Текстот е објавен на 09 октомври 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.566.
На претстојните локални избори се очекува Националната алијанса за интеграција предводена од ДУИ, од една страна, и ВЛЕН од друга страна, да водат најжестоки битки за урбаните општини со доминантно албанско население, кои имаат најголема политичка и симболична тежина – Чаир, Тетово, Гостивар, Струга и Дебар, чиј исход во голема мера ќе го одреди победникот во албанскиот блок. Притоа, најинтересни и најзначајни дуели се очекуваат во Чаир и во Тетово, со оглед дека таму ќе има директен судир меѓу највисоките претставници на ДУИ и фронтмените на ВЛЕН. Исто така, во оваа група влегува и Кичево, со тоа што таму во битката се вклучува и ВМРО-ДПМНЕ. Ако ВМРО-ДПМНЕ го посакува Кичево, како најважен изборен трофеј, со цел директно да го преземе од ДУИ, тогаш СДСМ со иста желба го таргетира Куманово, кое долги години беше бастион на СДСМ, сè додека не падна под контрола на ЗНАМ. Воедно, за особено битни општини важат и скопските Центар и Карпош. И покрај големата победа во Центар на ланските избори, ВМРО-ДПМНЕ одлучи да го отстапи Центар на ЗНАМ, додека истовремено изразува силна амбиција да го освои Карпош, каде што СДСМ, пак, одлучи да исфрли свој кандидат наместо да го поддржи актуелниот градоначалник.
Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ
За разлика од парламентарните и претседателските избори, локалните избори може да бидат многу комплицирани, од причина што се спроведуваат со комбиниран изборен модел. Односно, градоначалниците се избираат според мнозински модел, т.е. со глас повеќе (како претседателот на државата), додека советниците се избираат според пропорционален модел, т.е. според Донтовиот количник (како републичките пратеници).
Оттука, многу лесно може да се случи локалните избори да завршат со нејасен исход, доколку една политичка структура освои поголем број гласови на советничките листи и автоматски поголем број советници, што би било еквивалент на реалната тежина на таа структура, а друга политичка структура да освои поголем број градоначалници, како резултат на поширокиот коалициски капацитет, кој особено доаѓа до израз при директен дуел во втор круг.
Дали така ќе испадне на претстојните локални избори во албанскиот блок? Имено, очекувањата главно одат во правец дека Националниот фронт за интеграција, предводен од ДУИ, кумулативно ќе освои повеќе гласови на советничките листи. Иако од овој сојуз излегоа ДПА и Демократската партија на Турците, сепак, дел од него остана Зијадин Села, додека Али Ахмети успеа да го придобие и Арбен Таравари, така што ја обедини и ја привлече речиси цела Алијанса за Албанците, со исклучок на фракцијата на Арбен Фетаи, која остана дел од ВЛЕН и од владата.
Сите досега јавно објавени анкети му даваат предност на НАИ пред ВЛЕН, со тоа што предноста варира од анкета до анкета. Дефинитивно ДУИ не е тоа што некогаш беше, па мора да прави големи коалиции и крупни отстапки за да остане во игра, но, сепак, НАИ во овој формат има одредена предност визави ВЛЕН. Од ДУИ велат дека оваа предност е 3 спрема 1, но анкетата на МКД покажа дека таа е 2 спрема 1. Ако се погледне неодамнешната анкета што ја објави МРТВ, пак, предноста на НАИ изнесува само 1 отсто.
Врз основа на тоа, реално е да се прогнозира дека НАИ како коалиција ќе има предност на советничките листи. Независно што од ВЛЕН најавуваат дека ќе победат убедливо според сите параметри, вклучително и на советничките листи, сепак од таму најчесто акцентираат дека главен критериум по кој ќе се мери и вреднува победникот се градоначалничките места. Притоа, потенцираат дека најбитни се градоначалничките места во големите урбани општини со доминантно албанско население.
Впрочем, ваквата позиција е сосема разбирлива ако се знае дека на ВЛЕН можеби му треба уште малку време да го престигне ДУИ, особено во ситуација кога „интегративците“ им откинаа главен столб од коалицијата и воедно пласираат продорен етнонационалистички наратив. Меѓутоа, големата предност на ВЛЕН е што како владејачка партија има контрола врз институциите и пристап со ресурсите, но ќе има и сесрдна поддршка од ВМРО-ДПМНЕ. Сето тоа му дава право на ВЛЕН да верува дека ќе победи во повеќе градоначалнички битки.
ТЕТОВО – БИТКА ЗА ПРЕСТИЖ И ВЛИЈАНИЕ
Она што е факт, за една коалиција да постигне чиста и недвосмислена победа што никој нема да ја оспорува и проблематизира е да победи во сите аспекти – број на советници, број на градоначалници и број на битни општини. Во спротивно, доколку се случи една страна да има повеќе советници, а друга повеќе градоначалници, ниту една од нив нема да може да демонстрира триумфализам, а тоа особено важи за партијата што нема да освои градоначалници во важните центри.
Хипотетички, како ДУИ би прогласила победа ако освои повеќе советници, па дури и ако освои вкупно повеќе градоначалници, но загуби во Чаир, Сарај, Тетово, Гостивар, Струга, Кичево и во Дебар? Бездруго, победата на советничките листи ќе биде показател дека ДУИ расте и дека на следните парламентарни избори ќе победи, меѓутоа на овие избори нема да може да изгради перцепција дека го има легитимитетот, кога не освоила градоначалник во општините со најголема политичка и симболична тежина.
Во тој контекст, треба да се истакне дека за ДУИ ќе биде особено важен и можеби клучен исходот во 2 општини, каде што директно учествува во трка за градоначалник, и тоа во директен дуел со фронтмените на ВЛЕН. Како што е познато, ДУИ им отстапи многу општини на коалициските партнери, па така Гостивар, Сарај и Врапчиште му припаднаа на Таравари, додека Струга, Дебар и Арачиново на Села. Но, ДУИ со свои кандидати влегува во битка за градоначалник на Тетово и на Чаир.
Што се однесува до Тетово, ДУИ со партискиот потпретседател Бајрам Реџепи го предизвика актуелниот градоначалник и еден од лидерите на ВЛЕН, Биљал Касами. За потсетување, Касами, на локалните избори пред 4 години загуби во првиот круг од Теута Арифи од ДУИ, но во вториот круг победи благодарение на поддршката на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа покажува дека гласањето на етничките Македонци знае да биде пресудно во мнозинските албански средини, кога постои тесна трка меѓу двајца албански кандидати за градоначалници.
Но, во меѓувреме, Касами и ВЛЕН самостојно го победија ДУИ на локално ниво. Во таа насока, на предвремените избори за општински совет убедливо победи листата на Касами, додека на минатогодишните парламентарни избори во Тетово победи ВЛЕН со 17.160 гласови, додека ДУИ освои 16.219 гласови. На истите избори, ВМРО-ДПМНЕ освои 7.660 гласови, што е огромен контингент што ВМРО се обидува да го насочи кон Касами. Згора на тоа, околу 2 илјади гласа има и СДСМ, кој, исто така, не извади кандидат за градоначалник, поради што ДУИ отворено говори дека македонските партии се во тајна коалиција.
Па, ако се земат предвид овие факти и трендови, може да се заклучи дека Касами е фаворит за победа во Тетово. Станува збор за актуелен градоначалник, кој на локално ниво го поразувал ДУИ уште пред ВЛЕН да стане дел од централната власт. Кога ќе се земе во обѕир и очекуваната поддршка од етничките Македонци, може да се прогнозира победа на Касами, освен ако не се испостави дека ДУИ може да покрене силен бран за промени со наративот за сервилност на ВЛЕН кон ВМРО-ДПМНЕ, која, нели, укинува права на Албанците, го загрозува Рамковниот договор итн.
ЧАИР – БИТКА СО НАЈГОЛЕМИ ВЛОГОВИ
И покрај тоа што Тетово традиционално се смета за најбитна општина за Албанците, која и во минатото ДУИ често знаела да ја загуби, главно од ДПА на Мендух Тачи, се чини дека сепак на овие избори, најинтересната битка ќе се одигра во Чаир. Се работи за мала, густо населена скопска општина, но со голема симболика и значење за Албанците, кои добија свој градоначалник по територијалната реорганизација, кога од Чаир се издвои Бутел со мнозинско македонско население. Зошто битката за Чаир е исклучително важна?
Инаку, прв градоначалник-Албанец на Чаир во 2005 година станува Изет Меџити, кој оваа функција ја извршуваше 3 последователни мандати, сè до 2017 година. Тогаш, на чело на општината доаѓа актуелниот градоначалник Висар Ганиу, кој се смета за близок соработник на Меџити, поради што може да се каже дека општината имала контиунитет. Арно ама, работите се замрсија откако Меџити и Ганиу излегоа од ДУИ поради несогласувања со Ахмети околу улогата на Артан Груби, по што станаа дел од ВЛЕН. По ланските избори, пак, ВЛЕН стана дел од владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а ДУИ по 2 децении замина во опозиција.
Со оглед на тоа, Ахмети е особено мотивиран да го освои Чаир и да ја урне локалната империја на Меџити, кој порано беше негов близок соработник, потпретседател на ДУИ и шеф на републички изборен штаб. За таа цел, ДУИ во Чаир настапува со партискиот потпретседател Бујар Османи, кој досега се профилирал како човек од високата политика или т.н. политички тешкаш. Тој бил министер, вицепремиер, па и кандидат за претседател на државата, додека сега за првпат влегува во трка за локална функција.
Откако од Мала Речица официјално ја истакаа кандидатурата на Османи, сè поизвесно беше дека ВЛЕН нема да истрча со сè уште актуелниот градоначалник Ганиу, кој, патем речено, беше погоден и од кампањата на скопската градоначалничка Данела Арсовска за лов на дивоградби во Чаир. Во такви околности, ВЛЕН го исфрли Меџити, кој практично поради кандидатура за 4-ти градоначалнички мандат во Чаир го „жртвува“ своето учество во владата, каде што ги извршува функциите прв вицепремиер и министер за екологија.
Зошто ова е битка со најголеми влогови? Освен тоа што се судираат ДУИ и ВЛЕН на највисоко ниво, битката во Чаир има посебна драматичност и тензија бидејќи се одвива помеѓу довчерашни сопартијци. Фактички, сегашниот потпретседател на ДУИ се соочува со поранешниот потпретседател на ДУИ, кој се отклонил од матицата и станал битен структурен дел од друга политичка формација – ВЛЕН. Згора на тоа, Меџити имаше важна улога во факторизирањето на ВЛЕН и придонесе за падот на ДУИ во опозиција.
Каков исход може да се очекува во Чаир? Ако се слушаат партиските штабови, тие оперираат со 5 до 10 проценти предност, но секој предност му дава на својот кандидат. Добра страна на Османи е тоа што важи за профилиран политичар и ерудит, кој не предизвикува силни негативни емоции кај граѓаните, па дури ни кај етничките Македонци, и покрај тоа што е обвинуван дека ги предал македонските национални интереси. Меџити, пак, е работник, темелен и систематичен, човек од теренот, кој практикува непосреден контакт со граѓаните, поради што упатените му даваат блага предност, дотолку повеќе што може да смета околу 3.000 гласови од ВМРО и евентуално на уште илјада од СДСМ.
ГОСТИВАР – БИТКА МЕЃУ ФАВОРИТ И АУТСАЈДЕР
Уште една битна општина за албанските партии е Гостивар, која важи за упориште на Таравари, чиј кадар Валбон Лимани ќе се судри со Себаедин Даути од ВЛЕН. На последните парламентарни избори, ДУИ во Гостивар освои 11.080 гласови, а ВЛЕН 10.719 гласови, со тоа што треба да се нагласи дека на тие избори Таравари беше дел од ВЛЕН, додека на следните ќе биде партнер со ДУИ. Ако разликата на претстојните избори не е преголема, тогаш главниот тас на вагата може да биде ВМРО-ДПМНЕ, која лани во овој град освои 6.996 гласови.
Сепак, за разлика од Чаир и Тетово, не се очекува ВМРО-ДПМНЕ да има клучна улога во Гостивар, од едноставна причина што таму потенцијалот на здружените ДУИ и АА на Таравари е преголем и ВЛЕН тешко може да го надмине дури и со партнерска поддршка. Дури и без Таравари, ДУИ победи на последните двојни избори. Сега кога Таравари премина од ВЛЕН кон ДУИ, изгледа речиси невозможно ВЛЕН да направи изненадувачки успех.
Освен што ја има поддршката од ДУИ, Лимани ќе може да смета и на значаен дел од турската етничка заедница, која му е наклонета на Таравари. Меѓу другото, Таравари поради Гостивар го напушти ВЛЕН, бидејќи како дел од ВЛЕН веројатно ќе загубеше на овие локални избори, исто како што загуби на последните претседателски и парламентарни избори. Во сојуз со ДУИ, пак, тој му обезбеди фаворитска позиција на неговиот кандидат, додека Ахмети, жртвувајќи ја оваа и уште неколку општини, го ослабна противникот и ги засили сопствените редови.
Воедно, Таравари доби уште една значајна општина – скопски Сарај, каде што многу години неприкосновен е Блерим Беџети од ДУИ. Овде се поставува прашањето колку ќе биде мотивирана структурата на ДУИ да трча за кандидат од друга партија? Доколку оваа мобилизација не биде максимална, тогаш Блерант Рамадани од НАИ тешко ќе дојде до победа, од причина што Алијанса немаше висок рејтинг во Сарај и кога беше на купче, а камоли по процесот на деградација.
Сепак, се очекува релативно висок степен на мобилизација на ДУИ, бидејќи партијата сака да биде поразен кандидатот на ВЛЕН, Мухамед Елзами, близок човек до Меџити. За потсетување, Меџити и Беџети беа водачи на т.н. огнена група, која побара промени и реформи во ДУИ поради преголемото влијание што го имаше Груби. На крајот, Меџити до крај остана верен на оваа линија, што на крај резултираше со негово заминување од ДУИ, додека Беџети одлучи да се врати во ДУИ и сега е шеф на пратеничката група.
Кога така ќе се постават работите, и во Сарај ќе има битка меѓу сегашни и поранешни членови и структури на ДУИ, со таа разлика што нема да биде директна како во Чаир, туку посредна. Доколу Елмази победи на овие избори, под претпоставка дека и Меџити ќе победи во Чаир, тогаш тоа дефинитивно ќе го направи Меџити најсилен албански политички фактор во Скопје. Во прилог на Елмази оди тоа што Меџити успеа да привлече голем дел од некогашната партиска структура на Беџети.
СТРУГА – БИТКА МЕЃУ ПАРТИСКИ И „НЕЗАВИСЕН“ КАНДИДАТ
Понатаму, внимание привлекува и Струга, каде што има специфична ситуација. При внатрекоалициската поделба во НАИ, оваа општина му припадна на крилото на Алијанса на Села, кој одлучи да го кандидира Арсим Далипи. Наспроти него е познатиот стопанственик Менди Ќура, кој не е партиски, туку независен кандидат. Но, тој веднаш ја доби поддршката од ВЛЕН, како и од ВМРО-ДПМНЕ, која лани на изборите освои 6.802 гласови во Струга, што е за над 2 пати повеќе од СДСМ (2.530 гласови).
Поради коалицијата со Села, чиј бастион е Струга, на ланските избори тогашниот Европски фронт на ДУИ направи најдобар резултат во однос на ВЛЕН токму во овој град и оваа 5 изборна единица – соодносот беше 10.224 наспроти 4.607 гласови. Но, грубо кажано, ако овие бројки во целост се пресликаат на локалните избори, Ќура поддржан и од ВМРО и од ВЛЕН ќе го победи кандидатот на Ахмети и Села, при што поголем импакт за таа победа би имала ВМРО отколку ВЛЕН.
Неслучајно ДУИ ја критикува независната кандидатура во Струга, со теза дека на тој начин власта сака да ја изигра мнозинската волја на албанските гласачи. Од друга страна, ВМРО и ВЛЕН тврдат дека ДУИ е во дослух со Левица, која, според нив, исфрли кандидат за градоначалник – Македонец, со цел да ги подели анти-ДУИ гласовите. Во секој случај, Ќура може да смета на успех не само поради поддршката од власта, туку и поради неговиот личен рејтинг како бизнисмен, а во корист му оди тоа што незадоволниот Рамиз Мерко од ДУИ поддржа независна советничка листа.
Многу поголеми шанси за победа Села има во Дебар и во Арачиново, додека неизвесна битка се очекува во многу други помали општини, како Студеничани, Боговиње, Теарце, Желино… Како и да е, исходот во големите градски средини ќе биде пресуден, а во дел од нив, квантумот на гласови што го освојувало ВМРО-ДПМНЕ може да биде одлучувачки за победникот. Но, колку оваа поддршка од ВМРО може да му биде корисна на ВЛЕН, толку може да биде и товар, ако ДУИ почне кампања за масовна регрупација на Албанците со повик да не дозволуваат Македонците да им избираат градоначалници.
Конечно, од сите општини, за круцијални се сметаат Чаир и Тетово. Не само што исходот за градоначалник во значајна мера ќе го детерминира победникот во албанскиот кампус, тоа ќе има последици врз развојот на настаните во двете коалиции. Ако во овие општини победи НАИ, тогаш ДУИ ќе може да прогласи и политичка победа, па ќе го засили наративот дека владата нема легитимитет од Албанците и ќе го зголеми притисокот за вонредни парламентарни избори. Истовремено, тоа ќе предизвика потреси и превирања во ВЛЕН.
Но, доколку победи ВЛЕН, тоа ќе го трасира патот за неколку процеси. Прво, победата ќе ја забрза трансформацијата на ВЛЕН од коалиција во политичка партија. Паралелно, во НАИ најверојатно ќе дојде до турбуленции, така што многу веројатно коалицијата ќе почне да се распаѓа, а во таа смисла најслаба алка ќе биде Таравари, кој е познат дека често ја менува страната. Сосема можно е да дојде и до потреси во ДУИ, особено ако дојдат до израз размислувањата дека партијата мора да се реформира ако сака да претендира во иднина да биде прифатлив партнер во власта.
Изборни трофеи
ЗОШТО ВМРО ГО ПОСАКУВА КИЧЕВО, А СДСМ КУМАНОВО?
Што се однесува до македонскиот политички блок, таму нема речиси никаква неизвесност. Нема дилеми дека ВМРО-ДПМНЕ ќе има генерална победа во однос на СДСМ, која сè уште е во процес на консолидација по изборниот дебакл на ланските избори.
Кога важи за голем фаворит во Скопје и во најголем дел од општините, владејачката ВМРО-ДПМНЕ си постави предизвик да го врати под контрола Кичево, кое по стапувањето во сила на новите територијални граници е управувано од ДУИ.
Инаку, ВМРО-ДПМНЕ и коалицискиот партнер ВЛЕН договорија заеднички настап и соработка во речиси сите доминантно албански општини, не и во Кичево, каде што ќе водат и меѓусебна борба.
За градоначалничката фотелја ќе се натпреваруваат актуелниот градоначалник Фатмир Дехари од ДУИ и министерот за труд Фатмир Лимани од ВЛЕН, но во оваа трка ќе влезе и ВМРО со докторот Александар Јовановски, кој треба да биде поддржан и од СДСМ.
На тој начин, Христијан Мицкоски ќе се обиде во оваа општина директно да го порази ДУИ наместо тоа да го стори посредно, односно преку поддршка на кандидатот на ВЛЕН.
Дали тоа ќе се случи, зависи од многу околности. Ако во втор круг влезат Дехари и Лимани, ВЛЕН има големи шанси за победа поради поддршката на ВМРО-ДПМНЕ, која се изразува во повеќе илјади гласови.
Но, при евентуална трка меѓу Дехари и Јовановски ќе дојде до мобилизација на етничка основа како и на минатите избори, па тогаш во блага предност е кандидатот на ДУИ поради тоа што Албанците се мнозинство. Голем фактор ќе биде и гласањето на турското и ромското малцинство.
Доколку Кичево е најголемиот изборен трофеј што го лови ВМРО-ДПМНЕ, тогаш за СДСМ тоа сигурно е Куманово, голема општина која многу години или поточно децении беше бастион на СДСМ.
Поточно, СДСМ за првпат ја изгуби оваа општина по внатрепартискиот конфликт со Максим Димитриевски, кој потоа се повлече од СДСМ и доби втор градоначалнички мандат со помош на ВМРО-ДПМНЕ. Сега тој се бори за трет градоначалнички мандат повторно со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ.
Но, веќе политичките релации се многу почисти и појасни, па затоа СДСМ се надева дека ќе ја поврати оваа општина преку кандидатот Мартин Костовски. Она што му оди во прилог на Костовски е тоа што важи за прифатлив за бројното албанско малцинство.
Покрај тоа, социјалдемократите сметаат дека кумановци се заситени од Димитриевски, дека одредени „афери“ му наштетиле, како и дека многу вмровци нема да го поддржат од причина што не е изворен вмровец.
Има ли дил?
ВО ЧИИ РАЦЕ ЌЕ ЗАВРШАТ ЦЕНТАР И КАРПОШ?
И скопските општини Центар и Карпош имаат голема важност на локални избори, особено во моменталниот политички контекст и констелација на силите.
Иако ВМРО-ДПМНЕ, на последните парламентарни избори победи во Центар со околу 6 илјади гласови разлика, сепак одлучи оваа престижна општина да му ја препушти на коалицискиот партнер ЗНАМ, односно да го поддржи нивниот кандидат Мирослав Лабудовиќ.
На прв поглед, нема голема политичка логика и резон овој потег на ВМРО-ДПМНЕ, кое сè уште е во полна кондиција и сигурно во преговорите со ЗНАМ можело да помине жртвувајќи друга или евентуално други многу помалку битни општини.
Додека покажува незаинтересираност за Центар, ВМРО-ДПМНЕ покажува голем интерес и желба да го освои Карпош, каде што одамна го промовираше за кандидат за градоначалник Сотир Лукровски, кој е долгогодишен пријател со премиерот Христијан Мицкоски.
Да биде поинтересно, за 5-ти градоначалнички мандат истрча актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски, како кандидат на коалицијата на ГРОМ со ЛДП, Интегра и ПЦЕР.
Независно што СДСМ првично размислуваше да го поддржи Јакимовски, со што тој би имал многу поголеми шанси за победа, на крајот партијата на чело со Венко Филипче одлучи за градоначалник на Карпош да ја кандидира Маја Мојсова.
Зошто ВМРО-ДПМНЕ одлучи да го препушти Центар на коалициски партнер? Зошто СДСМ, пак, одлучи да исфрли свој кандидат во Карпош, кога многу поголеми шанси за победа ќе имаа доколку го поддржеа Јакимовски? Ако во втор круг влезат Лукровски и Јакимовски, кого ќе поддржи СДСМ?
Од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ негираат дека имаат каков било таен договор за овие локални избори, меѓутоа многумина не мислат така. Од ДУИ, на пример, постојано тврдат дека има договор меѓу ВМРО и СДСМ против ДУИ, за што, според нив, доказ е невадењето кандидати за градоначалници во мнозинско албански општини.
Неодамна, оваа дилема ја загатна и сè уште актуелниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, кој тоа што не ја доби довербата од СДСМ за нов градоначалнички мандат го стави во контекст на можен договор за жртвување на општината.
Треба да потсетиме на „бомбата“, каде што се слушаше како ексшефот на тајната полиција Сашо Мијалков открива дека добил понуда од поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, која гласела СДСМ да го жртвува Андреј Жерновски во Центар, а во замена за тоа ВМРО-ДПМНЕ да допушти Андреј Петров да победи во Карпош.
Како што истакна Мијалков, ВМРО-ДПМНЕ ја одбило понудала, што го потврдува и подоцнежниот тек на настаните – Жерновски по неколку круга прегласување победи во Центар, додека во Карпош победи Стевчо Јакимовски.