Ќерката на премиерот Зоран Заев, Александра, ќе зачекори на модната писта во знак на поддршка на лицата со попреченост, на хуманитарниот настан во организација на здружението за помош и поддршка на лица со попреченост ,,Вера” од Струмица.
Настанот ќе се случува во хотел Вила Парк во Струмица на 2 декември, по повод Светскиот ден на лицата со посебни потреби, а од организацијата веќе го потврдија учеството на Александра, која е ученичка во четврта година во СОУ Јане Сандански.
Исто така, и сопругата на премиерот, Зорица Заева ни потврди дека Александра ја прифатила понудата да се појави како придружба на децата модели на ревијата, со цел да се пренесе пораката дека сите сме исти и треба да се стремиме кон прифаќање на различностите.
-Драго ми е што Александра е дел од овој хуман настан, кој годинава ќе се одржи по втор пат. Се надевам дека манифестацијата ќе стане традиција и ќе допринесе во менувањето на јавната свест и подавањето рака на сите, без оглед на различностите. Јас оваа година нема да бидам дел од придружбата на малите модели на модната писта, но секако дека ќе бидам во публиката и ќе бодрам нашите мали херои – изјави Зорица Заева за ,,Фокус”.
Минатата година, кога за прв пат се одржа ревијата насловена ,,Убави сме, свои сме” токму учеството на настанот на сопругата на премиерот го привлече вниманието на јавноста. Нејзиното чекорење по модната писта заедно со децата со посебни потреби беше еден вид на рушење на табу темите, и таа е првата сопруга на премиер во земјава која во име на хуманоста ја прифатила улогата да учествува на модна ревија.
Тогаш ревијата се одржа во клубот ,,Индустриал” во Струмица, и локалот беше претесен за многубројните гости. Посетители од сите краеви на земјата, новинари од голем број на медиумски куќи, но и родители и деца со посебни потреби дојдоа да го проследат настанот, но и да дадат поддршка на идејата на таков начин да се покаже грижата кон овие ранливи категории на граѓани, и да се испрати пораката дека секој заслужува достоинствен живот и прифаќање, без оглед на различностите.
По ревијата лани, Заева ни изјави дека не јавните личности, кои им беа придружба на децата на модната писта, туку токму децата се главните ѕвезди на настанот.
Инаку, Александра Заева е позната по својата скромност и желбата да стои подалеку од јавните случувања. Таа не сака да се експонира во јавност, но хуманиот аспект на манифестацијата бил пресуден без многу размислување да ја прифати поканата, и да даде свој придонес во прифаќањето на овие деца, во ширењето на пораката дека секој е убав на свој начин и како предрасудите треба да заминат во историјата.
Покрај неа, на модната писта ќе зачекорат и шефот на кабинетот на премиерот, Мирјана Јанева, градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, музичарот Васил Гарванлиев, оперската певица Јаворка Витанова, голем број на лекари, бизнисмени, професори и хуманисти.
Вики Клинчарова