Ако не ти се допаѓа „Скопје 2014“ тогаш си против Гоце, Даме, Карев, Ченто… сосе Кирил и Методиј!

by Фокус

Текстот е објавен на 22 февруари 2013-та во неделникот „Фокус“ во бројот 921

Пишува
Јадранка КОСТОВА

Дај му власт за да видиш каков човек е, вели нашата народна мудрост. Европските демократии тоа го формулираа како „власта расипува, апсолутната власт апсолутно расипува”, што е сублимат на вековните искуства дека неограничената моќ ги буди сите човечки ниски страсти.

Но, лидерката на опозицијата во Мјанмар, Аунг Сан Су Чин, при доделувањето на Нобеловата награда во 1991 година, даде многу попрецизна дијагноза: „Не е власта таа која расипува. Стравот од губењето на власта ги расипува оние кои ја вршат власта, како што камшикот од стравот на власта ги расипува оние кои ѝ се покоруваат”!

Од друга страна, големиот Џорџ Бернард Шо го има дадено најлуцидниот коментар за истиот феномен. „Не е вистина дека власта ги расипува луѓето. Вистина е дека ако будалите дојдат до власт, ја расипуваат власта.”- напишал најдуховитиот драматург, Ирецот кој бил социјалист по убедување, а бил познат и по своите остри критики за општеството.

Да живееше Шо во нашево време, да твореше во нашава преродба, сигурно свечено ќе беше устоличен во предавник, оти некои наши правоверни драматурзи како паљачовци ја шират епохалната теза дека власта, која патем никој не смее да ја контролира туку може само да ја воспева, безмалку морално ги возвишува и духовно прочистува оние на врвот, додека долгогодишното опозиционерство ве прави грешник и виновник за сенешто, и по вертикала и по хоризонтала.

Според таквата моронска логика, и мислите на Су Чин, која воената хунта ја држеше 15 години во затвор, овде би добиле шашава смисла, дека стравот од губење на власта ја расипува опозицијата! Да, ова е сосема адекватно на онаа антологиска изјава на контрапротестантката дека сака „власта (на ВМРО-ДПМНЕ, н.з.) да падне, за ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт”!

И во време кога лидерот на власт ги има буквални сите конци во раката- од полиција, судство, законодавен дом, најрелевантните медиуми, инспекции… а кога вакви „мудролии” ама и оние од калибарот дека граѓаните се плашат од лидерот на опозицијата, ќе почнат да ги шират дури и експерти, па биле тие и докажани „експертутки”, тогаш сфаќате дека ѓаволот ја однел шегата.

Уште повеќе, кога професори кои пред една година врескаа од диктатурата на Груевски, денес рецептот за спас го гледаат во – демократизација на опозицијата!

Демек, власта веќе се демократизирала, веројатно откако со полиција исфрли пратеници, па, следствено, помислувате дека работите бајаги ни забегале.

Овојпат имиња не спомнав, почитувајќи ги препораките на Бернард Шо дека „никогаш не треба да се борите со свиња, зашто на крајот и двајцата ќе се извалкате, но свињата ќе ужива во калта“!

КОЈ ОД СТРАВ, КОЈ БЕЗ СРАМ!

Значи, се изнаслушавме една дузина ступидарни ламентации за демократските правила и политички теории, што науката ја поганат до неподносливост. А „аргументите” им се опасни ем за демократскиот живот, ем по менталното здравје на нацијата.

Кога прв пат ќе ги чуете, можеби ќе им се насмеете на бисерите. Ама, тие бесрамно продолжуваат да ги верглаат 24/7. А, нели, 100 пати повторената лага станува вистина. И голема грешка е ако не им посветувате адекватно внимание, верувајќи дека само затоа што тезите им се доволно скарани со политичката логика, нема да фатат корен!

Она што ми остана единствено како дилема е: имаат ли тие воопшто срам при ваквите „стручни” бламажи, или стравот да не загубат или да нѐ не добијат нешто им ги потиснува емоциите за срам некаде повнатре!? А сите почнаа да зборуваат за срамот, иако, очигледно бесрамието царува.

Неодамна Слободан Унковски, во интервју за НоваТВ, меѓудругото, говореше и за слободата и срамот на македонските интелектуалци и уметници. Прогнозираше дека „кога сето ова ќе помине – ќе остане срамот”. Ама додека да дојдеме до тој момент, дотогаш, како што порача, останува борбата за слобода!

Е сега, во тој контекст, „Скопје 2014″ е еден од најконтроверзните проекти од кои сите се нешто се срамат. Впрочем власта и нејзините приврзаници се срамат од „бесрамните” критики, а останатите се срамат од „кичот за кој се фрлија стотици милиони евра”.

За срамот деновиве „разменија мислење” и книжевникот Роберт Алаѓозовски и Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ. Имено, во својот настап пред Министерството за култура, Алаѓозовски на протестот на здружената опозиција кажа дека: „Од земја со историски вредности направија кич со којшто нѐ посрамија како народ и пред светот”!

Но, тие на кои им ја упати критиката, не се посрамија туку реплицираа дека токму Алаѓозовски, доколку себе си се смета за познавач на културата, требало да се срами од својата изјава!

Срам не срам, страв не страв, ама соопштението од „стожерот” на владејачката партија, ме инспирираше да посочам неколку нивни срамни извртувања на стандардите, кои веќе се во фаза да станат правило. Ама правилото е со двојни стандарди – зависи која партија  е на власт, а која е во опозиција!

Како прво, ама не е и прв пат, преродбеничките гласноговорници создаваат клима дека е своевидно предавство ако во контактите со странците искажете незадоволство од власта. Секако, од опозицијата, СДСМ и Бранко, имате право и да врескате, нема да ви замерат ниту да ве анатемизираат и етикетираат.

И во време кога светот е глобално село, кога и во странство вашите размисли и ставови се достапни на консументите, согласно логиката на Центарот за комуникации, вие треба да застапувате спротивно мислење од сопственото, ама во согласност со официјалното!

Па, странските претставници од амбасадите, меѓународните организации или медиумите кога бараат средба со едикојси овде, не се толку зелени. Тие не ја избрале личност по принцип кому иде, туку, токму затоа што знаат какви ставови има, било да е од власта било да е опозициски настроен!

АКО НЕМАШ АКВАРИУМ, ЛОГИЧНО Е ДЕКА СИ – ПЕДЕР!!!

Конкретно, од владејачката партија му забележаа на Алаѓозовски дека, како што срочија, „во неколку наврати досега јавно надвор од државата изнесува чисто партиски квалификации за сите проекти од областа на културата, за потоа своите квалификации да ги претстави како ставови на светски експерти и уметници“!

Не знам какви ставови требал да застапува и чии партиски квалификации, можеби требало вмровските, но, светски експерти и уметници самите ги изнесувале своите експресии откако со свои очи ќе го снимеле нашиот градителско-грандиозен потфат на плоштадот. Или, и тие не смеат да изнесат став!

При тоа, зошто кога груевци беа опозиција, беше третирано како исправно да ги алармираат истите светски адреси за недемократските методи на сдсмовската власт?! Самиот Груевски, во интервју за „Фокус”, раскажуваше дека реагираат со сите можни средства и инструменти што им се на располагање.

„Ја известуваме меѓународната заедница, ги известуваме сите меѓународни невладини организации за нарушување на човековите права, подготвивме неколку извештаи што до сега се испратени на многу адреси; детално и аналитички разговараме на сите нивоа, го истакнуваме тоа и во јавноста”…

И ова беше во ред, како што сметам дека и сегашната опозиција, но и секој инакумислечки човек треба да ги има истите слободи. Или, нивните ставови тогаш не беа партиски?  Да прашам, не ли им е срам сега да пропагираат поинакви правила на игра? Или, страв им е дека ако бидат толерантни кон ваквите критики, да не се охрабрат и други да ги споделат јавно своите уметнички впечатоци за владиното милениче „Скопје 2014″!?

Како втор грев на критичарот, му припишаа дека имал „мошне извртен пристап кон фактичката состојба”. И потоа ја извртеа фактички работата, со прашањето: „Дали за него е кич подигањето на споменик на Никола Карев, на Гоце Делчев, Даме Груев, Ченто, Димитрија Чуповски, Браќата Кирил и Методиј, изградбата на Стариот театар, изградбата на филхармонија, новата зграда на МНР. Демек ем историски ликови, ем градби во исти кош!

Па го прозваа Алаѓозовски, доколку тој се срами од овие работи, кои се дел од културата и историјата на овој народ и оваа држава, тогаш пред јавноста да кажел „дали и како ги перцепира овие ликови и зошто од нив се срами”!

Ауууу!!! И какво наравоучение да изведеме по оваа преродбеничка лекција? Ако уметничкиот впечаток за делата на плоштадот ви е дека мирисаат на кич, тогаш автоматски сте против Гоце и Даме, Карев и Ченто, ем браќата Кирил и Методиј! Ако си против Скопје 2014, било од естетски и расипнички аспект, тогаш сигурно се срамиш од овие историските ликови, чии скулптури се распослани во центарот!!!

И ако решат да направат за секој од овие историски ликови уште по десет реплики, ќе мораш да си траеш за да не ти измерат уште поголем срам од великаните!

Простете, ама туѓиот срам ме изеде од логичното им расудување. Како во оној стар виц за „милицајската логика”, која одела по следниов ред: ако имаш аквариум значи ги сакаш рибите, а со тоа ги сакаш и животните. Кој ги сака животните автоматски ги сака и луѓето, а особено жените. И тоа значело дека не е педер. И потоа вака изгледало логичното расудување  во пракса: Ако немаш аквариум значи логично е дека си педер!

Без страв ќе се обидам да ја доразвијам оваа срамна логика, за да се види апсурдноста. Ако според релевантни анкети дури 57,8 отсто од граѓаните имале негативно мислење за Скопје 2014, дали безмалку 60 отсто од популацијата ни се срами од Гоце, Даме, Карев или Ченто?! Кој треба тука да се срами!?

БИЗАРНА ОПСЕСИЈА

И само за уште еден портокалов феномен, и тоа поврзан за парите. Ај што ќе се пофалат колку нивната влада издвојувала за култура, туку можеме да ги пофалиме и ние колку се добро запознаени со финансиските трансакции од буџетот за секој опозиционер, иако по правило не знаат колку пари одат на владините реклами, ниту на кои адреси кои суми завршуваат.

И така, во соопштението му плеснаа на Алаѓозовски, кој уште рекоа дека „се поврзува со издавачката куќа Готен”, дека досега користел средства во износ од 300 илјади денари за претставување на книжевното творештво на РМ на меѓународниот саем во Лајпциг во 2012, а за учеството на истата манифестација во 2011 е поддржан со 250 илјади денари”!

И што сакал да каже писателот со тоа? Секој што ќе добие народни пари за некаков проект мора да ги велича сите владини потези и споменично-градителски зафати! Посакувам некој од оние медиуми кој ги затрупаа со владини реклами, случајно да згреши да стори некоја критичка дума за Скопје 2014, оти само тогаш можеби Центарот за комуникации ќе обзнани колку средства добила таа куќа под графата – владини огласи.

Или, ако, бре знаат наизуст колку земал Алаѓозовски, нека пуштат душа и за сите скулптори и уметници … Или, со тие детали ќе нѐ почестат кога некој од нив, евентуално  ќе скрене од зацртаниот курс – да биде возљубен во сите потези на власта, па ќе стори голем грев макар и со блага дума дека нешто можело и подобро!

Кога како опозициски лидер Груевски се жалеше дека власта на СДСМ целосно ги игнорира сите нивни критики и забелешки, даде и визионерски расплет. Рече дека тоа ќе им се врати како бумеранг! И, им се врати. Изгубија на изборите во 2006 година.

Дали верува дека, кога сега тие како власт целосно ги игнорираат критиките на актуелната опозиција, бумерангот ќе врти, ќе врти… за повторно да заврши кај опозицијата? Можеби затоа што ВМРО-ДПМНЕ не само што ги игнорира критиките, туку на критичарите уште им дава и предавнички статус!?

И сега, кој треба да се срами во нашата Македонија? Сметам дека СДСМ треба да се срами што го воспостави системот, во кој партиската книшка железни врати отвара, каде послушниците се наградуваат, климоглавците напредуваат, во кој еден центар ги контролира сите па и оние независните според уставот.

Ама, ВМРО-ДПМНЕ треба да се срами што таквиот систем го надгради и прошири. И уште повеќе да се засрами што вака „препороден” сака да ни го протури како поинаков, како демократски. Како што сите советски лидери кои се менувале во Кремљ после смртта на Сталин, ем жестоко го критикувале ем истовремено бесрамно уживале благодати од неговиот производ

Имено, Сталин создал државен апарат којшто ги штител оние кои биле на власт. И неговите наследници биле многу среќни што го имаат таквиот систем бидејќи со него избегнувале многу прашања. Дисидентите од сталиновото време, потоа биле слободни да го критикуваат нивниот џелат, но не и оние кои биле моментално на власт.

Значи, сталинизмот бил отстранет, но структурата на тоталитарната држава што ја креирал останала. Така и сега, можеш слободно да го критикуваш Црвенковски, дури и власта ќе ве пофали и награди за тоа, ама ваквата вербална гимнастика на адреса на актуелната владејачка врхушка е опасна по животот на фирмите, слободата на поединците или барем нивниот углед и чест.

Можеби затоа потрошија милиони во црната кампања против лидерот на опозицијата, ем пренасочувајќи го вниманието од себе, а со ваквото перење мозоци, доколку не се пере уште нешто со тоа, покажаа и дека барем имаат страв од нешто и некој.

Затоа некои овој феномен го окарактеризира како „неконтролирана и бизарна опсесија на Груевски со Црвенковски”. Оти дури ни неговата опсесија веќе нема да може да го контролира револтот кај граѓаните! Народски кажано – веќе не е до Бранко, до Никола е!

ЕМОЦИОНАЛНО НЕЗРЕЛИ ЛИЧНОСТИ И МАНИПУЛАНТИ

Кога бесрамието царува, кога бесрамниците се главни ѕвезди во јавната реч, кога срамот е некакво чувство кое е веќе реликт од минатото, тогаш работата е веќе зрела за психијатри и психолози. Дијагнозата не ќе да ни е на арно. А, нели, она што е најдефицитарно, тоа доживува хиперпродукција во вербална смисла.

Се сеќавам кога во 1994 година, после првиот круг на парламентарните и претседателските избори, од владејачкиот Сојуз за Македонија (СДСМ, ЛП и СПМ) удрија весела математика на гласовите, само Киро Глигоров да биде победник уште во првиот круг, режисерот Љубиша Георгиевски тогаш кусо заклучи: „Денеска срамот ја напушти Македонија”! Оти и за него, како противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, не бече спорно дека Глигоров победува во вториот круг. Разликата беше голема, ама токму затоа беше срамно и да се силува изборната победа!

Во таа смисла, срамот уште не се вратил во ова веќе античко тло, иако на сите им е полна устата со срам, ама прозивајќи го другиот. Се лаже без срам, се извртуваат сите принципи. Психолозите велат дека секоја лага има своја цена која ја плаќаме со својата самодоверба и другите вредности кои ги носиме во себе.

Од друга страна, личноста која секојдневно изговара лаги, во големи количини ама и доста убедливо, небаре изговараат чиста вистина, веќе се дијагностицира како патолошки лажго.

А зошто лажеме? Една од најчестите причини за лажење е стравот од последиците од вистината. Некои лажат затоа што се плашат дека ќе бидат казнети. Непријатно им е, ќе изгубат некаков статус или, барем, нема да го добијат она што сакаат ако ја изговорат вистината. А лагата е и добро орудие за манипулација со другите. Луѓето мислат дека со лагата се штитат себе си, но лажењето, според стручната литература, може да биде погубно за здравјето и среќата!

Имаат ли нашите лажговци срам? Или, зошто не чувствуваат срам? Според некои психијатри, кои ги консултирав, срамот е зрела емоционална реакција. Но, има луѓе кои заостануваат во емоционалниот развој, иако добро се развиваат интелектуално и се интелигентни. Е таквите и кога лажат немаат срам, иако дел од нив го прават тоа од манипулативни побуди. Според ова можам да заклучам дека на политичката и јавната сцена доминираат емоционално незрели личности и манипуланти!

Сепак, еден од психијатрите со зрак надеж ми изјави дека кога ги гледал снимките од собранието од црниот понеделник, како експерт дијагностицирал дека кај дел од пратениците кои мирно седеа додека колегите од опозицијата ги исфрлаа од салата, сепак забележал од нивните лица срам, ама и дека се под притисок на силен страв!

Од друга страна, според некои психолози, личноста се ослободува од срамните чувства преку гневот како механизам. Ако оваа негативна енергија односно гневот се насочува навнатре, овие ликови се мазохистички настроени, внесени во самокритицизам и самоомраза. Вакви, имено, тешко да детектирам на јавната сцена зашто, нели, секогаш другите им се виновни за се.

А за ваквите, кај кои негативната енергија е насочена кон надворешноста, тоа тогаш се манифестира во форма на „садистичка агресија која наликува на примитивна одмазда”. Е од вакви врие на нашата сцена. И тоа ме прави песимист дека скоро ќе се оправиме.

А, ако се прашувате зошто навлегов на туѓа територија – психологијата и психијатријата, за срамот и стравот, одговорот е прост – оти македонската транзиција станува дијагноза, а преродбата ја издигна уште и на квадрат. Стравот ни е константа, а срамот е дефицитарна емоција.

Само што историјата покажала, дури и оние кои се оперирани од срам, за нивните државнички дострели, за жал, ќе треба да се срамат нивните деца и внуци!

Поврзани новости