Тираниите никаде не траеле долго

by Фокус

Вториот дел од фељтонот „Од диктатура до демократија“ е објавен на 8 февруари 2013. На овој линк можете да го прочитате првиот дел. 

Подготвил
Александар ДИМИТРОВ

Книгата „Од диктатура до демократија“ на почесниот професор на политички науки на Универзитетот во Бостон и основач и претседател на „Алберт Ајнштајн институцијата“, Џин Шарп, за првпат е објавена во Бурма во 1993 година. Во САД веќе доживеа четири изданија, а досега е преведена и објавена на повеќе од 30 јазици. За овој поширок преглед на нејзината содржина, длабоките анализи и мудри совети како да се урне диктатурата и луѓето да живеат во мир и слобода, го користевме четвртото американско издание. За оние кои веруваат дека во Македонија цвета демократијата, како и оние за кои актуелниот режим е опишан како диктатура, извадоците од книгата на Шарп што ви ги пренесуваме во неколку продолженија, ќе бидат интересно четиво.

 Во денешното продолжение ја пренесуваме Главата II која се однесува на опасностите од преговори меѓу диктатурите и демократската опозиција. Независно дали се однесуваат на ограничување или укинување на диктатурите и воспоставување на политичка слобода и мир, или на предавање на диктаторите, тие кријат многу опасности и не се најсоодветни. Преговорите подразбираат заемна согласност, а за фундаменталните прашања како што се човековите слободи или развојот на општеството, не може да има компромис, смета Шарп. Не преговорите, туку отпорот на народот е единствена алтернатива. Диктаторите никогаш нема доброволно да се откажат од моќта, за која се говори во Главата III од која е даден почетокот.

5 LAVОПАСНОСТИТЕ ОД ПРЕГОВОРИ

Кога ќе се соочат со сериозните проблеми во спротивставувањето на диктатурата (за што се зборуваше во првата глава), некои луѓе може да потпаднат во пасивна покорност. Други, не гледајќи изгледи за постигнување на демократија, може да заклучат дека мора да се помират со навидум трајната диктатура, надевајќи се дека низ „смирување“, „компромис“ и „преговори“ тие може да спасат некои позитивни елементи и да прекинат бруталностите. На прв поглед, во отсуство на реални опции, таквото размислување има некои предности.

Сериозната борба против бруталните диктатури не е пријатна перспектива. Зошто е потребно да се оди по тој пат? Зарем не може сите да бидат разумни и да најдат начин за разговор, да се договорат за постепено завршување на диктатурата? Не може ли демократите да ги повикаат диктаторите на чувството за човечност и да ги убедат, малку по малку, да ја намалат својата доминација и, можеби, конечно потполно да се повлечат и да овозможат воспоставување на демократија?

Понекогаш се тврди дека сета вистина не е на едната страна. Можеби демократите погрешно ги разбрале диктаторите, кои можеби дејствувале со добри мотиви во тешки околности? Или можеби некои мислат дека диктаторите со задоволство би се повлекле од тешката ситуација со која е соочена земјата, доколку само бидат охрабрени и поттикнати на тоа. Може да се тврди дека на диктаторите треба да им се понуди „вин-вин“ решение, во кое секој добива по нешто. Ризиците и болките од натамошна борба би можеле да избегнат, би рекле некои, само ако демократската опозиција би сакала мирољубиво да го реши конфликтот со преговори (кои би можеле дури да бидат помогнати од некои вешти поединци или дури од странска влада). Зарем тоа не би било подобро отколку тешка борба, дури иако таа се води ненасилно а не со воени средства?

ВРЕДНОСТИ И ОГРАНИЧУВАЊА НА ПРЕГОВОРИТЕ

Преговорите се мошне корисна алатка за решавање на одредени видови на прашања во конфликтите и не треба да бидат занемарени или отфрлени кога се соодветни.

Во некои ситуации во кои не се влог фундаменталните прашања, па со тоа компромисот е прифатлив, преговорите може да бидат важно средство за решавање на конфликтот. Работничкиот штрајк за повисоки плати е добар пример за соодветна улога на преговорите во конфликтот: договореното решение може да донесе зголемување, некаде меѓу првично предложените суми на секоја од спротивставените страни. Работните спорови со синдикатите, меѓутоа, се сосема различни од конфликтите во кои се работи за продолжување на суровата диктатура или за воспоставување на политичката слобода.

Кога се работи за фундаментални прашања кои се однесуваат на религиозни принципи, човековите слободи, или целиот иден развој на општеството, преговорите не се начин за постигнување на заемно задоволувачко решение. За некои основни прашања не може да има компромис. Само промената на односите на моќта во полза на демократите може да е соодветна заштита на основните прашања за кои се работи. Таквата промена ќе се случи со борба, не со преговори. Тоа не значи дека преговори не смее никогаш да се користат. Поентата е во тоа дека преговорите не се реален начин да се отстрани една силна диктатура во отсуство на моќна демократска опозиција.

Преговорите, се разбира, можеби и воопшто не се опција. Цврсто вкопаните диктатори кои се чувствуваат безбедни на својата позиција може да одбијат да преговараат со нивните демократски противници. Или, кога преговорите ќе започнат, демократските преговарачи може да исчезнат и ништо да не се разбере за нив.

ПРЕГОВОРИ ЗА ПРЕДАВАЊЕ?

Поединците и групите кои се спротивставуваат на диктатурата и даваат предност на преговорите често имаат добри мотиви. Особено кога долгогодишната оружена борба против бруталната диктатура е без изгледи за конечна победа, разбирливо е дека сите луѓе со било кое политичко убедување ќе сакаат мир. За преговори многу веројатно ќе се определат демократите особено кога диктаторите имаат јасна воена супериорност, а уништувањето и загубите кај сопствениот народ веќе се неподносливи. Тие тогаш ќе бидат во големо искушение да изнајдат било кој друг пат со кој би можеле да спасат некоја од демократските цели и притоа да заврши циклусот на насилство и контранасилство.

Понудата на диктатурата за „мир“ преку преговори со демократската опозиција, се разбира, е прилично неискрена. Диктаторите можат веднаш да го прекинат насилството, ако само престанат да војуваат против сопствениот народ. Тие можат на своја иницијатива и без никакви преговори да воспостават почитување на човечкото достоинство и на човековите права, да ги ослободат политичките затвореници, да ја прекинат тортурата, да ги запрат воените операции, да се повлечат од владата и да му се извинат на народот.

Кога диктатурата е силна, а иритирачкиот отпор постои, диктаторите може да посакаат да преговараат со опозицијата за предавање под изговор склопување на „мир“. Повикот за преговори може да звучи привлечно, но во преговарачката соба се кријат сериозни опасности.

Од друга страна, кога опозицијата е исклучително силна а диктатурата е вистински загрозена, диктаторите може да побараат преговори за да спасат што може повеќе од својата власт или богатство. Во ниту еден случај демократите не треба да им помогнат на диктаторите да ги остварат нивните цели.

Демократите треба да се чуваат од стапиците кои диктаторите може намерно да ги вградат во преговарачкиот процес. Повикот за преговори за основните прашања на политичките слободи може да е обид на диктаторите да ги наведат демократите дека мирољубиво ќе се предадат, а насилството на диктатурата да продолжи. Во ваквите видови на конфликти, соодветна улога на преговорите може да се случи само на крајот од решителната борба во која моќта на диктатурите е успешно уништена, а тие ќе бараат лично безбедно поминување до меѓународниот аеродром.

МОЌТА И ПРАВДАТА ВО ПРЕГОВОРИТЕ

Ако оваа оценка за преговорите звучи преостро, можеби би требало некои романтичарски претстави за нив да се ублажат. Треба да е јасно како функционираат преговорите.

„Преговарањето“ не значи дека двете страни ќе седнат заедно врз рамноправна основа и низ разговори ќе ги решат разликите кои довеле до конфликтот меѓу нив. Две работи мора да се запомнат. Прво, во преговорите релативната оправданост на спротивставените гледишта и цели не ја определува содржината на преговараната спогодба. Второ, содржината на постигнатата спогодба во многу зависи од капацитетот на моќта на секоја од страните.

Неколку тешки прашања мора да се разгледаат. Што секоја страна подоцна може да направи за да ги оствари своите цели ако со другата страна не успее да постигне договор на преговарачката маса? Што може секоја страна да направи откако договорот е постигнат, ако другата страна го прекрши својот збор и ги употреби своите расположиви сили за да ги оствари сопствените цели и покрај договорот?

Во преговорите не може да се постигне решение со проценка на исправноста или погрешноста на прашањата за кои се работи. Иако за нив може многу да се дискутира, вистинските резултати во преговорите зависат од проценката на апсолутната и релативната состојба на моќта на спротивставените страни. Што демократите можат да направат да се сигурни дека нивните минимум барања нема да бидат отфрлени? Што диктаторите можат да направат за да ја задржат контролата и да ги неутрализираат демократите? Со други зборови, ако дојде до договор, тој поверојатно ќе е резултат на оценката на секоја страна колку другата страна е моќна во споредба со неа, а потоа пресметка како отворената борба би можела да заврши.

Внимание, исто така, мора да се посвети и на тоа од што секоја страна е спремна да се откаже за да се постигне договор. За успешни преговори треба компромис, надминување на разликите. Секоја страна добива дел од она што сака, а се откажува од дел на своите цели.

Во случај на екстремни диктатури, што продемократските сили треба да им попуштат на диктаторите? Кои цели на диктаторите продемократските сили треба да прифатат? Дали демократите треба да им дадат на диктаторите (без разлика дали се политичка партија или воена клика) со уставот заснована постојана улога во идната влада? Каде е во тоа демократијата?

Дури и под претпоставка дека сѐ да оди добро во преговорите, неопходно е да се праша: Каков вид на мир ќе биде постигнат? Дали животот потоа ќе биде подобар или полош отколку што би бил, ако демократите започнаа или продолжија да се борат?

Justinijan„СОГЛАСНИ“ ДИКТАТОРИ

Диктаторите може да имаат различни мотиви и цели како основа на нивната доминација: моќ, позиција, богатство, преобразување на општеството и слично. Треба да се запомни дека ништо од ова нема да постигнат ако тие ја напуштат власта. Во случај на преговори, диктаторите ќе се обидат да ги заштитат своите цели.

Што и да ветат и понудат диктаторите во постигнатиот договор, никој никогаш не смее да заборави дека диктаторите може да ветат било што за да ја обезбедат покорноста на демократските опоненти, а потоа дрско да ги прекршат истите тие договори.

Ако демократите се согласат да го запрат отпорот за да ја одложат репресијата, може многу да се разочараат. Запирањето на отпорот ретко носи намалување на репресијата. Веднаш штом ќе се отстрани ограничувачкото дејство на внатрешната и на меѓународната опозиција, диктаторите може угнетувањето и насилството да ги направат уште побрутални од претходно. Со колапсот на народниот отпор често исчезнува силата која била противтежа и ја ограничувала контролата и бруталноста на диктатурата. Тираните тогаш може да тргнат против било кого сакаат. „Тиранинот има моќ да ни направи само она за што ни недостасува снага да му се спротивставиме“, напишал Кришналал Шридхарани.

Отпорот, а не преговорите, е суштински за промени во конфликти кога се работи за фундаментални прашања. Во речиси сите случаи, отпорот мора да продолжи за да ги истера диктаторите од власт. Успехот најчесто не зависи од преговорите за решение, туку од мудрото користење на најсоодветни и најмоќни средства достапни на отпорот. Наше тврдење, кое подоцна ќе биде објаснето подетално, е дека политичкиот пркос, или ненасилната борба, е најмоќното средство што е достапно на оние кои се борат за слобода.

КАКОВ ВИД НА МИР?

Ако диктаторите и демократите воопшто треба да разговараат за мир, треба крајно трезвено размислување за опасностите кои со тоа се поврзани. Не секој што го користи зборот „мир“ сака мир кој носи слобода и правда. Покорувањето на суровата репресија и пасивното препуштање на окрутните диктатори кои извршиле злосторства врз стотици илјади луѓе, не е вистински мир. Хитлер често повикуваше на мир, под што подразбираше покорување на неговата волја. Мирот за кој диктаторите најчесто говорат не е ништо повеќе од мир во затворите или во гробот.

Има и други опасности. Добронамерните преговарачи понекогаш ги мешаат целите на преговорите и самиот преговарачки процес. Натаму, демократските преговарачи или странските специјалисти за преговори кои прифатиле да помогнат, со еден потег можат на диктаторите да им дадат домашен или меѓународен легитимитет кој дотогаш им бил ускратен поради узурпација на државата, кршење на човековите права и бруталноста. Без тој крајно потребен легитимитет, диктаторите не може да продолжат да владеат бесконечно. Поборниците на мирот не треба да им дадат легитимитет.

skopje-vivi-tomi-1ПРИЧИНИ ЗА НАДЕЖ

Како што веќе е кажано, лидерите на опозицијата може да сметаат дека се принудени на преговори свесни дека демократската борба е безнадежна.

Меѓутоа, чувството на безнадежност може да се промени. Диктатурите не се вечни. Луѓето кои живеат под диктатурите не мора да останат слаби, а на диктаторите не смее да им се дозволи бесконечно да останат моќни. Аристотел одамна забележал: „Олигархијата и тиранијата се пократки од било кое државно уредување… Никаде тираниите не траеле долго“. Денешните диктатури се исто така ранливи. Нивните слабости може да се влошат и моќта на диктаторите да се распадне. (во четвртата глава подетално ќе ги разгледаме овие слабости).

Поновата историја ја покажува ранливоста на диктатурите и открива дека тие може да се распаднат во релативно краток период: додека за соборување на комунистичката диктатура во Полска беа потребни десет години (1980-1990), во Источна Германија и во Чехословачка во 1989 тоа се случи за неколку недели. Во Салвадор и во Гватемала, во 1944, борбите против бруталните воени диктатори кои цврсто ги држеа своите позиции траеја отприлика две недели секоја. Моќниот воен режим на иранскиот шах се распадна за неколку месеци. Диктатурата на Маркос на Филипините падна пред моќниот народ за неколку недели во 1986: владата на САД брзо го напушти претседателот Маркос штом снагата на опозицијата стана очигледна. Обидот за државен удар од следбениците на цврстата линија во Советскиот Сојуз, во август 1991, беше блокиран за само неколку денови со политички пркос. После тоа, многу од државите кои долго беа под советска доминација за само неколку денови, недели и месеци ја повратија нивната независност.

Старата предрасуда дека насилните средства секогаш делуваат брзо а ненасилните средства секогаш бараат огромно време, јасно е дека не е валидна. Иако можеби треба многу време да се промени основната состојба во општеството, вистинската борба против диктатурата понекогаш може да се случи релативно брзо со ненасилна борба.

Преговорите не се единствена алтернатива за продолжување на војната до уништување на една страна и капитулација на другата. Токму наведените примери, како и наброените во првата глава, покажуваат дека постои и друга опција за оние кои сакаат и мир и слобода: политички пркос.

ОД КАДЕ ДОАЃА МОЌТА?

Постигнување на општество на слобода и мир, се разбира, не е едноставна задача. Тоа ќе бара голема стратешка вештина, голема организација и планирање. Но, пред сѐ, тоа ќе бара моќ. Демократите не може да се надеваат дека ќе ја соборат диктатурата и ќе воспостават политичка слобода ако не се способни ефикасно да ја употребат сопствената моќ.

Но, како тоа е можно? Каков вид на моќ демократската опозиција може да мобилизира што ќе биде доволна да се уништи диктатурата и нејзината голема воена и полициска мрежа? Одговорот лежи во честото неразбирање на политичката моќ. Да се осознае што всушност е таа, навистина не е тешка задача. Некои основни вистини се сосема едноставни.

 


ПРИКАЗНА ЗА „ГОСПОДАРОТ НА МАЈМУНИТЕ“

 Кинеската парабола од XIV век, чиј автор е Лиу Џи, на пример, одлично го опишува несфаќањето на политичката моќ:

„Во феудалната држава Чу еден старец успевал да преживее затоа што ги тераше мајмуните да работат за него. Народот на Чу го нарече „џу гонг“ (господар на мајмуните).

Секое утро старецот ќе ги собереше мајмуните во дворот и на најстариот му наредуваше да ги води другите во планина да берат плодови од грмушките и дрвата. Правило беше секој мајмун на старецот да му даде една десетина од тоа што собрал. Оние што тоа нема да го направеа беа сурово камшикувани. Сите мајмуни тешко живееја, но не се осмелуваа да се жалат.

Еден ден, едно мајмунче ги праша другите мајмуни: „Дали старецот ги посадил сите овошни дрва и грмушки?“ Другите рекоа: „Не, тие растат природно“. Мајмунчето потоа праша: „Зарем не можеме да ги земеме плодовите без дозвола на старецот?“ Другите одговорија: „Да, можеме“. Мајмунчето продолжи: „Тогаш, зошто зависиме од старецот, зошто мора да му служиме?“

И пред мајмунчето да доврши со мислата, мајмуните одеднаш се освестија и разбудија.

Уште истата ноќ, кога старецот заспа, мајмуните ги откорнаа колците од утврдувањето во кое беа затворани и целосно го уништија. Тие исто така ги зедоа сите плодови кои старецот ги чуваше во складот и ги однесоа со себе во шумата и никогаш веќе не се вратија. Старецот на крајот умре од глад“.

……

Луи Џи вели: „Некои луѓе во светот го владеат својот народ со трикови а не со праведни принципи. Не се ли тие како господарот на мајмуните? Не се ниту свесни за својата нарушеност. Штом народот ќе се освести, нивните трикови веќе не делуваат.“

НЕОПХОДНИ ИЗВОРИ НА ПОЛИТИЧКА МОЌ VMRO-DPMNE

Принципот е едноставен. На диктаторите им е потребна помош од народот кој го владеат, без неа тие не може да ги обезбедат и да ги одржат изворите на политичката моќ. Изворите на политичката моќ вклучуваат:

• Авторитет, верување меѓу луѓето дека режимот е легитимен и дека тие имаат морална обврска да му се покоруваат;

• Човечки ресурси, број и значење на лицата и на групите кои се послушни, кои соработуваат или кои им пружаат помош на владетелите;

• Вештини и знаење, потребни на режимот за да презема специфични акции обезбедени од кооперативни поединци и групи;

• Нематеријални фактори, психолошки и идеолошки фактори кои може да ги убедат луѓето да им се покоруваат и да им помагаат на владетелите;

• Материјални ресурси, степенот до кој владетелите имаат контрола или пристап до сопственоста, природните ресурси, финансиските ресурси, економскиот систем и средствата за комуникација и транспорт; и

• Санкции, казни, закани или веќе применети, против непослушните и некооперативните за да се обезбеди покорност и соработка, потребна на режимот за да постои и да ги спроведува своите политики.

Сите овие извори, меѓутоа, зависат од прифатеноста на режимот, од покорноста и послушноста на населението и од соработката на безброј луѓе и многу институции во општеството. Тие не се гарантирани.

Целосната соработка, послушноста и поддршката ја зголемуваат достапноста на потребните извори на моќ, а со тоа и моќта на било која влада.

Од друга страна, кога народот и институциите ќе ја откажат соработката со агресорите и со диктаторите, се намалува, па дури може и да прекине, располагањето со изворите на моќ од кои владетелите зависат. Без достапноста на овие извори, моќта на владетелите слабее и конечно исчезнува.

Природно, диктаторите се чувствителни на акциите и идеите кои ја загрозуваат нивната моќ да прават што сакаат. Затоа, диктаторите веројатно ќе им се закануваат и ќе ги казнуваат оние што се непослушни, кои штрајкуваат или не соработуваат. Меѓутоа, тоа не е крај на приказната. Репресијата, дури и бруталноста, не секогаш резултираат со повторно прифаќање на оној степен на потчинетост и соработка потребни режимот да функционира.

Ако и покрај репресијата, изворите на моќ се ограничат или прекинат доволно време, тоа првично кај диктатурата ќе предизвика несигурност и збунетост. Потоа, веројатно ќе уследи видно слабеење на нејзината моќ. Со тек на времето, блокирањето на изворите на моќ може да произведе парализа и немоќ на режимот, а во потешки случаи, негово распаѓање. Моќта на диктаторите ќе умира, бавно или брзо, поради политичко изгладнување.

Значи, степенот на слобода или на тиранија на било која влада во голема мера е одраз на релативната решителност на поданиците да бидат слободни и на нивната волја и способност да се спротивстават на настојувањата да бидат поробени.

Спротивно на општото мислење, дури и тоталитарните диктатури зависат од населението и општеството со кое владеат. Како што политикологот Карл В. Дојч во 1953 година забележа:

„Тоталитарната власт е силна само ако не мора пречесто да се користи. Ако тоталитарна власт мора да се користи цело време против целото население, малку е веројатно дека долго ќе остане моќна. Бидејќи на тоталитарните режими им треба повеќе моќ за да се справат со нивните поданици отколку на другите типови владеење, таквите режими имаат поголема потреба од општа и сигурна попустливост на својот народ; уште повеќе, тие мора да бидат во можност да сметаат на активна поддршка барем од позначајните делови на населението во случај на потреба“.

Англискиот теоретичар на правото од деветнаесеттиот век, Џон Остин ја опишал ситуацијата кога диктатурата се соочува со незадоволниот народ.

Остин тврди дека ако мнозинството население е решено да ја разурне власта и е спремно да ја издржи репресијата за да го направи тоа, тогаш нејзината сила, вклучувајќи ги и оние кои ја поддржуваат, не може да ја заштити омразената власт, дури и ако добие странска помош. Пркосните луѓе не може со сила да биде вратени во покорност и потчинетост, заклучува Остин.

Николо Макијавели многу порано тврдеше дека владетелот „…кој целиот народ го има за свој непријател, никогаш не може да биде безбеден; колку е поголема неговата суровост, толку послаб станува неговиот режим“.

Практичната политичка примена на овие сознанија се покажа во Норвешка од херојските припадници на движењето на отпорот против нацистичката окупација, како што е наведено во првата глава, од храбрите Полјаци, Германци, Чеси, Словаци и многу други кои се спротивставија на комунистичката агресија и диктатура, што на крајот помогна за колапсот на комунистичкото владеење во Европа. Ова, се разбира, не е нова појава: случаи на ненасилен отпор датираат уште од 494 п. н. е. кога плебејците престанаа да соработуваат со своите римски патрициски господари. Ненасилната борба, во различни периоди, ја применувале народите во Азија, Африка, двете Америки, Австралија, островите во Пацификот, како и во Европа.

Според тоа, три најважни фактори кога се утврдува до која мера моќта на една власт ќе биде контролирана или неконтролирана, се: 1. релативната желба на народот да ја ограничи моќта на власта; 2. релативната снага на независните организации и институции на поданиците колективно да ги отстранат изворите на моќта; и 3. релативната способност на населението да ја ускрати својата согласност и помош.

(продолжува)

Поврзани новости