Амфитеатарот во Кавадарци заминува во историја

by fokus

Амфитеатарот на градскиот плоштад во Кавадарци заминува во историја. Со затворање на амфитеатарот започна реконструкцијата на плоштадот која што градоначалникот Митко Јанчев ја најави уште во февруари, кога општината објави Конкурс за избор на идејно партерно и архитектонско решение за пренамена на дел од градскиот плоштад.

Причината да се промени намената на амфитеатарот и на големата фонтана, да се дополни плоштадот со зеленило и со урбана опрема, но и да се подобри осветлувањето, е поради незадоволството на кавадарчани кое во повеќе наврати го искажуваа на социјалните мрежи.

Според коментарите, амфитеатарот бил нефункционален, но исто така претставувал и опасност за децата, па многу мајки се жалеа дека плашејќи се да не паднат во него, не можат да ги пуштат децата слободно да играат низ плоштадот.

Исто така, граѓаните бараа да се врати стариот изглед на градскиот плоштад, со многу сенки и зеленило.

Инаку, за плоштадот кој беше реконструиран пред околу осум години, беа инвестирани 450.000 евра за поплочување со гранитни плочки, изведба на амфитеатарот и фонтана посветена на богот Дионис. Тогашната реконструкција се случи во времето кога градоначалник беше Александар Панов, и уште на самиот почеток наиде на негодувања кај кавадарчани.

-Амфитеатарот стана слепа точка на плоштадот бидејќи не се користи и не ја остварува функцијата за која е наменет. Големата фонтана која е поврзана со амфитеатарот се покажа како непрактично решение во поглед на тековно одржување и нејзина заштита од вандализам – беше наведено во Конкурсот за избор на идејно партерно и архитектонско решение за пренамена на дел од градскиот плоштад.

Градоначалникот Јанчев објави фотографии од проектот за реконструкција на градскиот плоштад, кои беа дочекани со одобрување од граѓаните, кои уште еднаш порачаа дека колку повеќе зеленило има, толку ќе бидат позадоволни од проектот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости