски систем „Мој термин“, на двете лица им се издадени решенија за ‘лекување и изолација во домашни услови во траење од 10 дена од денот на тестирањето на лице асимптоматски потврден случај’, односно ‘лекување и изолација во домашни услови од трање од 20 дена на лице потврден случај со симптоми на ковид-19’.

Решенијата за наведените лица како и за сите останати лица кои добиваат решенија од ДСЗИ за изолација по основ на контакти или лабораториски потврдени случаи на ковид-19, се доставени до Министерството за внатрешни работи, кое согласно член 65 од Законот за заштита на населението од заразните болести е должно во рамките на својата надлежност, да соработува при извршувањето на мерките од членовите 29, 31, 57, 58 и 64 од овој закон“, стои во одговорот од инспекторатот.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по претставка на Левица, утврди дека на пријавените заразени пратеници…

Posted by Димитар Апасиев on Tuesday, 27 April 2021

Поврзани новости